Велес не доби катна гаража

Фото: veles.gov.mk

ВЕТУВАЊЕ: Изградба на катна гаража во центарот на Велес

[Извор: Изборна програма на Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес, стр.17; датум:октомври 2017 ]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот на Велес, Аце Коцевски за изградба на катна гаража во центарот на Велес, е неисполнето. Овој проект е дел од предизборната програма на Коцевски „Живот во Велес! За сите!“, објавена пред локалните избори во 2017 година.

Изградбата на катна гаража е дел од капиталните проекти наведени во програмата на Коцевски:

Паркирањето и гаражирањето возила, особено во централното градско подрачје, е огромен проблем. Во центарот се наоѓаат Основен суд, Јавно обвинителство, Управа за јавни приходи, Централен регистар, повеќе банки, адвокатски, нотарски и извршителски канцеларии, трговско-деловни објекти, како и хотелот. Многу граѓани и правни лица секојдневно се упатени да добиваат услуги или да остваруваат одредени права, во централното градско подрачје. Недостигот од паркинг-простор секојдневно создава сообраќаен хаос и ги иритира граѓаните. Затоа е неминовно брзо решавање на проблемот. Реализацијата на проект за изградба на катна гаража, со користење мерки за енергетска ефикасност, ќе придонесе за решавање на овој горлив проблем и ќе ги задоволи потребите на граѓаните за соодветен простор за гаражи во централното градско подрачје.

Рок: Втора половина на 2018 -та година и прва половина на 2019 – та година, се вели во програмата.

На официјалната веб-страница на Општина Велес, единствена информација поврзана со изградбата на катната гаража е од февруари 2020 година, кога градоначалникот Коцевски соопштил дека Владата на седница одржана на 10.02.2020 донела Одлука за преотстапување на трајно користење без надоместок на Јавно здравствена установа Општа болница Велес на објектот на улица „Наум Наумовски“ (зградата на поранешниот Диспанзер).

Локацијата е со површина од 770м2 и штом ќе ги добиеме потребните документи треба да донесеме одлука за рушење на стариот објект кој е надвор од употреба и на тоа место да овозможиме времено паркирање и да обезбедиме околу 60 паркинг места, со што сериозно ќе го ублажиме проблемот со недостатокот на паркинг места во овој дел од градот, кој е густо населен, изјавил Коцевски.

Тој објаснил дека со промената на Генералниот и Деталниот урбанистички план на соседната локација која е со површина од 670м2 е предвидено подземно паркирање и изградба на катна гаража.

Веста дека Општина Велес ќе го урне поранешниот Диспанзер и на негово место ќе изгради паркинг, а потоа и катна гаража, на 13.02.2020 ја пренесе и Македонската информативна агенција.

Како што информира на денешната прес конференција градоначалникот Аце Коцевски, тие ќе го урнат руинираниот објект и тој простор ќе биде изграден времен паркинг за 60 возила со што ќе се решат дел од проблемите од недостиг на паркинг на граѓаните и околните институиции. Но, по измената на ДУП на тоа место ќе се прави катна гаража, информира МИА.

На 28.05.2020, Цивилмедиа објави дека Општина Велес започнала со изградба на времен паркинг до Мало Мовче.

Општина Велес неделава започна со уредување на просторот помеѓу мост „Гемиџии“ и Мало мовче, од десната страна на Вардар, за времено паркирање на возила.Како што информира градоначалникот Аце Коцевски, со овој проект до изградба на катна гаража, ќе го ублажат проблемот со недостиг на паркинг простор во централно градско подрачје. Инаку, Општина Велес планира да ја изгради првата катна гаража на просторот кај сегашниот паркинг до Автобуската станица во Велес.

Коцевски во својата програма вети дека катната гаража во Велес ќе ја изгради во период од втора половина на 2018 година и прва половина на 2019. Но, како што се гледа од горенаведеното, досега  (16.06.2020) катната гаража е само најавувана, а нејзината изградба воопшто не е почната. Според тоа, може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, за изградба на катна гаража, не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција