Ветените спортски училишни сали во Ресен не се изградени

ОУ „Мите Богоевски“ има сала во училишната зграда, ветената од Стрезовски се чека. Фото: ОУ „Мите Богоевски“ - Ресен

 

Проект Изградба на две спортски училишни сали

Опис: Со цел поттикнување на правилен психофизички развој и поттикну­вање на спортскиот и натпреварувачкиот дух кај младите и возрасните во соработка со Владата на Република Македонија ќе изградиме две спортски сали во:

ОУ „Мите Богоевски“ и

ОУ „Гоце Делчев

(Извори на финансирање: Буџет на Република Македонија, Рок за реализација: 2015.)

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Изградба на две спортски сали во основните училишта „Мите Богоевски“ и „Гоце Делчев“ во Ресен вети Ѓоко Стрезовски во својата изборна програма за локалните избори во 2013 година, на страница 19. Рокот што го наведе за реализација на ова ветување е 2015 година. Според тоа што го утврдивме пребарувајќи на интернет и прашувајќи жители на Ресен, ова ветување на градоначалникот Ѓоко Стрезовски е неисполнето.

Ветувањето од програмата на Стрезовски го повторува и тогашниот министер за образование и наука Панче Кралев, на 3 април 2013 година. Но, тој како рок наведува „следните четири години“.

Тоа е и целта на нашата Влада. Во наредните четири години со новиот градоначалник Ѓоко Стрезовски ќе изградиме уште две спортски сали во основните училишта „Гоце Делчев“ и „Мите Богоевски“ каде покрај наставата, учениците ќе можат и да се усовршуваат во разни спортови, истакна Кралев.

Информацијата што ја добивме од еден ресенчанец е дека ветените спортски сали не се изградени. Но, проверките не ги запревме на тоа.

Во отчетот  на ресенскиот градоначалник Ѓоко Стрезовски од минатата година, „Две години посветеност кон развојот на Преспа 2013-2015“ , не се споменува дека се изградени двете спортски сали во училиштата „Мите Богоевски“ и „Гоце Делчев“. При презентирањето на оствареното во 2015 година, но и во едно интервју во кое зборува за направеното во 2014 година, како и во отчетот за првите 10 месеци од мандатот, Стрезовски исто така не кажува дека се изградени тие две училишни спортски сали, ниту пак дека се почнати активности за исполнување на ветувањето.

Информација дека е тоа сторено не се наоѓа ниту во Информаторот на веб-сајтот на Oпштина Ресен. Потврда за тоа дека салите се изградени, или, пак, дека е почната нивната изградба нема ниту на веб-сајтот на Министерството за образование и наука. Темелното пребарување на делот Вести и настани не нѐ доведе до информација дека е нешто преземено за изградба на спортски сали во ресенските основни училишта „Мите Богоевски“ и „Гоце Делчев“ во Ресен.

На веб-сајтот на ОУ „Мите Богоевски“ гледаме дека училиштето има спортска сала, но како што дознавме од ресенчанецот со кој разговаравме, тоа е спортска сала во рамките на училишниот објект направена при изградбата на училиштето, а не новоизградена посебна спортска сала,  каква што вети Стрезовски.

Со оглед на утврденото при проверките, ветувањето на Ѓоко Стрезовски за изградба на две спортски сали во основните училишта „Мите Богоевски“ и „Гоце Делчев“ во Ресен до крајот на 2015 година е неисполнето.

 

ИЗВОРИ

  • Изборна програма на Ѓоко Стрезовски за локални избори 2013-2017 (стр. 19) [Пристапено: 22.06.2016]
  • МИА – Изградба на две училишни спортски сали во Ресен, најави министерот Кралев (03.04.2013) [Пристапено: 22.06.2016]
  • Отчет на Ѓоко Стрезовски – Две години посветеност кон развојот на Преспа 2013-2015 (стр. 10-11  14) [Пристапено: 22.06.2016]
  • ПелаНет – Годишно обраќање на Градоначалникот на Општина Ресен (31.12.2015) [Пристапено: 22.06.2016]
  • ПреспаИнфо – Новогодишно интервју со Градоначалникот на Општина Ресен М-р Ѓоко Стрезовски (07.01.2015) [Пристапено: 22.06.2016]
  • Веб-сајт на ВМРО-ДПМНЕ – Бројни инвестициони зафати го направија Ресен поубава општина (09.02.2014) [Пристапено: 22.06.2016]
  • Веб-сајт на општина Ресен – Информатор [Пристапено: 22.06.2016]
  • Веб-сајт на Министерство за образование и наука – Вести и настани [Пристапено: 22.06.2016]
  • Веб-сајт на ОУ „Мите Богоевски“ – Ресен [Пристапено: 22.06.2016]

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција