Ветениот научен институт за демографски истражувања сè уште не е формиран
Ветувањето од предизборната програма на владејачката ВМРО-ДПМНЕдека ќе отвори научен институт како институционална поддршка на справувањето со демографските предизвици, што би овозможило подигнување на популациската политика на научно ниво и на мониторингот на реализацијата на стратегиите и плановите, до септември 2026 е неисполнето.
Ветувањето од предизборната програма на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека ќе отвори научен институт како институционална поддршка на справувањето со демографските предизвици, што би овозможило подигнување на популациската политика на научно ниво и на мониторингот на реализацијата на стратегиите и плановите, до септември 2026 г. е неисполнето
Едно од ветувањата во предизборната програма Платформа #1198 – Македонија повторно твоја на партијата ВМРО-ДПМНЕ за единаесеттите по ред парламентарни избори, одржани на 8 мај 2024 заедно со вториот круг на претседателските избори, беше и Националниот план за демографија. Меѓу дваесеттината точки кои се однесуваат на подобрувањето на демографскатата слика во С. Македонија во периодот 2024-2028 е и зајакнувањето на институционалните капацитети со формирањето на Научен институт за демографски истражувања.
Ветување: Ќе предвидиме поддршка за отворање на научен институт за демографски истражувања, миграциска и популациска политика, во рамки на новата институционална поддршка на справувањето со демографските предизвици. На овој начин, популациската политика ќе се подигне на научно ниво и ќе се овозможи следење на реализацијата на стратегиите и плановите за демографски развој.
[Извор: Платформа #1198 – Македонија повторно твоја / Национален план за демографија (стр.42); датум: 08.05.2024]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, која ја предводи владејачката коалиција повеќе од две години, дека ќе отвори научен институт како институционална поддршка на справувањето со демографските предизвици, што би овозможило подигнување на популациската политика на научно ниво и на мониторингот на реализацијата на стратегиите и плановите до септември 2026 г. е неисполнето.
Неисполнувањето на ова предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ, која како владејачка партија ги има сите институционални механизми за делување, може дополнително да се подвлече во светло на неповолниот демографски развој во земјава, кој на првиот училиштен ден на 1 септември резултира со продолжување на негативниот тренд. Имено, во новата учебна 2026-2027 година се запишани 14.952 ученици во прво одделение, иако според податоците во 2020 година биле родени 19.013 деца.
Министерството за образование и наука (МОН) направи реорганизација на паралелките во основните и средните училишта, па така новата учебна година започнува со 433 паралелки помалку: од нив 222 во основното и 211 во средното образование. Овој септември остануваат затворени вратите на 26 подрачни училишта, со што бројот на празни училишта во Македонија се искачи на 148. Овие затворени училишта се лоцирани претежно во руралните средини.
И премиерот Христијан Мицкоски го искористи почетокот на новата училишна година за да се осврне на овој негативен демографски тренд како главна причина за намалувањето на бројот на ученици и затворањето на дел од училиштата во земјава. Според Мицкоски, во 2025 година во Македонија се родиле околу 15.650 деца, додека во годините пред пандемијата бројката се движела меѓу 22.000 и 23.000 новородени годишно. Следствено на ова, опаднат е и бројот на запишани првооделенци во училиштата.
Станува збор за 7.000 до 8.000 деца помалку во рок од седум-осум години, рече Мицкоски, оценувајќи дека демографијата учествува со околу 90 проценти во проблемот со намалувањето на бројот на ученици, а како дополнителен фактор го посочи и иселувањето.
Што направи Владата во делот на демографската политика?
Програмата за работа на Владата 2024-2028, што Христијан Мицкоски како мандатар ја достави до Собранието во јуни 2024, содржи и Национален план за демографија, во кој е истакнато дека „Владата се обврзува да го стави демографскиот развој во прв план како област од клучно значење за економскиот развој, стабилноста на државата и националната безбедност. Македонија се соочува со растечки проблем на депопулација кој е предизвикан од долготрајниот, негативен природен прираст, како и растечкиот број млади и образовани луѓе кои одлучуваат да ја напуштат Македонија. Кон ова, институционално и програмски мора да се насочуваат моделите за демографска обнова, стимулирање на останувањето во Македонија и вработувањето“ (стр. 16).
Овој Национален план за демографија завршува со повтореното ветување за поддршка за отворање на научен институт за демографија:
Ќе предвидиме поддршка за отворање на научен институт за демографски истражувања, миграциска и популациска политика, во рамки на новата институционална поддршка на справувањето со демографските предизвици.
Сепак, научен институт за демографски истражувања, миграциска и популациска политика како посебна научна институција, со назив и функција какви што се ветени, не е отворен досега – до септември 2026 година.
Од друга страна, има некои придвижувања во насока на институционално справување со демографските предизвици. Така, Министерството за труд и социјална политика во актуелната Влада е титулирано како Министерство за социјална политика, демографија и млади (сепак со стариот интернет домејн mtsp.gov.mk) и има посебни одделение – „Демографија и млади“, каде што се креираат и „Политики за демографски развој“.
Актуелната Влада на почетокот на нејзиниот мандат го назначи Влатко Ѓорчев за национален координатор за демографија, млади и човечки ресури. Тоа наиде на жестока реакција на опозициската СДСМ, која велеше дека „ВМРО-ДПМНЕ го смести во фотелја, му измислија државна функција како национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси. За измислената државна функција на Ѓорчев граѓаните ќе плаќаат над 105.000 денари месечно или над 1 милион денари годишно. Додека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема пари за поголема минимална плата, нема пари за наставниците, за работниците, измислуваат функции за сместување на поранешни функционери и членови на ДПМНЕ…“.
Кога ќе се пребара интернет просторот, има многу малку вести со активности на новиот национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси, без видлива програмска политика за справување со демографските предизвици (тука и тука).
Кога ќе се сумираат податоците околу активностите на актуелната Влада во справувањето со негативните демографски трендови, фактите се следни:
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во нејзината програма за работа во периодот 2024–2028 го става демографскиот развој како еден од приоритетите, а меѓу мерките е наведено и предизборното ветување за отворањето научен институт за демографски истражувања, миграциска и популациска политика, што досега не е остварено.
Во 2024 г. Министерството за труд и социјална политика е преименувано во Министерство за социјална политика, демографија и млади, а Влатко Ѓорчев е именуван на нововоспоставената функција национален координатор демографија, млади и човечки ресурси.
На 30 септември 2025 година, Владата на дневен ред на 116-та седница имала „Информација за донесување на Национална стратегија за демографски политики 2025–2045“ (точка 48), но повторно тоа не е остварување на ветувањето за основање и функционирање на научен институт за демографија.
Освен стандардното финансирање на работата на Министерството за социјална политика, демографија и млади, нема податоци за посебно буџетско издвојување именувано како основање/формирање на научен институт за демографски истражувања.
Годинава Владата формира нова Стратегија за демографска отпорност 2026–2046, која премиерот Мицкоски на 07.05.2026 г. ја претстави како национална рамка за справување со демографските предизвици, односно национална рамка за иднината на државата. Но, тоа не е исто што и Научен институт за демографски истражувања од предизборното ветување.
Научен институт за демографски истражувања би бил функционален доколку постои одлука/правен акт за формирање или отворање; определен основач или институција во чија рамка ќе функционира; обезбедени средства; организациска структура и работни места; директор/раководство и научен кадар; и започната научноистражувачка работа. Наместо оваа ветена институција, во Министерството за социјална политика, демографија и млади постои сектор за демографија и миграции, составен од Одделение за анализа и развој на демографски политики; Одделение за програми и проекти за демографска ревитализација и миграции; Одделение за демографска ревитализација; Одделение за миграција, интеграција и статус на странци. Во истото министерство постои и функција државен советник за демографија и миграции. Сепак, и покрај ваквиот административен капацитет, ветениот научен институт за демографски истражувања не постои ниту во институционален зародиш.
Според горенаведените факти, ветувањето од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе отвори научен институт како институционална поддршка на справувањето со демографските предизвици и подигнување на популациската политика на научно ниво, го оценуваме како неисполнето.
Извори:
- (08.05.2024) Платформа #1198 – Македонија повторно твоја / Национален план за демографија; [проверено на 01.09.2026]
- (31.08.2026) Независен Учебната година почнува со 433 паралелки помалку и затвoрени 148 училишта [проверено на 01.09.2026]
- (06.09.2024) 24 Вести Влатко Ѓорчев, Павле Трајанов, Солза Грчева ќе земаат над 100 илјади денари месечно да ја советуваат Владата [проверено на 01.09.2026]
- (07.05.2026) Влада на РСМ Мицкоски: Стратегијата за демографска отпорност 2026-2046 е национална рамка за иднината на државата [проверено на 01.09.2026]
Оцени: Стојан Синадинов
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар