Филипче, сепак, фрли вина врз мајките „во голема мера“

Д-р Венко Филипче. Фото: Скриншот

Околу прес конференцијата на д-р Филипче, актуелниот министер за здравство се крена голема прашина во јавноста од дел од невладините организации, како и од јавни личности кои се занимаваат со почитувањето на човековите права, а обидот утредента да се негираат причините за тоа од страна на министерството со кое тој раководи, се темелеше на изјава која според нашата методологија е невистинита

 

Министерството за здравство на Република Македонија излезе со соопштение/изјава/став по реакциите во јавноста во однос на претходно одржаната прес-конференција на министерот Венко Филипче, во кое сметаме дека има невистина:

…Министерството за здравство и министерот, д-р Венко Филипче во ниту еден момент не ја префрлија одговорноста за ниското ниво на функционалност на здравствениот систем кон идните мајки. Беше потенцирано дека Министерството за здравство интензивно ќе работи на подигнување на јавната свест, преку кампањи, промотивни материјали и предавања, со цел идните мајки ги препознаат ризиците и да побараат здравствена помош во текот на бременоста…

[Извор: Министерство за здравство на РМдатум: 05.02.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Околу прес конференцијата на д-р Филипче, актуелниот министер за здравство се крена голема прашина во јавноста од дел од невладините организации, како и од јавни личности кои се занимаваат со почитувањето на човековите права, а обидот утредента да се негираат причините за тоа од страна на министерството со кое тој раководи, се темелеше на изјава која според нашата методологија е невистинита.

Најдобар аргумент во поткрепа на ваквата оценка се самите наводи од прес конференцијата на Филипче во тој дел:

Според Светската здравствена организација смртноста на родилките е последица на делумната неодговорност на трудниците. Но, пред сè, таа се должи на недостапноста на родилиштата и несоодветната и ненавремена здравствена грижа на родилките во здравствените установи. Кога станува збор, пак, за смртноста на новороденчињата, сакам да потенцирам дека таа во голема мера е последица на несоодветната грижа на мајката за своето здравје додека е бремена. Имено, сите податоци укажуваат на фактот дека најголем процент од починатите бебиња се родени предвреме. Малата родилна тежина, но и екстремна незрелост на виталните органи – белите дробови, црниот дроб и нервниот систем, доведуваат до фатален исход. А предвременото породување, од друга страна, е последица на инфекции кај мајката во уринарниот тракт или на репродуктивните органи. Затоа, апелирам до идните мајки да бидат поодговорни и редовно и без исклучок да одат на гинеколошки прегледи.

Читајќи го внимателно кажаното од министерот во целост, „Вистиномер“ утврди дека тој само во еден момент вината за смртноста кај новороденчињата ја префрла кај идните мајки, т.е. бремените жени и тоа е подвлечено во погоре болдираниот цитат. Во сите други случаи тој коректно или се повикува на Светската здравствена организација или прецизно кажува дека за смртноста на родилките во најголем дел се виновни недостатоците во здравствениот систем.

Но и кога вината ја префла кај идните мајки „во голема мера“, д-р Филипче е контрадикторен, бидејќи тој изведува констатација за причините зошто доаѓа до предвремено породување, за кое министерството утврдило дека е главната причина за високата смртност на бебињата: „А предвременото породување, од друга страна, е последица на инфекции кај мајката во уринарниот тракт или на репродуктивните органи. По што, министерот уште еднаш упати апел за редовна посета на гинеколог за време на бременоста.

Но, нешто подоцна, набројувајќи што се е недостаток во системот на јавното здравство, Филипче го изјави и следното:

Во Република Македонија недостига методологија по која ќе се детектираат вистинските причини за смртност и сериозните компликации и кај родилките и кај новороденчињата. Дел од мерките е и изработка на ваква методологија, по теркот на Светската здравствена организација.

Ако недостига методологија, а претходно спомена и потреба од измена на протоколи, недостиг на гинеколози, педијатри и неонатолози, недостиг на лекови за итни случаи, повторна акредитација за главните родилишта во Македонија, итн, како тогаш може да се утврди или да се тврди поради што умираат родилките, а поради што доаѓа до предвремено породување и со тоа зголемена смртност кај бебињата!?

Оттука, без оглед на добрите намери и напори да се исчисти оваа црна статистика во Македонија, без оглед на можеби лошо употребената формулација, а не суштина на искажувањето, министерот Филипче на прес конференцијата вината за смртноста на бебињата ја префрли и кај бремените жени „во голема мера“, а соопштението на Министерството издадено ден подоцна, во тој дел е невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција