Вест која се однесува на Индија, споделена како да е во Македонија
Уште една вест која е пласирана на начин да се поверува дека е за настани кај нас, иако станува збор за Индија.
Многу често на социјалните мрежи се споделуваат вести кои навидум изгледаат како да се однесуваат за С. Македонија и тоа обично се прави со бомбастични наслови кои ги тангираат луѓето, со цел да се предизвика нивна реакција. Затоа е многу важно следбениците на социјалните мрежи да не „наседнуваат“ на вакви објави, туку секогаш да ги отвораат вестите и внимателно да ги читаат, за да не бидат доведени во заблуда
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели:
Возилата постари од 15 години нема да смеат да полнат гориво.
Објавата е придружена со фотографија на која се гледаат автомобили со скопски регистарски таблички што асоцира дека вакво нешто ќе се случува во С. Македонија.
Објавата е доста вирална и има преку 800 допаѓања и повеќе од 600 коментари. Од коментарите на следбениците под објавата може да се види дека многумина поверувале дека кај нас ќе се носи нов закон кој би предвидувал возила постари од 15 години да не смеат да полнат гориво.

Но, кога ќе ја отворите веста што ја споделува објавата, ќе видите дека тоа нема никаква врска со Македонија, туку дека станува збор за Индија, поточно индискиот главен град Њу Делхи.
Бензинските пумпи ќе бидат опремени со системи за вештачка интелигенција кои автоматски ќе ги идентификуваат возилата што не ги исполнуваат пропишаните еколошки стандарди. Индискиот главен град Делхи воведе ново ограничување за возила со мотори со внатрешно согорување, бидејќи од 31 март 2025 година, бензинските пумпи повеќе нема да можат да полнат автомобили постари од 15 години. Мерката има за цел да го намали загадувањето на воздухот, што го рангира Делхи меѓу најлошите метрополи во светот.
Значи, објавата и насловот на написот споделен во неа немаат никаква врска со С. Македонија, но тоа намерно не е никаде нагласено со цел објавата да биде што повидлива и да собере повеќе реакции. Очигледно е дека целта била постигната доколку ја имаме предвид виралноста на објавата.
Многу често на социјалните мрежи се споделуваат вести кои навидум изгледаат како да се однесуваат за С. Македонија и тоа обично се прави со бомбастични наслови кои ги тангираат луѓето, со цел да се предизвика нивна реакција. Затоа е многу важно следбениците на социјалните мрежи да не „наседнуваат“ на вакви објави, туку секогаш да ги отвораат вестите и внимателно да ги читаат, за да не бидат доведени во заблуда.
Поради сето погоре, објавата која ја анализираме ја оценуваме како објава на која ѝ недостига контекст.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар