Верските заедници и коронавирусот: Дали црквите и џамиите времено ќе ги затворат портите?

[Рецензија: Верските заедници немаат намера да ги затворат црквите и џамиите за верниците]

Дали верските заедници ги почитуваат мерките на надлежните државни институции и на Светската здравствена органицација, за подобро справување и спречување на ширењето на коронавирусот? Во јавноста сè погласно се говори за тоа дека црквите и џамиите треба сериозно да размислат да ги затворат вратите на нивните објекти за верниците додека трае опасноста од зараза и ширење на вирусот.

Линк до оригиналниот напис: Верските заедници немаат намера да ги затворат црквите и џамиите за верниците

Датум и време на објавување: 15.03.2020

Датум на рецензија: 16.03.2020

Рецензира: Стојан Синадинов

Овој текст критички го опсервира однесувањето на верските заедници во Македонија кон препораките на Владата со ограничување на контакти и движење да се намали ризикот од ширење на коронавирусот, констатирајќи дека останале имуни на овие владини мерки.

Изминатиот петок и Исламската Верска Заедница и Македонската Православна Црква, се оглушија и не презедоа никакви чекори да ги затворат вратите на верските објекти за масовно собирање на нивните верници.

Како доказ се објавени и фотографии од петочната литургија во Соборниот храм во Скопје, а притоа се наведува дека се присутни и деца.
И во скопските џамии, според написот, не е ништо поинаку и покрај апелите, како оној на граѓанскиот активист Јасмин Реџепи, Исламската верска заедница (ИВЗ) да ги редуцира повиците до верниците за петочните верски обреди да доаѓаат во џамиите.
Реис Улема Сулејман Реџепи, пак, тврди дека е направена дезинфекција на џамиите и при влез и излез од нив, дека петочната молитва мора да се одржи во верска зграда, во џамија, додека сите други треба да се молат во своите домови. Според него, „целосното затворање на џамиите ќе предизвика паника кај граѓаните“.
Но, дали е навистина така?
„Дојче веле“ во текстот посветен на оваа проблематика вели дека „коронавирусот ги напаѓа сите луѓе, сеедно дали се христијани, Евреи, муслимани или хиндуси. Црковните заедници мораат да преземат мерки, да се изостават верски ритуали. Ситацијата ја користат и теоретичари на заговори. “.

… Бискупи и црковни водачи од различни националности и конфесии откажуваат конференции. Многу синагоги во САД се затворени. Еврејскиот Пурим фестивал, кој е всушност шарен спектакл налик на карневал, протече многу скромно а на некои места не беше ни одржан. И живописниот Холи фестивал на Индусите во Индија не беше прославен толку масовно како обично. Централниот совет на муслиманите во Германија на својата интернет страница објави дека е во духот на исламот „кога локална џамија ќе откаже петочна молитва поради здравствена заштита или сомневање за можна зараза.“ Исламскиот теолог и верски педагог од Минстер, Муханад Корхиде го истакнува фактот дека е затворена и Кааба во Мека. „Тоа беше најстрога замислива мерка и ја покажува сериозноста на ситуацијата, но и огромната одговорност на надлежните“, изјави тој во интервју за Дојче веле.

И Исламската заедница на Косово (БИК) на 14 март 2020 г. објави дека, поради опасноста од ширење на коронавирусот, времено се суспендираат дневните молитвени собири со ритуали на клањање и другите верски обреди во џамиите низ земјата.

И Турција ги укина групните молитви во џамиите.

Шефот на турската Управа за верски прашања, Али Ербас вели дека околу 90 илјади џамии во земјата ќе останат отворени, доколку верниците сакаат да дојдат поединечно да се помолат. Според официјалните податоци, во Турција има 18 случаи на зараза. Турските власти вчера ставија во карантин илјадници верници кои се вратиле од Саудиска Арабија, соопшти РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА.

Агенцијата МЕТА на 14 март 2020 г. објави дека техничкиот премиер Оливер Спасовски најавил средба со лидерите на сите верски заедници во државата, на која ќе се разговара за заштитата на верниците од корона вирусот.

Разговарав поединечно со лидерите на сите верски заедници, ме уверија дека ќе ги почитуваат препораките. Но, сепак мислам дека е потребно да организираме една заедничка средба на која ќе испратиме заеднички апел до сите верници во државата да ги почитуваат препораките на Владата.  – рече Спасовски.

„Вистиномер“ пренесе анализа од „Глобал војсис“ за одбивањето на Црквите во Грција и Северна Македонија да ги модифицираат ритуалите што придонесуваат за ширење на КОВИД-19.

Светската здравствена организација (СЗО) ПРЕПОРАЧУВА да се избегнуваат големи собири, како и да се практикува зголемено ниво на лична хигиена и санитација со цел да се минимизира ширењето на вирусот преку допир, размена на телесни течности, или преку воздухот, се потенцира, меѓу другото, во анализата.

Религиските заедници се одвоени од државата, но постојат некои универзални вредности кои би требало да се почитуваат. Во нив спаѓа и борбата против загрозата од пандемијата со коронавирусот и заштитата од неа.

Засега ( до моментот кога е пишуван овој текст 16.03.2020 г.) да споменеме дека само некои православни верски објекти ги затворија портите за верниците или го редуцираа нивното присуство (поради кризната состојба во Дебар и Центар Жупа).

 

Овој напис е дел од специјалното известување на КриТинк за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција