Вардариште наместо да стане спортски комплекс, остана дива депонија опасна по животите на скопјани
Меѓу предизборните ветувања за минатите локални избори на актуелниот градоначалник на Гази Баба, Бобан Стефковски – кој се кандидира за уште еден мандат на претстојните локални избори во октомври 2025 г. – беше и изградбата на нов спортско рекреативен центар на местото на депонијата Вардариште. Но, ветувањето е неисполнето, на неполни два месеца пред истекот на неговиот мандат депонијата Вардариште и натаму е еден од најопасните загадувачи на воздухот, водата и почвата во Скопје
Меѓу предизборните ветувања за минатите локални избори на актуелниот градоначалник на Гази Баба, Бобан Стефковски – кој се кандидира за уште еден мандат на претстојните локални избори во октомври 2025 г. – беше и изградбата на нов спортско рекреативен центар на местото на депонијата Вардариште. Но, ветувањето е неисполнето, на неполни два месеца пред истекот на неговиот мандат депонијата Вардариште и натаму е еден од најопасните загадувачи на воздухот, водата и почвата во Скопје
Во предизборната програма за локалните избори што се одржаа на 17 октомври 2021 година, градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски најави дека ќе ги реши проблемите на сите луѓе во Општината, кои, како што истакна, се таложеле со години, како и тоа дека цврсто стои зад неговите ветувања. Едно од ветувањата е и решавање на проблемот со депонијата Вардариште.
Ветување: На местото на депонијата Вардариште ќе изградиме нов спортско рекреативен центар.
[Извор: Република/Јутјуб Стефковски: Мојата обврска е заедно со граѓаните од Гази Баба да направиме современа општина за подобро живеење; датум: 18.08.2021]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Бобан Стефковски како кандидат за градоначалник на Општина Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ во предизборната програма за локалните избори 2021 година ветуваше проекти кои треба да го унапредат квалитетот на животот во Општина Гази Баба и да ја направат современа општина за подобро живеење. Меѓу тие ветувања е и изградба на нов спортско рекреативен центар на местото на дивата депонија Вардариште. Но, ветувањето е неисполнето, на неполни два месеци пред истекот на неговиот мандат и новите локални избори распишани за 19 октомври 2025, депонијата Вардариште и натаму е еден од најопасните загадувачи на воздухот, водата и почвата во Скопје.
На 31.08.2025 којзнае по кој пат избувна пожар на депонијата Вардарише, а поголем дел од Скопје беше прекриен со чад и смрдеа:
За само две години, зелените површини кои даваа барем привид на природа се целосно проголтани. Депонијата се проширила како канцер, навлегувајќи во секоја пора од просторот, гушејќи ја околината и претворајќи ја целата област во темпирана бомба. Она што беше алармантна состојба, денес е терминална фаза на негрижа, пишува порталот 24Инфо.
Од безбедносни причини беа исклучени дел од далекуводите што го напојуваат Скопје со електрична енергија, па жителите на населбите Аеродром и Лисиче останаа десетина часови без струја.
Но, не само што ветениот проект на Стефковски за спортско рекреативен комплекс на местото на дивата депонија го „преспа“ неговиот мандат, туку ситуацијата со Вардариште ескалира во загрижувачки димензии. Две сателитски снимки кои ги обезбеди 4NEWS.mk, едната направена во 2023, а другата во 2025 година, ја документираат застрашувачката вистина за дивата депонија која попладнево гореше и го обвитка Скопје во отровен чад.
Деновиве граѓаните на тие населби организираат секојдневни протести во паркчето кај Авионче во Ново Лисиче, блокирајќи го сообраќајот и најавувајќи дека ќе се собираат секој ден сè додека не видат конкретни мерки за решавање на проблемот со загадувањето од депонијата Вардариште:
Сите што сме најмалку една година во општина Аеродром добро го знаеме жариштето на проблемот со загадениот воздух, а тоа е Вардариште, изјави еден од граѓаните, кој дека денеска жителите се обидоа да ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“ како знак на револт.
По пожарот на депонијата која го загуши Скопје, Стефковски сега повторно го најавува истото како пред 4 години – дека депонијата Вардариште по октомври ќе замине во историјата.
Заедно со идниот градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски и градоначалникот на општина Аеродром Дејан Митески бевме на депонијата. Направивме увид и на физибилити студијата за посебен третман на депонијата која е направена и чека реализација, пишува Стефковски во објава на неговиот профил на Фејсбук.
Но, дали е тоа така лесно изведливо, како што лесно се даваа(т) ветувања од актуелните градоначалници, кои се гледаат на таа позиција и по локалните избори во октомври 2025?
Медиумите утрово направија хронолошки список на сите ветувања дадени досега од победниците на локалните избори што се поврзани со Вардариште, а кои не само што не се остварија, туку проблемот е дополнително се влошува. Па, така, Коце Трајановски како кандидат за градоначалник на Скопје во 2014 година ветувал „нова намена“ на Вардариште – наводно негово запечатување, ремедијациски технологии, собирање гас и постројка за енергија. Што е реалност од сето тоа знаеме, но неговата партија деновиве се продава под мотото „остварува“. Место тоа, иако не стоеше како ветување, се изгради „Скопје 2014“ и беше приватизирана „Дрисла“, која потоа увезуваше отпад за да прави профит на сметка на жителите во Скопје, поедноставно кажано – ги труеше за профит, анализира порталот Независен.
Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, соочен со протестите на граѓаните во 2020 година заради нерешениот проблем со Вардариште, изјави дека депонијата била интензивно користена за фрлање на комуналниот отпад на Град Скопје од 1997 година, кога се отвора капацитетот Дрисла. Оттогаш на Вардариште се случува распаѓање на тој депониран отпад што претставува потенцијален сериозен еколошки проблем за Град Скопје. Шилегов пред 5 години изјави дека за целосна санација на депонијата се потребни околу 40 милиони евра!
Стефковски и лани најави итно решение за Вардариште
Стефковски и минатата година (10.06.2024) изјавил дека е потребно итно решение за дивата депонија Вардариште.
View this post on Instagram
Но, Стефковски во неговиот досегашен мандат не испорача никаков резултат околу решавањето на проблемот со дивата депонија која е екстремно опасна еколошка бомба по здравјето на жителите на Скопје. Мета.мк пред две и пол години го оценуваше предизборното ветување на Стефковски:
За да се заврши спортско-рекреативен центар од волку голем обем е потребно да се работи на неговата имплементација уште од првиот ден на стапувањето на функцијата на градоначалник, а од нашата посета на самата локација Вардариште на 9 јануари 2023 година утврдивме дека не само што не се започнати градежните работи за изведба на спортско-рекреативен центар на некоја од седумте локации за градење, туку на ова место и понатаму се расфрла отпад којшто не е расчистен од надлежните власти, пишува Мета.мк.
Како што може да се види од горенаведените факти, проблемот со дивата депонија Вардариште трае со децении и има богата хронологија на ветувања за негово решавање. Но, во мандатот на актуелниот градоначалник Стефковски, горливиот – и смрдлив! – проблем со Вардарише не само што не е решен, туку не е ниту отпочнато со негово решавање. Затоа оценката за ветувањето на Стефковски за изградба на спортско рекреативен центар на местото на дивата депонија Вардариште е – неисполнето.
Извори:
- (18.08.2021) Република/Јутјуб Стефковски: Мојата обврска е заедно со граѓаните од Гази Баба да направиме современа општина за подобро живеење – [проверено на 04.09.2025]
- (17.10.2021) Платформа „Гарантираме за Гази Баба – Создади нова иднина“ – [проверено на 04.09.2025]
- (31.08.2025) 24 Инфо Канцер на градот: Депонијата во Вардариште прерасна во закана за животот на скопјани – [проверено на 04.09.2025]
- (31.08.2025) 4NEWS.MK ВИДЕО Државен имот, приватна катастрофа: Институциите дозволија Скопје да се труе од сопствената земја – [проверено на 04.09.2025]
- (01.09.2025) Независен Тројца градоначалници пак се сликаа на Вардариште – Аеродромци секојдневно го дишат – [проверено на 04.09.2025]
- (10.01.2023) Мета Мета факт: Неисполнето ветувањето на градоначалникот Бобан Стефковски за изградба на спортски центар на Вардариште – [проверено на 04.09.2025]
Оцени: Стојан Синадинов
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар