Вакцините против полио не парализирале 490 илјади деца во Индија
Полиовирусите од вакцините се екстремно ретки. Тие може да се променат во форма која може да парализира и е позната како „циркулирачки полиовирус од вакцини“. Според Светската здравствена организација, имало 17 вакви случаи во Индија меѓу 2000 и 2017 година
Полиовирусите од вакцините се екстремно ретки. Тие може да се променат во форма која може да парализира и е позната како „циркулирачки полиовирус од вакцини“. Според Светската здравствена организација, имало 17 вакви случаи во Индија меѓу 2000 и 2017 година
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
БИОЛОШКО ОРУЖЈЕ “ВАКЦИНИ” ЗА ДЕЦАТА ВО ИНДИЈА РОДИТЕЛИ!ДАЛИ ЗНАЕТЕ ШТО ИМ ИНЈЕКТИРААТ НА ВАШИТЕ ДЕЦА?НОВО: Бил Гејтс призна дека ја користи Индија како „вид лабораторија“ за тестирање вакцини.Гејтс ги даде забелешките за време на неодамнешното интервју со колегата, милијардер Рид Хофман, поврзан со Џефри Епштајн.Само за евиденција, помеѓу годините (2000-2017), над 490.000 деца во Индија развиле парализа откако биле користени како лабораториски стаорци за да ја земат таканаречената „орална полио вакцина“, која очигледно не е вакцина, туку био оружје од Бил и Мелинда Гејтс. Тие никогаш не биле кривично гонети за нивните злосторства против човештвото. Избегаа како ништо да не се случило.
…Еден вид лабораторија за да се испробаат работи па кога ќе се докажат од Индија може да ги однесете во други места. Па нашата најголема канцеларија на фондацијата надвор од САД е во Индија. Најголемиот број пилот работи што ги правиме каде било во светот се со партнери во Индија. Ако одите таму, а никогаш претходно не сте биле, може да си помислите ова место е хаотично…

Тоа што Гејтс рече дека Индија е „лабораторија“ предизвика негативни коментари, иако имаше и луѓе кои што не го доживеаа тоа заговорнички, пишува „Бизнис Стандард“.
Меѓутоа, во овој конкретен спорен дел од објавата, Гејтс никаде не зборува за вакцини, ниту пак, за вакцини за децата во Индија, а уште помалку од неговото излагање може да се заклучи дека „вакцините се биолошко оружје во Индија“, како што тоа невистинито се тврди во објавата.
Делот од објавата што ја рецензираме, каде се тврди дека „меѓу 2000 и 2017 година над 490 илјади деца во Индија развиле парализа откако биле користени како лабораториски стаорци за да ја земат оралната полио вакцина која не е вакцина ,туку е биолошко оружје од Бил и Мелинда Гејтс“, е невистинит. Не е вистина ни дека тие сториле злосторства против човештвото.
На социјалните мрежи уште од 2020 година, се шири ова невистинито тврдење против фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, дека тие „тестирале полио вакцина во Индија после што 490 илјади деца биле парализирани“. Проверувачите на факти на „Франс Прес“ пишуваат дека официјалните статистики покажуваат дека имало само мал број на случаи во кои оралната полио вакцина директно резултирала со тоа децата од Индија да ја добијат болеста. Индија беше прогласена за земја без полио во 2014 година и нема докази дека речиси половина милион деца од Индија на кои им била администрирана полио вакцината добиле парализа поради вакцинално-добиени полиовируси.Полиовирусите од вакцините се екстремно ретки. Тие може да се променат во форма која може да парализира и е позната како „циркулирачки полиовирус од вакцини“. Според Светската здравствена организација, имало 17 вакви случаи во Индија меѓу 2000 и 2017 година. Ако одите на овој линк, изберете Индија и дадена година, може да ги најдете бројот на случаи наведени од СЗО. Покажува дека вакви случаи се забележани во Индија само во 2009 и 2010 година.
Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ ги поддржува анти-полио напорите во Индија преку Глобалната полио едукативна иницијатива, партнерство кое ги вклучува СЗО, Ротари интернационал, Американскиот центар за контрола и превенција на болести и УНИЦЕФ.
Во 2017 година владата на Индија посочи:
Некои медиумски извештаи сугерираат дека соработката поврзана со здравството со фондацијата Гејтс сопрела. Ова е неточно и Министерството за здравство и добросостојба на семејствата продолжува да соработува со фондацијата.
Од фондацијата Гејтс, за проверувачите на „Лид Сторис“ велат дека тврдењата се невистинити и на нивниот сајт нотираат дека иницијативата за искоренување на полио превенирала 18 милиони луѓе да бидат парализирани од полио, со стотици илјади што продолжуваат да ја добиваат таа превенција секоја година.
Проверувачите на факти на „Лид Сторис“ наведуваат дека е можно бројката од 490 илјади цитирана во објавата што е предмет и на нашата рецензија, да потекнува од студија во 2018 година која испитувала акутна флакцидна парализа – слаба парализа честопати поврзана со детската парализа, од 2000 до 2017 година во Индија.
Авторите на студијата нашле дека имало 491 илјади парализирани деца „над очекуваната бројка“ во тој временски период, време кога во Индија се спроведувала масовна вакцинација на децата до 5 години. Авторите нотираат и намалување на бројот на парализирани деца после 2012 година, кога масовните вакцинални напори не биле веќе толку интензивни. Авторите сепак, забележуваат дека ова не покажува каузална врска меѓу вакцината и состојбата. После студијата авторите биле критикувани.
Како одговор авторите посочиле дека „можно е нови невротропни ентеровируси кои ги колонизираат цревата да се предизвикувач на парализа“ и додале дека не заклучиле оти вакцините се причина за парализата.
Мора да се каже дека во исклучително ретки случаи, некои деца навистина добиваат парализа после добивање на орална полио вакцина, според Светската здравствена организација. Но, оваа состојба се случува во 1 случај на 2,7 милиони дози од оралната вакцина против полио во светот, според СЗО. Од 2005 до 2015 година повеќе од 10 милијарди дози од оралната полио вакцина се администрирани кај 2.5 милијарди деца, превенирајќи 10 милиони полио случаи за време на тој период, пишува „Лид Сторис“.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Вакцините против полио не се биолошко оружје и тие спасуваат животи.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар