Ведрото време повторно ја активираше „кемтрејлс“ теоријата на заговор
Постот што го анализираме е неточен и е уште еден во низата теории на заговор за кемтрејлс. Белата патека што ја оставаат авионите во воздухот е патека која настанува од кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на Земјата
Постот што го анализираме е неточен и е уште еден во низата теории на заговор за кемтрејлс. Белата патека што ја оставаат авионите во воздухот е патека која настанува од кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на Земјата
Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека трагите на сончевото небо пред неколку дена се хемиски патеки од авиони коишто испуштаат отрови со цел да им наштетат на луѓето. Ова е една од најраширените теории на заговор на интернет просторот и е невистина.
Вчера, за малку ќе напишев оптимистички статус: “Долго време не сум видел кемтрејлси”.
Денеска, само што излегов, си го прегризав јазикот: повторно офанзива од сите страни.
Не, нема да престанат се додека не бидат целосно уништени. Тоа е реалноста на нашето небо, пишува во постот.
Овој многу вирален пост на Фејсбук, со над 270 реакции, 11 споделувања и 50 коментари тврди дека белите траги на небото се од кемтрејлс. Оваа теорија на заговор е една од најраширените на социјалните мрежи. Кога е ведро трагите од комерцијалните авиони коишто го надлетуваат нашиот воздушен простор, се повеќе видливи отколку кога небото е облачно. Па затоа, кога надвор е сончево оваа теорија на заговор масовно се споделува на социјалните мрежи.
Како што многупати досега пишуваше „Вистиномер“, овие траги коишто сите ги гледаме на небото, не се резултат на некоја скриена агенда за запрашување на населението со отрови. Впрочем, ваквите траги од авионите ги има во воздушниот простор на сите земји, не само кај нас!
„Кемтрејлс“ е всушност теорија на заговор стара повеќе од две децении. Оваа невистинита и заснована на дезинформации теорија, го претставува верувањето дека вообичаените траги од кондензација што ги создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси. Поддржувачите на оваа теорија се убедени дека различни влади се обидуваат негативно да ѝ влијаат на климата или на човековото здравје со тоа што прскаат токсични хемикалии, со цел да предизвикаат намалување на бројот на жители на планетата.
Оние кои веруваат во оваа теорија на заговор сметаат дека штом патеката од авионите е подолго време видлива мора да содржи некакви опасни супстанции. Според ваквите верувања, нормалната трага од авионите треба бргу да се распрсне, па оттаму, облаците кои не исчезнуваат мора да бидат полни со дополнителни, неоткриени супстанции, односно некакви отрови.
За да докаже дека оваа теорија на заговор е неточна и ги измамува луѓето, Форбс објави студија, според која 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата.
Според ова истражување, причината поради која трагите од авионите остануваат видливи е зашто тие летаат на поголеми височини отколку порано, што резултира со кондензациски траги, кои траат подолго време. Тоа што трагите од авионите се вкрстуваат е само и единствено доказ дека има зголемена фреквентност на авиосообраќајот, односно дека има многу повеќе авиони, кои учествуваат во авиосообраќајот, што е и примарната причина некои од нив да мораат да летаат и на поголеми височини.
Белата патека што ја оставаат авионите во воздухот е патека која настанува од кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на Земјата. Патеките се составени од вода, во форма на кристали од мраз. Во зависност од температурата и влажноста на воздухот, тие можат да бидат видливи само неколку секунди или минути, или може да опстојуваат со часови и да се шират неколку километри.
Од сето ова можеме да заклучиме дека постот што го анализираме е неточен и е уште еден во низата теории на заговор за кемтрејлс. Ваквите тврдења и теории на заговор се одличен материјал, за на социјалните мрежи да се споделуваат заговорнички сценарија и со тоа да се крева паника кај населението и да се предизвика страв.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар