Вера Кричевскаја: Русија протерува и затвора критичари на системот, продолжувајќи неславна и долга традиција
Ние што избегавме од Русија изгубивме сè што имавме дома, и веќе не можеме да се вратиме. Ние сме непријатели за Русија, а и за многу Украинци, но не ги обвинувам за тоа. На многу места во Европа не сме многу добредојдени. Поминаа веќе три години од почетокот на војната, но сè уште не ми се допаѓаат прашањата од каде сум дошла. За жал, не можеме да смениме нешто, и мора да ја прифатиме оваа ситуација, вели телевизиската продуцентка, режисерка на документарни филмови и соосновач на единствената независна телевизиска станица „Дожд“ во Русија пред да биде затворена, Вера Кричевскаја во интервјуто за „Вистиномер“ реализирано на 27. Филмски фестивал на документарен филм во Солун, каде што нејзиниот најнов наслов „Поврзани“ имаше светска премиера
Ние што избегавме од Русија изгубивме сè што имавме дома, и веќе не можеме да се вратиме. Ние сме непријатели за Русија, а и за многу Украинци, но не ги обвинувам за тоа. На многу места во Европа не сме многу добредојдени. Поминаа веќе три години од почетокот на војната, но сè уште не ми се допаѓаат прашањата од каде сум дошла. За жал, не можеме да смениме нешто, и мора да ја прифатиме оваа ситуација, вели телевизиската продуцентка, режисерка на документарни филмови и соосновач на единствената независна телевизиска станица „Дожд“ во Русија пред да биде затворена, Вера Кричевскаја во интервјуто за „Вистиномер“ реализирано на 27. Филмски фестивал на документарен филм во Солун, каде што нејзиниот најнов наслов „Поврзани“ имаше светска премиера
Пишува: Стојан Синадинов
Вера Кричевскаја е авторка на документарни филмови и телевизиска продуцентка родена во Санкт Петербург (Ленинград), соосновач на ТВ „Дожд“, единствената независна телевизиска станица во Русија од 2010 година. Дипломирала на Рускиот државен институт за сценски уметности, музика и кинематографија во 1996 година, а специјализирала и филмска режија на Високите курсеви за сценаристи и филмски режисери. Во 1997 година стана дел од тимот на телевизијата НТВ, работејќи како режисер и продуцент на различни проекти.
Од 2005 до 2008 година, таа работеше во Украина во Starlight Media на Виктор Пинчук и ја лансираше емисијата „Слободата на говорот“ со Савик Шустер на каналот ICTV (Украина). Во 2008 година, Вера ѝ се придружи на Наталија Синдеева во создавањето на единствената независна информативна ТВ станица во Русија – ТВ дожд (Дожд). Во 2014 година, Кричевскаја се пресели во Лондон, Велика Британија, каде што ја основаше својата компанија за филмска продукција Six Days Film. Во нејзиното авторско портфолиото се „Танго со Путин“ (познато како F@ck this Job), „Граѓанскиот поет“,„ Човекот кој беше премногу слободен“ и „Случајот Собчак“, филм за првиот демократски избран градоначалник на Санк Петербург (Ленинград) и политички ментор на Владимир Путин.
Нејзиниот документарецот „F@ck This Job (Tango with Putin)“, чија сторија ги портретира сите премрежија на ТВ каналот „Дожд“, беше објавен на 24 февруари 2022, денот кога Русија ја започна воената инвазија врз Украина. Оттогаш Кричевскаја живее и работи во егзил, а ТВ станицата „Дожд“ емитува програма од Амстердам, Холандија. Бескомпромисно критички настроена кон тоталитарното владеење на Путин со Русија, разбирливо е што тој е редовен антихерој во нејзините телевизиски и документаристички проекти, во кои ја секцира неговата авторитарна технологија на власт.
Најновиот филм на Кричевскаја, „Поврзани“, имаше светска премиера на 27. Интернационален фестивал на документарен филм во Солун. Тоа беше прилика да реализираме интервју со Кричевскаја.
„Поврзани“ е документарна сторија за Дмитриј Зимин, руски научник и експерт за радиокомуникации од некогашниот Советски Сојуз, и неговата трансформација во еден од пионерите на мобилните телекомуникации во Русија по 1990 година. Зимин е горлив застапник за прогресивна наука и граѓанско општество во путинова Русија и повеќе од една деценија беше единствениот јавен финансиски поддржувач на опозицискиот лидер Алексеј Навални. Деловен партнер на Зимин од САД е Оги Фабела (Augie Fabela), син на емигранти од Мексико и Колумбија. Зимин и Фабела ќе ја формираат телекомуникациската компанија „Вимпел“, прва руска компанија што котирала на њујоршката берза, а ќе се откажат од бизнисот по доаѓањето на Путин на власт заради неговите методи на контрола во сите пори на општеството.
Кричевскаја вели дека е презадоволна од досегашниот прием на филмот кај публиката.
Претпремиерата на „Поврзани“ беше на АртДокФест во Рига, Латвија, но таму публиката беше составена од луѓе кои живееле во Советскиот Сојуз и имаат многу заеднички спомени за тој период. Додека, пак, премиерата на Фестивалот во Солун беше вистинскиот предизвик, добив многу прашања на сесијата по проекцијата, и ме радува тој интерес на публиката. Со неколку Грци кои своевремено живееле во Русија заедно плачевме, но среќна сум, вели Кричевскаја.
Како е, пак, да се слушне руски јазик во некој филм после инвазијата врз Украина? Кричевскаја вели дека е искрена кога вели дека ѝ било страв на проекцијата во Рига.
Рускиот јазик денес е толку токсичен! Кога се појави мојот претходен филм „F@ck This Job (Tango with Putin)“, веднаш по почетокот на бомбардирањата во Украина, рускиот јазик и не беше толку токсичен, (непријатен, неприфатлив, заб. ав.). Имавме одличен прием со тој филм низ светот во првиот месец од руската инвазија врз Украина. Но, сега во Рига е поинаква приказна, посочува Кричевскаја.
Од друга страна, пак, критички настроените руски автори се наоѓаат во своевиден „вкрстен оган“: забранети и прогонети од Русија, а светот гледа на нив делумно со сомничавост.
Да, тоа е посебна ситуација. Ние што избегавме од Русија изгубивме сè што имавме дома, и веќе не можеме да се вратиме. Ние сме непријатели за Русија, а и за многу Украинци, но не ги обвинувам за тоа. На многу места во Европа не сме многу добредојдени. Поминаа веќе три години од почетокот на војната, но сè уште не ми се допаѓаат прашањата од каде сум дошла. За жал, не можеме да смениме нешто, и мора да ја прифатиме оваа ситуација, резигнирано анализира Кричевскаја.

Се обидов да ѝ ја објаснам синтагмата „Исток нè отпиша, Запад не нè запишуе“ од култниот македонски игран филм „Среќна Нова ’49“ на Столе Попов, на што Кричевскаја низ смеа се согласува дека таа реченица е како скроена токму за нив. За ТВ каналот „Дожд“, кој емитува програма од 2010, таа вели дека бил замислен како кабелска ТВ, но на два пати биле исфрлани и забранувани од кабелските оператори, иако имал претплата во 13 милиони семејства. Затоа потоа прешол на онлајн емитување, што заедно со Јутјуб платформата е сосема поинаков модел на дистрибуција на вести. По воената агресија на Русија врз Украина, ТВ „Дожд“ прешол најпрвин во Рига, а потоа е лоциран во Амстердам.
Има многу различни начини да ве забранат во Русија. 2023 година беше најтешката во мојот живот, бидејќи моравме да ги евакуираме луѓето, да најдеме пари за финансирање на телевизијата, да ја исполниме правната регулатива, да извадиме работни дозволи..., се сеќава Кричевскаја.
Не само Русија денес или од времето на Советскиот Сојуз, туку и во периодот од крајот на 19. и почетокот на 20. век во царската ера, Русија „произведувала“ многу мигранти – интелектуалци, филозофи, писатели, театарски и филмски автори, создавајќи своевидна „емигрантска култура“.
Да, поголемиот дел од руската култура е создадена надвор од нејзините граници. Тоа е судбина на руската култура, да биде развиена надвор од Русија. Русија сè уште се пресметува со мислечките луѓе во земјата. Ако се навратиме на отворањето на Зимските олимписки игри во Сочи во 2014, таму беа споменати многу познати Руси, но поголемиот дел од нив или емигрирале, или завршиле во затвор, смета Кричевскаја.
Како што приметува Дмитриј Зимин, протагонистот на нејзиниот документарец „Поврзани“, бегството на технолошките иноватори од Русија заради перманентно лабилната состојба во земјата ја турка меѓу заостанатите нации. Зимин го споменува Сергеј Брин, соосновачот на „Гугл“, компанија која продуцира заработка неколку пати поголема од годишните БДП на Русија. Кричевскаја во разговорпот го споменува и Владимир Зварикин, руски емигрант во САД, кој ја измислил телевизиската технологија, како еден од многуте емигранти кои постигнале успех во светот.

И во денешната Русија како и во нејзините државно-идеолошки обрасци во минатото, нема недостиг на политичка технологија која одржува(ла) на власт некои од најдоговечните диктатури во историјата на човештвото. Корените на овие долговечни тоталитарни системи Кричевскаја ги наоѓа во „ДНК на страв и потчинување“ кај Русите, и затоа ликот и делото на Сталин се многу битни да се разбере технологијата на владеење на Путин.
Затоа на Путин не му е тешко да ги разбуди тие сеќавања исполнети со „ДНК на страв и потчинување“, а второ, Русија има богата историја на Гулаг (логори) системи, што ја продуцира максимата „might is right“, односно тој што ја има моќта – може да прави што сака, па со таа моќ создава нова моралност, објаснува Кричевскаја.
Кричевскаја вели дека Путиновата технологија на владеење ѝ е добро позната бидејќи и таа е родена и израснала во Санкт Петербург (Ленинград) како и Путин, и добро ѝ се познати улиците и т.н. заеднички станови од советската ера на кои вежбал стекнување моќ. На забелешката дека и Дмитриј Медведев потекнува од истиот град, Кричевскаја објаснува дека тој е припадник на поновите генерации и созревал во малку подобро окружување. Но, токму затоа што е послаб, затоа е избран од страна на Путин, кој сака да се окружува со слаби луѓе за да владее што подолго и побезобѕирно.
Првиот трофеј на Путин во создавањето на апсолутна власт во 2001 беше НТВ, најпопуларната независна телевизија, бидејќи знаеше дека ако сака да владее авторитарно, мора да го потчини медиумите. Во 2004 година Путин повторно ги освои изборите, беше популарен, економијата растеше, но неговата консеквентност за контролирање на механизмите на власт продолжи со приграбување на целата економија и контрола на Парламентот, вели Кричевскаја.
Можна ли е демократско општество во Русија со оглед на тоа што со векови наназад владее уверувањето дека за таа огромна земја е подобро да биде управувана од апсолутист, без разлика дали е цар или претседател на Централниот комитет на Комунистичката партија на СССР, па дури и Западот преферирал моќен човек на нејзино чело, со кого поефикасно би се разбрал? Кричевскаја смета дека во моментов не е можна демократија во Русија.
Прво, живееме во најголемата криза на демократијата низ целиот свет. Второ, Русите не бараат демократија, таа им беше дадена „од горе“ во краткиот период додека на чело на СССР беше Михаил Горбачов, а потоа Борис Елцин во Русија. Многу сум песимистична, вели Кричевскаја.
Таа се согласува со забелешката дека периодот на владеењето на Елцин со право беше апострофиран како „дивјачки капитализам“, но од друга страна смета дека тој период без цензура за новинарството е најдобриот во нејзиниот професионален живот.
Тогаш бев господарка на мојот живот и кариера како новинарка, сама одлучував за сè. Деведесеттите беа најинспиративни години, и иако во Санкт Петербург немавме што да јадеме, постоеше огромна надеж за подобра иднина, смета Кричевскаја.
Може ли да ја замисли иднината на Русија? Кричевскаја не е оптимистички расположена во врска со иднината, вели дека Путин е во одлична здравствена кондиција, па веројатно ќе владее уште 20 години.
Но, ќе биде и полошо по крајот на неговото владеење, тајните служби КГБ и ФСБ ќе ја задржат моќта, и ќе бидеме многу поокрутни. Не гледам никаква можност за успех на опозицијата, всушност не гледам лидерство кај сегашната опозиција. Во Русија промените секогаш доаѓале „од горе“, и ништо чудно Путин да биде наследен со некоја долгогодишна воена хунта, заклучува Кричевскаја.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар