Велес не доби покриен градски пазар
Проект: Изградба на затворен пазар и трговски центар
Опис: Изградба на затворен пазар и трговски центар на локација на постојниот отворен пазар. Положбата и состојбата на постојниот градски пазар овозможуваат, преку ЈПП, да се покрие дел од пазарот и на тој начин да се добие современ објект за потребите на фармерите, трговците и на граѓаните на Велес. По покривање на пазарот ќе се создадат услови за негова надградба, со изградба на трговски центар. (Извор на финансирање: Јавно-приватно партнерство; Рок: 2016-2017 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Во својата изборна програма, на 33-та страница, Славчо Чадиев, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Општина Велес, пред локалните избори во 2013 година им вети на велешани дека во периодот 2016 – 2017 година, постојниот градски пазар во Велес ќе биде покриен, односно ќе стане дел од нов објект, кој ќе вклучува и трговски центар.
Сега веќе влезени во 2017 година, проверивме до каде е реализацијата на ова ветување, кое беше вброено во капиталните проекти. Излегува дека работите се прилично развлечени и допрва се најавува почеток на изградбата на пазарот ( април 2017), кога веќе завршува мандатот на Чадиев, па ветувањето го сметаме за неисполнето.
Првата работа на која наидовме пребарувајќи е вест од 31 октомври минатата година, објавена на „Дума“. Чадиев вели дека бидејќи на двата распишани конкурси не се јавила заинтересирана фирма за јавно-приватно партнерство (ЈПП), Општината самата ќе го гради затворениот пазар на местото на постоечкиот. Притоа велешкиот градоначалник вели дека работите би траеле можеби една година, а Општината за тоа ќе намени 300.000 евра.
Цениме дека оваа работа ќе биде опсежна и ќе трае можеби во цела една година. Прво ќе почнеме со долниот дел на пазарот за да може непречено да се одвива функционирањето на постоечкиот простор, можеби во позбиени услови. Еден дел од пазарот ќе биде дислоциран на паркингот кој што се наоѓа од спротивната страна. По завршување на првиот дел ќе се пристапи кон изградба на вториот дел. Ќе се работи дел по дел, рече Чадиев.
На веб-сајтот на Општина Велес наоѓаме информација од 31 октомври 2016 година, за презентацијата на идејното решение за проектот „Покриен градски пазар“. Притоа се соопштува дека идејното решение наскоро ќе се доработи во финален проект.
Во Отчет на Општина Велес 2016 меѓу реализираните проекти на стр. 6 читаме и дека е изработен проектот за покриен градски пазар. При презентацијата токму на тој отчет на 26 декември 2016 година, Чадиев го повторува ветувањето дека годинава (2017) ќе се реализира проектот „Покриен градски пазар“.
Како прв проект предвиден за реализација е „ПОКРИЕН ГРАДСКИ ПАЗАР“. Тој воедно е 10 капитален проект ветен во изборната програма од локалните избори. Реализацијата чини 12 милиони денари. Средства кои Општина Велес ги издвои од сопствениот буџет. Ова воедно е 10-тиот капитален проект кој во ветивме во изборната програма. Останатите девет се веќе реализирани.
Според изјавата на Чадиев којашто ја пренесе телевизијата „К1“ на 27 декември минатата година (2016), изградбата на пазарот би почнала најверојатно во април годинава. А тоа е веќе крајот на мандатот на Чадиев, така што, ова негово изборно ветување го оценуваме како неисполнето.
ИЗВОРИ
- (февруари 2013) Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локални избори 2013 – 2017 – Славчо Чадиев – „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Велес“ (стр. 33) [Пристапено: 10.01.2017]
- (31.10.2016) Дума – Ќе се гради ли ветениот покриен пазар во Велес? [Пристапено: 10.01.2017]
- (31.10.2016) Општина Велес – Презентирано идејното решение за покривање на градскиот пазар [Пристапено: 10.01.2017]
- Општина Велес – Отчет на Општина Велес 2016 [Пристапено: 10.01.2017]
- (26.12.2016) Општина Велес – ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГО ПРЕЗЕНТИРАШЕ ОТЧЕТОТ ЗА 2016 ГОДИНА [Пристапено: 10.01.2017]
- (27.12.2016) К1 – Ќе се гради покриен градски пазар во Велес [Пристапено: 10.01.2017]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар