Вербална војна меѓу Реџепи и Бузаку со навреди, клевети и недоследни изјави

Фото: принтскрин

Војната со зборови меѓу де факто лидерот на Исламската верска заедница (ИВЗ) Сулејман Реџепи и Скендер Бузаку, кој е регистриран како лидер на ИВЗ и претендира да го преземе раководењето на Заедницата, се разгорува сѐ повеќе како што наближува крајот на 72-чосовниот ултиматум за напуштање на лидерската позиција од ИВЗ, кој Бузаку му го даде на Реџепи. Во оваа кавга, зад која стои борба за моќ, има серија недоследни изјави од двете страни, при што денешната изјава на Реџепи за геј заедницата, покрај тоа, е и дискриминаторска

Војната со зборови меѓу де факто лидерот на Исламската верска заедница (ИВЗ) Сулејман Реџепи и Скендер Бузаку, кој е регистриран како лидер на ИВЗ и претендира да го преземе раководењето на Заедницата, се разгорува сѐ повеќе како што наближува крајот на 72-чосовниот ултиматум за напуштање на лидерската позиција од ИВЗ, кој Бузаку му го даде на Реџепи. Во оваа кавга, зад која стои борба за моќ, има серија недоследни изјави од двете страни, при што денешната изјава на Реџепи за геј заедницата, покрај тоа, е и дискриминаторска.

Сѐ започна завчера кога Скендер Бузаку пред медиумите изјави оти поседува докази за криминал во ИВЗ и дека Реџепи има 72 часа да ја „ослободи“ верската заедница, односно да замине.

– Ослободи ја ИВЗ за 72 часа. Седумдесет и два часа му даваме. Ако не се повлече од ИВЗ што ја узурпирал, ако не, тогаш ние имаме страшни докази, страшни факти од кои ќе се чуди Македонија – изјави Бузаку пред новинарите.

[Извор: ТВ21, датум: 01.10.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Како што е познато, секој граѓанин кој поседува докази за криминал, истите треба да ги поднесе до надлежните институции (полиција, обвинителство, итн.). Во својата најнова изјава денеска Бузаку вели дека доказите кои ги поседува утре ќе ги предаде во Јавното обвинителство. Но, давање ултиматуми врз физички лица или институции за кои се однесуваат таквите докази нема правна тежина и не придонесува кон задоволување на правдата. Ако, на пример, Реџепи навистина реши да ја напушти ИВЗ, дали тогаш Бузаку ќе ги закопа доказите за кои вели дека ги поседува? Дали при таква евентуална ситуација тие нема да им бидат предадени на надлежните и оние за кои Бузаку вели дека се вмешани во криминал нема да бидат казнети?

Како одговор на ваквите обвинувања, истиот ден со соопштение реагираше ИВЗ, во кое повторно има елементи на недоследност:

– Денеска, Скендер Бузаку требаше да биде приведен, а не да му се дозволи да настапи јавно и да му се закани на еден верски лидер. Денеска, сите муфтии на Исламската верска заедница на Република Северна Македонија ги депонираа своите изјави пред Јавниот обвинител во врска со обманата и фалсификувањето на документацијата со која што Скендер Бузаку  ја излажа јавноста и сите муслимани во земјата. Неприведувањето на тој човек говори јасно дека државата е опфатена од криминал и од криминалци од типот Бузаку, Боки 13 и др., додека пак единствената валута за реализирање на нивните цели е рекетот на сите тие што размислуваат на друг начин.

Во изјавата се вели и дека „за време на пучот во 2015 година, Скендер Бузаку имал условна судска пресуда за насилство и дека го повторил делото.“

[Извор: ТВ21, датум: 01.10.2019]

И во оваа сопштение има редица недоследности, но и невистини. Во него се вели дека на Бузаку не требало „да му се дозволи да настапи јавно и да му се закани на еден верски лидер.“ Кој е тој што не требало да му дозволи на Бузаку да настапи јавно? И како тоа Бузаку би требало да биде спречен? Дали се бара да биде приведен веднаш штом почнал со своето обраќање пред новинарите? И покрај уставната заштита која ја ужива слободата на мислење и изразување? Нема закон кој вели дека не можете да предупредите некого оти за него поседувате инкриминирачки докази и да ја известите јавноста оти имате намера таквите докази да ги објавите. Но, според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, доколку таквите наводи испаднат неточни, лицето кое е предмет на таквото обраќање може да поднесе граѓанска тужба за клевета. Но, никој не може да биде приведен само зашто изразил мислење пред медиумите.

Од друга страна, проблематично е и тврдењето за постоење на рекет, односно обвинувањето дека обраќањето на Бузаку претставува рекет. Ова веројатно би била прва инстанца таквото кривично дело да се врши пред камери, односно некој да бара рекет од некого пред целата јавност.

Особено недоследно е вмешувањето на ИВЗ во политички води и искажувањето на политички ставови. Во соопштението се вели и дека државата била „опфатена со криминал“ и дека ги рекетира оние кои „размислуваат на друг начин.“ Како претставници на таквата држава се наведени Бузаку и Боки 13 и, се разбира, не се наведени никакви аргументи за тоа како овие две лица се претставници на државата. Од досегашната истрага за случајот „Рекет“ обвинителите не најдоа врска со „државата“, односно не се води истрага против ниеден политичар. Но, дури и да се отвори истрага против некои политичари, тоа не значи дека „државата е опфатена со криминал“. Еден случај на рекет или два не значи дека „државата е опфатена со криминал“. А, кога станува збор за рекетирање на неистомисленици, односно за оние кои „размислуваат на друг начин“, какви тоа политички ставови има ИВЗ заради кои би била рекетирана од актуелната власт? ИВЗ е верска организација, верата и политиката се одвоени според Уставот на Република Северна Македонија. Зошто ИВЗ би заземала политички ставови (кои не ги знаеме), а кои би биле различни од оние на власта, заради кои би била рекетирана. Од кога тоа ИВЗ има политички ставови, односно се меша во политика? ИВЗ е верска организација или е политичка партија? Уште една недоследност во ова соопштение.

Да не говориме за фактот што тензии од овој вид во ИВЗ имаше и во април годинава кога во единствениот судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи како нов поглавар на исламската верска заедница беше запишан Скендер Бузаку, но по неколкудневни расправии, Реџепи продолжи да раководи со ИВЗ.

Добро е што претставници на ИВЗ ги вмешале надлежните институции (јавното обвинителство) и дале изјави за, како што велат „обманата (се мисли на измама – з.а.) и фалсификувањето на документацијата“ наводно извршено од страна на Бузаку. Но, ИВЗ можеше и пред јавноста да излезе со конкретни информации во што се состои оваа наводна измама и фалсификување на документација за точно да занеме за што станува збор и како јавност, но ова е особено важно за верниците и членството на Заедницата. Вака, сѐ останува на ниво на обвинувања за кои не е јасно во што се состојат. Ова, исто така, се однесува и на тврдењето дека Бузаку го повторил делото за кое во 2015 година бил осуден со условна казна. Повторно не знаеме за какво повторување на дело станува збор и кога се случило, а не знаеме ни дали надлежните органи се информирани за таквиот евентуален чин, зашто и тоа би било под нивна надлежност.

И на крај, на ред доаѓа денешната изјава на Реџепи (поддржана со смеење од страна на неговите поддржувачи) каде што вели:

Ние сме денеска тука (…) за друга работа. Со геј не се занимаваме. Гејците надвор од верските заедници.

[Извор: Телма,  датум: 03.10.2019]

Со ваквата изјава очигледно се разгорува битката со зборови меѓу Реџепи и Бузаку. Бузаку, пак, како одговор рече дека не се чуди на ваквите изјави, додавајќи „тоа го изјавува секогаш, бидејќи е стар човек и сам не знае што зборува. Во недостиг на аргументи, тој навредува.“ Изјавата на Реџепи е бездруго навредлива, но повторно недоследна. Да се каже „гејците надвор од верските заедници“ може да биде само негов личен став, кој во никој случај не е вистинит зашто постојат верски заедници кои не ги дискриминираат верниците во однос на нивната сексуална ориентација, ниту, пак, по однос на други вродени или стекнати карактеристики.

Во секој случај, оваа вербална војна меѓу Реџепи и Бузаку единствено што продуцира тоа се навреди, клевети и недоследни изјави преку неиздржани обвинувања и контраобвинувања. И не е од корист никому, а најмалку на верниците. Но, од досегашниот тек на оваа вербална војна, „Вистиномер“ овие изјави ги оценува како недоследни во склад со својата методологија. И со оглед на најавите за тоа што има во доказите на Бузаку (обвинувања за стриптиз во хотел во Охрид, обвинувања за финансиски криминал, итн.), ниското ниво на комуникација и понатаму ќе продолжи, а со тоа и навредливите и недоследните изјави сѐ додека оваа вербална војна не се пресели таму каде што ѝ е местото – пред судовите.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Владимир Петрески

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.