Вакцините што пристигнаа од Србија се чувани соодветно со запазување на студениот синџир од -70 степени Целзиусови

Дали навистина вакцините стануваат неупотребливи и дали треба да се складираат на минус 80 степени цело време, или постои временска рамка во која што температурата може да биде пониска, е прашањето на кое се обидовме да добиеме одговор во оваа рецензија

 

Рецензираме Фејсбук пост во кој што се инсинуира дека вакцините, кои Северна Македонија ги доби од Србија со примопредавање на граничниот премин Табановце, се дистрибуирани во земјава со прекин на „студениот синџир“, односно дека имало прекин во нивното неопходно чување на -70 степени Целзиусови, што, пак, би значело дека тие би биле неупотребливи.  .

Стерилност на Северџанистански начин. Ваксајнс ставени на каллив плочник, на отворено, температура ни приближно до минус 80 степени. Стреите си капат. Ај, со среќа да им е на тие што ќе се вакцинираат со нив. Ама пет госпоџи наредени за сликање, како случајно знаеме што правиме, пишува во постот кој е дополнет со фотографија на која се гледаат претставници од здравствените институции како ја отпакуваат пратката од Србија на 14 февруари 2021 година.

Дали навистина вакцините стануваат неупотребливи и дали треба да се складираат на минус 80 степени цело време, или постои временска рамка во која што температурата може да биде пониска, е прашањето на кое се обидовме да добиеме одговор во оваа рецензија.

Од Министерството за здравство за „Вистиномер“ велат дека вакцините, кои пристигнаа од Србија, беа транспортирани со соодветно возило во кое кутиите со вакцини биле сместени во термички контејнер со сув мраз.

Бидејќи природата на вакцините Фајзер-Бионтек налага да се чуваат на екстремно ниски температури за време на транспорт на пратката, повеќедозните вијали на замрзнати вакцини беа пакувани во кутии кои беа сместени во изолиран термички контејнер за испорака што содржеше сув мраз. Ова овозможи вакцините да останат замрзнати на ниски температури од минус 60 до минус 90 степени. Во самото пакување на вакцините беа поставени два уреди за мерење на температурата со кои се следи температурата за време на целиот транспорт. Температурните листи од уредите за мерење на температурата покажаа дека вакцините се транспортирани без отстапка во студениот синџир. Со цел отворање на термичкиот контејнер и преземање на кутиите со вијали, контејнерот беше ставен на палета, запазувајќи ги со тоа сите протоколи на преземање од страна на производителот, објаснија од МЗ за Вистиномер.

На следната фотографија може да се забележи дека навистина вакцините пристигнале со уреди за мерење на температурата. На неа се гледа дека кутијата однатре е обложена со материјал, односно дека има улога на ладилник.

На веб страницата на производителот Фајзер, објавен е протокол за тоа како се дистрибуира и чува вакцината. 

Имаме развиено термални кутии за транспорт, со контролирана температура, кои користат сув мраз за да ја задржат препорачана температура од минус 70 степени, во времетрање од 10 дена доколку се неотворени. Ќе користиме термални сензори кои се контролирани со Џи Пи Ес, кои што ќе ја следат локацијата и температурата на секоја пратка вакцини, во текот на 24 часа во денот, седум дена во неделата. Овие апарати за мерење на температурата ќе му овозможат на Фајзер активно да спречи несакани девијации пред тие да се случат, стои во протоколот.

Како што објаснува производителот, вакцините може да се чуваат во контејнерот, во кој пристигнале во земјата, како привремено складиште за нив и до 30 дена, доколку одново и одново се полнат со мраз. Оттука воопшто не претставува проблем што вакцините во одреден период (нормално) морале да бидат изнесени од кутијата за да бидат пренесени во ладилниците. Дотолку повеќе што во фрижидерите со ултра ниски температури, какви што имаме во државата (погледнете ги на следната фотографија овде) , вакцините може да се чуваат и до шест месеци. 

Во фрижидерите, кои се вообичаено достапни во болниците, вакцините може да се чуваат пет дена на температура од два до осум степени. Откако вакцините се чувани 30 дена во термалната кутија што ја изработува Фајзер, вакциналните пунктови може да ги пренесат вијалите во услови за чување од 2 до 8 степени за период од наредни пет дена, што значи 35 дена вкупно!

Откако ќе се одмрзнат и ќе се чуваат на температура од 2 до 8 степени, вијалите не смее повторно да се замрзнуваат.

На Фејсбук страницата на претседателката на Комитетот за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова, објавена е фотографија и од самото складирање на вијалите во ултра студените ладилници, кои постигнуваат температура од минус 70 степени и во земјава се донирани од фондација на САД. Од оваа фотографија, на која се гледа како изгледа пакувањето со поединечните вијали, може да се заклучи дека дури и стреите да капат (како што се тврди во постот кој го рецензираме, но не се гледа), сепак тоа не повлијаело кутијата да биде влажна. Напротив, се работи за суви кутии кои биле складирани во длабоко замрзнување.

Пребаравме како се дистрибуираат вакцините и во другите земји и наидовме на ова видео кое што на 1 минута и 28 секунди, може да се забележи дека и во САД Федекс ги дистрибуира вакцините на ист начин, во кутии како што тоа беше случај и во С. Македонија. Од 10-тата секунда на ова видео, исто така, се гледа дека вакцините доаѓаат во кутии слични на онаа што ја добивме и ние од Србија.

Последно, го погледнавме и протоколот за дистрибуција на вакцината од Фајзер, објавен од Министерството за здравство на Канада.

Во него јасно е истакнато дека вакцината смее да се транспортира и со одење во некој објект, меѓу објекти или кампуси, ако временскиот период не надминува 15 минути и тоа не влегува во времето кое се мери како време за транспорт.

Уште поважно, се препорачува вакцината да биде спакувана за достава во смрзната форма како што беше случајот и со вакцините кои стигнаа од Србија во С. Македонија во изолиран контејнер (таков контејнер е самата кутија која што е обложена, а вијалите се во сув мраз). На ваков начин вакцината се препорачува да се пренесува најмногу 12 часа. Во случајот со С. Македонија, откако беше примена пратката на граничниот премин Табановце, таа веднаш во комбе замина во складиштето, така што не е возможно да поминале 12 часа.

Кутијата во која што пристигнаа вакцините во земјава има налепница од АСВ Белград, компанија за шпедитерски и логистички услуги во медицинската индустрија, која на својата веб страница го објаснува начинот на пакување и протоколот на нивната достава. 

Оттука, да се тврди во постот дека вакцините се отворени на несоодветен начин, додека надвор врне, без да бидат на температура на минус 70 степени, е манипулативно тврдење кое има за цел да ја намали довербата на јавноста во ефикасноста на вакцините, иако за тоа нема основа. Постот го оценуваме како невистинит. Неточно е и дека вакцините биле оставени на каллив плочник, поради тоа што тие се спакувани изолирани и не се во контакт со надворешноста.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција