Вест за уапсени членови на наркокартел во Црна Гора претставена како вест за уапсен македонски пејач

Веста нема никаква врска со фотографијата на објавата што ја анализираме, односно на фотографијата не е познат македонски пејач кого полицијата го уапсила. Личноста на фотографијата со лисици на рацете е Горан Стојановиќ, поранешен полицаец обвинет за создавање криминална организација и шверц со кокаин

Со објавата е споделена и фотографија на која се гледа полицаец како води човек со лисици на рацете и има капа на главата. Вистиномер ја пронајде фотографијата објавена на црногорскиот портал „Вијести“ на 10 ноември 2025 година. Веста информира за продолжување на судски процес за обвинети за создавање криминална организација и шверц со кокаин. Личноста на фотографијата со лисици на рацете е Горан Стојановиќ, поранешен полицаец обвинет за создавање криминална организација и шверц со кокаин

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

(ФОТО+ВИДЕО)- ШОК Познатиот Македонски пејач уапсен фатен додека водел љубов со ДВЕ Малолетнички – Погледни – Прочитајте повеќе под линкот во коментарите..

Со објавата е споделена и фотографија на која се гледа полицаец како води човек со лисици на рацете и има капа на главата. Вистиномер ја пронајде фотографијата објавена на црногорскиот портал „Вијести“ на 10 ноември 2025 година.

Веста информира за продолжување на судски процес за обвинети за создавање криминална организација и шверц со кокаин.

Личноста на фотографијата со лисици на рацете е Горан Стојановиќ, поранешен полицаец обвинет за шверц на дрога.

Денес во Вишиот суд во Подгорица продолжи презентацијата на одбраната на обвинетите, во судењето на поранешниот претседател на општина Будва Мило Божовиќ, Петар Лазовиќ, Љубо Миловиќ и другите обвинети за создавање криминална организација и шверц со кокаин, пред посебен совет со кој претседаваше судијата Симо Рашовиќ. Обвинетиот Горан Стојановиќ, кој беше ослободен од притвор и му беше одредена мерка забрана за напуштање на домот, и Иван Николиќ и Тихомир Аџиќ, ги негираа наводите во обвинението и ја оспорија апликацијата на Скај како доказ, се наведува во информацијата на Вијести.

Значи, веста нема никаква врска со фотографијата на објавата што ја анализираме, односно на фотографијата не е познат македонски пејач кого полицијата го уапсила.

Објавата нуди и линк наводно до веста за уапсениот пејач, но тој води кон надворешна страница Алиекспрес, поточно води кон страница којашто не е поврзана со настанот кој се опишува во насловот.

Кога Вистиномер вторпат притисна на линкот, тој нè одведе на некоја украинска страница која исто така нема никаква врска со најавата во објавата.

Од ова станува јасно дека настанот не е од датумот на кој се споделува објавата, ниту пак се однесува на С. Македонија и покрај тоа што е цитирана во таговите.

Станува збор за кликбејт објава, што претставува вид на содржина што е намерно дизајнирана да привлече што е можно повеќе кликови, прегледи или интеракции, најчесто преку сензационален, претеран или двосмислен наслов кој не ја открива целосната суштина на информацијата. Главна карактеристика на кликбејтот е користењето емоционално набиен јазик што предизвикува љубопитност, шок, страв или возбуда, како и намерно изоставување клучни информации со цел корисникот да биде „принуден“ да кликне за да дознае повеќе. Целта на кликбејт објавите е манипулација со емоции преку користење привлечни слики или видеа што не секогаш се директно поврзани со содржината.

Иако ваквите објави можат привремено да го зголемат досегот и ангажманот, нивното влијание врз корисниците на социјалните мрежи често е негативно, бидејќи создаваат чувство на разочараност, ја намалуваат довербата во медиумите и придонесуваат за површно информирање.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција