Вештачката интелигенција да се користи како асистент и податоците кои ги нуди редовно да се проверуваат
Граѓанските организации треба да ја користат технологијата како алатка за помош, но секогаш треба да бидат и коректор на општите генерички податоци кои ги нуди АИ
Вештачката интелигенција треба да биде асистент на граѓанските организации чии податоци треба да се проверат и надгледуваат и не треба да се доживува како нешто на кое треба слепо да му се верува, е еден од заклучоците од вториот ден на заедничката меѓународна конференција „MEGAPHONE & e-Society 2026“, која се одржа во Скопје под мотото „We Hold the Line“, во организација на Фондацијата „Метаморфозис“ и TechSoup, во партнерство со CIVICUS, како дел од Иницијативата за дигитална демократија (DDI). На конференцијата учествуваат над сто претставници на граѓански организации од Западен Балкан, Црноморскиот Регион, Кавказот и Централна Азија.
Луѓето кои работат во граѓанскиот сектор треба да се во чекор со времето и да ги искористат можностите на АИ, но тоа не значи дека треба да научат и да знаат сѐ за нив. Тие се експертите кои работат на решавање на локалните проблеми на своите заедниците, а технологијата е нивната алатка за помош.
„Експертизата на луѓето од организациите кои ги познаваат локалните проблеми треба да е коректорот на вештачката интелигенција“, смета Едафе Онерхиме, експерт за отворени податоци и АИ.
Таа посочува дека технологија треба да е употреблива за граѓанските организации, кои треба да внимаваат и да не им нанесе штета во нивната работа. Онерхиме смета дека мислењата дека вештачката интелигенција е премногу техничка или пак премногу скапа алатка се митови.
„Луѓето се експертите за прашањата на кои работат граѓанските организации, а технологијата е алатката за помош и секогаш треба да има коректор на општите генерички податоци кои ги нуди АИ. Сепак тоа не значи дека луѓето треба да знаат сѐ и да бидат добри во сѐ“, смета Онерхиме.
Мариа Маковска од TechSoup зборуваше за основите на вештачката интелигенција за граѓанските организации и посочи дека во ерата на технологијата АИ алатките се неопходни за организациите, но не треба да се амбицираме да ги познаваме и да ги употребуваме сите. На својата сесија со дел од учесниците на настанот, Маковска зборуваше за ограничувањата, ризиците и етичките прашања што доаѓаат со алатките за вештачка интелигенција.

„АИ е многу корисна алатка која може да ни донесе содржина за секунда, секогаш мора да внимаваме дали таа содржина е вистинита и да не дозволиме да паднеме во нејзината замка“, вели Маковска.
Таа ги советуваше претставниците на граѓанските организации секогаш кога користат помош од АИ, никогаш да не му веруваат на првиот и најбрзиот резултат и секогаш да побараат извори, линкови и цитати со кои се потврдува одредено тврдење, што уште еднаш ја нагласува важноста на човековото знаење. Вештачката интелигенција не смее да ги носи одлуките наместо луѓето, бидејќи таа ни е партнер, а не замена. Маковска нагласи дека организациите треба да внимаваат при користењето на личните податоци на соработниците и клиентите кои никогаш не смеат да се споделат со вештачката интелигенција. Таа истакна дека насоките кои ги даваме кон АИ асистентите секогаш треба да се јасни, кои и какви податоци ни се потребни, а препорачливо е да се бара и хуманизација на одговорите.
„Луѓето во последно време стануваат чувствителни на општа генеричка порака или имејл, веднаш ја препознаваат, заради што е добро луѓето од организациите содржините напишани од АИ да ги проверат и да се додаде личен печат“, смета Маковска.
Преземено од Мета.мк
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар