Ветувањето за спомениците во Прилеп исполнето – градоначалникот под истражна постапка

Поставување на споменикот на Блаже Конески во Прилеп, Фото: Скриншот

Поставување споменици на значајни дејци и заслужни личности:

На предлог на граѓаните, општината ќе ја разгледа можноста за поставување споменици и на други истакнати граѓани од културно историското минато на општина Прилеп, согласно расположливите средства. (Рок: 2014-2017 година)

  • споменик на Блаже Конески,

  • споменик „Прилепски бранители“

  • споменик на Круме Кепески

  • споменик на Методија Шаторов – Шарло

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за поставување споменици на значајни дејци и заслужни личности во Прилеп е најавен во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ (локални избори 2013-2017 година во Прилеп, дел „Култура“, стр.81) , чиј кандидат и актуелен градоначалник е Марјан Ристески. Проектот е предвиден да се реализира во периодот 2014 – 2017. Ова изборно ветување е исполнето, но во тек е истрага на Основното јавно обвинителство во Прилеп поради прекршување на законите .

Споменикот на Блаже Конески во Прилеп беше поставен на 07.12.2013 година по повод 20 годишнината од смртта на овој писател, подготвен од авторот Бранко Конески.  Од истиот автор е подготвен и споменикот на Круме Кепески (поставен е, но нема нформација за точниот датум на поставувањето). Камен темелникот на споменикот “Прилепски бранители” беше поставен на 11.03.2013 година. Во декември 2015 година јавно е изложен идејниот проект за споменикот на Методија Шаторов – Шарло. Според тоа, ова ветување се оценува како исполнето.

На подигнувањето на овие споменици во периодот од 2011 – 2013 година претходеше подигнување на споменици на Кузман Јосифовски- Питу, Пере Тошев, Пеце Атанасоски, Ѓорче Петров како и спомен обележјето “Карпалак”.

Во октомври 2015 година, адвокатот Жарко Стевановски до Министерството за култура поднесува  пријава против градоначалникот Марјан Ристески, Општина Прилеп и одговорните лица од општинската администрација. Пријавата  се однесува на спомен обележјата на Кузман Јосифоски-Питу, Пере Тошев, Пеце Атанасоски, Ѓорче Петров, Блаже Конески , Круме Кепески, и Карпалак поради, како што е наведено „Повреда на одредбите од законот за меморијални споменици и спомен обележјата по однос правилата на постапката“.”

Во пријавата се наведува следново:

Во споменатиот период во Прилеп беа подигнати споменици на Кузман Јосифоски-Питу, Пере Тошев, Пеце Атанасоски, Ѓорче Петров, Блаже Конески и Круме Кепески, за што биле потрошени 181.830,00 евра. Во исто време беше изградено и спомен обележјето „Карпалак“, чија цена на чинење изнесувала 487.804,88 евра.Споменатите спомен обележја не се изградени согласно закон. Ниту еден од нив не подлежи на правна заштита во случај на штета предизвикана од трети лица. Постапката со која се носени Одлуките за подигање на спомениците е исто така спротивна на законот, бидејќи локалната власт нема обезбедено статус на културното наследство на Општина Прилеп и на Република Македонија. Исто така извршена е злоупотреба на постапката за јавни набавки во делот на конкурентноста на понудите, транспарентноста при изборот на идејно решение и презентацијата на идејните проекти пред јавноста. Истовремено, спомениците се подигнати без одобрение за градење согласно прописите за изградба на инвестициони објекти и прописите за просторно и урбанистичко планирање. Кажано накратко, заобиколен е цел еден закон кој важи од 2004 година па до денес, а тоа е Законот за меморијалните споменици и спомен обележјата кој претставува Lex specialis, т.е. Специјален закон по однос на прашањата за постапката за подигање меморијални споменици и спомен обележја во Република Македонија“, појаснува адвокатот Жарко Стеваноски. (Револуционер.мк. 01.10.2015 )

Како што може да се забележи во пријавата, освен повреда на Законот за меморијални споменици и спомен обележја, се посочува и злоупотреба во однос на постапката за јавни набавки во делот на конкурентноста на понудите, транспарентноста при изборот на идејно решение и презентација на идејните проекти пред јавноста.

По однос на поднесената пријава, Министерството за култура изрече парична казна на Општина Прилеп и градоначалникот Марјан Ристески. Во одлуката од Министерство за култура, како што е пренесено во медиумите се наведува дека копија од пријавата и комплетната документација ќе се испрати на увид и понатамошно постапување до Основното јавно обвинителство во Прилеп, како надлежно за постапување за изврешни повреди на одредби од Законот за јавни набавки.

Според информациите од последното издание на Фокус од 29.04.2016, Основното јавно обвинителство во Прилеп, повеќе од 4 месеци води истражна постапка против прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.

ИЗВОРИ:

Оценето од: Mилена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција