Вакцините против ковид немаат магнетизирачко дејство

Фото: скриншот од дел од објавата

Од почетокот на пандемијата до денеска, во јавниот дискурс една по една се појавуваа разни дезинформации и дезинформациски трендови, спротивни на медицинската и другите науки. Тие безмалку веднаш се пренесуваат и во земјава, а последниот е дека вакцините предизвикуваат магнетизирачко својство, што е чиста невистина

Од почетокот на пандемијата до денеска, во јавниот дискурс една по една се појавуваа разни дезинформации и дезинформациски трендови, спротивни на медицинската и другите науки. Тие безмалку веднаш се пренесуваат и во земјава, а последниот е дека вакцините предизвикуваат магнетизирачко својство, што е чиста невистина

 

Во постот кој го рецензираме изнесена е една моментално многу застапена манипулација, а тоа е дека вакцините, наводно, содржат чип, а како ,,доказ” за тоа се приложува фотографија на која се гледа рамо на човек, на кое се залепени две монети, еден пар ножици, една супена лажица и се тврди дека тие се залепени привлечени од магнетското дејство на вакцината, која, инаку, се дава мускулно, во рамото.

Ако сакате да бидете магнетизирани, не двоумете се, право на ваксајнс а потоа на реваксајнс. А профитот нека си го делат глобалистите, пишува во постот. 

На социјалната мрежа Тик Ток, ваквите ,,експерименти” се претворени во предизвик, каде што корисниците поставуваат фотографии од залепен мобилен телефон на нивното рамо после наводната вакцинација.

Наспроти овие тврдења, во вакцините нема магнетизирачки компоненти. Ниту во оние на Фајзер, ниту во Модерна, ниту во Астра Зенека, ниту во Спутник, ниту во Синовак и Синофарм, нема магнетизирачки компоненти.

Професорот по вирусологија на Универзитетот Сорбона во Париз, Винсент Марекал вели дека иако оваа дезинформација е атрактивна, не е базирана на вистина. 

Дури и кога вакцините би содржеле железо или никел (а НЕ СОДРЖАТ), количеството во вакцината би било премало да се предизвика магнетизирачко дејство.

,,Сите имаме јони на железо во нашето тело, а сепак не сме магнети”, вели истражувачот на Жан Ламур Инститот во Франција, Хелен Фишер.

Ерик Палм, директор на лабораторија за магнетски полиња на Универзитетот Флорида, вели дека иглите кои се користат во вакцинацијата, се толку мали во дијаметар помали од 1 милиметар, што кога ќе се инјектира дозата, количеството вакцина е толку мало, што не дозволува магнетно дејство да се создаде, дури и кога екстремно магнентна состојка би била инјектирана (фиктивно и хипотетички).

За физичарот Ерик Палм, неколку фактори може да објаснат како на раката се залепени предмети: мрсна кожа, селотејп од задната страна на предметот или други лепила, кои пред снимањето се аплицирани на предметот или рамето.

 

Извинување од корисничката на Тик Ток

Дури и девојката која го почна предизвикот на Тик Ток, за Би-Би-Си изјави дека ,,луѓето треба да престанат да веруваат во се што ќе видат на Фејсбук, Јутјуб или на Тик Ток”, додавајќи дека сето тоа било шега и го повлече видеото. Нејзиното извинување може да го погледнете со почеток на 2 минута на ова видео. Но, беше предоцна, бидејќи предизвикот на лепење метални предмети и лажењето дека тие се лепат на рамото поради вакцината против ковид, веќе зеде залет.

Производителот Фајзер за Њузвик изјави дека вакцината не предизвикува магнетизирачки ефект кога ќе се инјектира.

Фајзер е свесен и знае за антивакциналните наративи и дезинформации, посебно на социјалните мрежи, кои имаат импликации на некои луѓе повеќе отколку врз други за време на пандемијата, велат од компанијата.

Дозата на вакцината е помала од еден милилитар. Стандардната доза на Фајзер содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто. Дури и целата доза која се инјектира да содржи феромагнетен метал, повторно не би било доволно за да се создаде ефектот од видео материјалите.

Кога ќе се погледне составот на Фајзеровата вакцина, се гледа дека таа содржи мРНА липиди, калиум хлорид, содиум хлорид и сахароза. Значи главно содржи липиди, протеини, соли и шеќери. Липиди, протеини, соли и шеќери може да се најдат во голем дел од храната и не се феромагнетни метали.

Доктор Селин Гаундер, епидемиолог и специјалист за инфективни болести посочува дека во листата на состојки во вакцините, нема железо:
Железото е еден од најчестите метали користен во магнетите, но ќе видите дека нема железо споменато во листата за составот на вакцината. Многу мултивитамини содржат железо и не гледаме дека луѓето стануваат магнетизирани или магнети им се лепат на телото откако ќе земат витамин, вели докторката.

 

Составот на вакцините е јавно достапен и кај нас

Информациите за сите анти ковид вакцини од различни производители, кои што се администрираат во земјава, може да ги погледнете на следниот линк заедно со нивниот состав и упатства за употреба. 

Поради сите горенаведени факти, постот, во кој се тврди дека со вакцината ќе бидете „магнетизирани“, го оценуваме како невистинит. Не може да се знае ниту кој е на фотографијата што го придружува постот, ниту дали таа личност е воопшто вакцинирана, но дефинитивно е дека вакцината се администрира во многу мала доза, за дури и кога во неа би имало метал да може да предизвика магнетизирачко дејство. И се разбира, во вакцините нема метали.

 

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција