Вандалски чин во Украина погрешно прикажан како ЕУ вредност

Фото: Принтскрин видео на Фејсбук

Наспроти изнесеното во објавата, влезот во ЕУ значи заштита на културата на земјите членки. Уривањето на споменик прикажано во видеото во објавата е вандалски чин на поединец и нема никаква врска со некаква официјална државна политика.

Наспроти изнесеното во објавата, влезот во ЕУ значи заштита на културата на земјите членки. Уривањето на споменик прикажано во видеото во објавата е вандалски чин на поединец и нема никаква врска со некаква официјална државна политика

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

За влез во ЕУ ќе си ги туркате споменициве од дедовците бре абдали ?

За влез во ЕУ ќе си ги туркате споменициве од дедовците бре абдали ? Крвта ви е*ам смрдена.

Во Полтава Украина, како дел од движењето кон членство во ЕУ и просветлување, беше срушен споменик на познатиот советски научник Иван Мичурин. Мичурин даде голем придонес во развојот на генетиката, развојот на земјоделските култури и растителните науки.

Објавата споделува видео на кое се гледа како млад човек со голем чекан удира и го крши споменикот за кој се тврди дека е на советскиот научник Иван Мичурин.

Точно е дека лицето прикажано во видеото го уривало споменикот на советскиот научник Иван Мичурин, но таквиот насилен акт нема никаква врска ниту со некои владини политики на Украина, ниту пак со аспирациите на оваа земја за членство во Европската Унија. Станува збор за вандалски чин на поединец.

Видеото на социјалната мрежа Икс го објавил ирскиот новинар Чеј Боус кој остро го критикувал украинскиот вандал, кој уништил споменик на Мичурин во Полтавската област. Иван Мичурин бил познат руски и советски биолог и генетичар, творец на повеќе од 350 видови разни растенија.

Настрана овој вандалски чин, во Украина се уриваат споменици од советската ера, но тоа нема никаква врска со ЕУ, туку со процесот на декомунизација. Имено, на 15 мај 2015 година, тогашниот украински претседател Петро Порошенко потпишал збир на закони со кои започнал шестмесечен период за отстранување на советските комунистички споменици (со исклучок на спомениците од Втората светска војна) и преименување на јавните места кои биле именувани по советските комунисти.

За време и по Евромајдан, почнувајќи со падот на споменикот на Ленин во Киев на 8 декември 2013 година, неколку споменици и статуи на Ленин биле отстранети или уништени од демонстрантите. На 9 април 2015 година, украинскиот парламент донел закон за декомунизација. Истиот бил поднесен од втората влада на Арсениј Јацењук, забранувајќи ја промоцијата на симболите на „комунистичките и националсоцијалистичките тоталитарни режими“.

Во март 2016 година, статуите на Ленин, Феликс Ѕержински, Сергеј Киров и споменикот на Комсомол (Комунистичката младина) биле отстранети или симнати во источниот град Запорожје. Статуата со поглед на хидроелектричната станица Днепар (порано наречена брана „Ленин“) била најголемата преостаната статуа на Ленин во Украина.

На 27 април 2022 година (за време на руската инвазија на Украина ), осумметарската бронзена статуа од советскиот период „Лакот на народното пријателство“ во Киев, која го претставува руско-украинското пријателство, беше отстранета по наредба на градоначалникот на Киев Виталиј Кличко.

Ова значи дека уривањето на споменици во Украина, нема никаква врска со членството во ЕУ, ниту, пак, ЕУ го бара тоа од земјите членки или аспиранти за членство.

Објавата личи на рускиот дезинформациски наратив за претставување на Европската Унија како „уништувач на традицијата и културата“.

Напротив, ЕУ длабоко се грижи и го одржува на напредно ниво културолошкиот прогрес на своите земји членки, што е евидентно и формално-правно и емпириски. Европското наследство е заеднички извор на сеќавања, идентитет, дијалог, кохезија и креативност. Во европското културно наследство има опипливи градби, како споменици, музеи, уметнички дела, библиотеки и архиви, но и неопипливи, како песни, традиции.

ЕУ се залага секоја земја членка да го задржи своето културно наследство, но и да се развијат меѓународни културни односи, што е видливо од стратегијата презентирана од Европската Комисија насловена како  ‘Towards an EU Strategy for International Cultural Relations’, чија цел е да се поттикне културна соработка меѓу ЕУ и нејзините партнерски држави. Оваа стратегија ја потенцира заложбата на ЕУ да се негуваат меѓународни културни односи со партнерства и интеракции и да се промовираат различните култури на земјите членки преку културна дипломатија.

Културната разновидност е интегрален дел од вредностите на Европската Унија. ЕУ е силно посветена за промоција на глобален поредок базиран на мир, владеење на правото, слобода на изразување, заедничко разбирање и почитување на основните човекови права. Следствено, промоцијата на диверзитетот со меѓународни културни односи е важен дел од улогата на ЕУ како глобален актер. Ова вклучува промоција на меѓународни културни односи преку поддршка и помош што ЕУ ги дава на трети држави и промоција на културната дипломатија. ЕУ тесно соработува со УНЕСКО за да се зачува културното наследство, пишува во стратегијата.

ЕУ на полето на културата ги поддржува земјите членки со различни политики, како зачувување на европското културно наслество, соработка меѓу различните држави и нивните културни институции, промоција на мобилноста на креативните работници.

Наспроти изнесеното во објавата, влезот во ЕУ значи заштита на културата на земјите членки. Уривањето на споменик прикажано во видеото во објавата е вандалски чин на поединец и нема никаква врска со некаква официјална државна политика.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека на објавата ѝ недостига контекст.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција