Вевчани доби туристички центар

Фото: vlada.mk

Градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски во кампањата за локалните избори 2017 година вети изградба на Туристички центар – објект за мултикултурни дејности. Ова негово изборно ветување е исполнето. Туристичкиот центар во Вевчани е изграден и беше свечено отворен на крајот на август.

Ветување: Реконструкција и адаптација на старата зграда на основното училиште во објект за мултикултурни дејности.

[Извор:Изборна програма „Живот во Вевчани за сите“ (стр.11); Датум:октомври 2017 г.]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ: 

Градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски во кампањата за локалните избори 2017 година вети изградба на Туристички центар – објект за мултикултурни дејности. Ова негово изборно ветување е исполнето. Туристичкиот центар во Вевчани е изграден и беше свечено отворен на крајот на август.

Во изборната програма на Јанкоски,  „Живот во Вевчани за сите“ (стр.11) е наведено дека:

Со реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во објект за мултикултурна дејност, ќе се збогати културната дејност во населбата со поставки од музејска вредност, поврзани со богатото културно наследство на населбата, отстапување на дел од просторот за младински културен центар, простор за ликовни изложби, промоции на книги и најважно, враќање на сјајот на ремек-делото на вевчанската архитектура.

Во октомври 2020 година почна адаптацијата на старата училишна зграда во туристички центар. Тогаш беше најавно дека во рамките на овој мултифункционален туристички објект со површина од 1.400 метри квадратни ќе има конгресна сала, галерија, музејски поставки, фитнес сала, кафетерии и други содржини.

Општина Вевчани поседува богато културно наследство, кое ќе биде презентирано во музејот во рамките на објектот. Ќе бидат изложени поставки, кои го карактеризираат духот на Вевчани.

Ќе има поставка од заштитеното подрачје на Јабланица, ќе има етно поставка за Василица, поставки со народните носии во Вевчани…, информираше Јанкоски.

Во мај оваа година започна ентериерното уредување на мултикултурниот објект.

Овој современ објект ќе придонесе за збогатување на туристичките содржини во Општина Вевчани. Во музејот ќе бидат поставени предмети кои го карактеризираат духот на Вевчани. На приземјето е планирано да има сувенирница, инфо центар, конгресна сала, сала за семинари, отворена галерија, изјави градоначалникот Јанкоски за „Охриднет“

Туристичкиот центар во Вевчни е целосно завршен и официјално отворен на 29 август, а на свечениот настан освен претставници од локалната смоуправа присуствуваа и премиерот, Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи

Вевчани и регионот добија туристички центар според стандардите на најмодерните европски општински средини, со кој се овозможува промоција и развој на туризмот не само на Вевчани, туку и на целиот регион. Во 2016 година кога во предизборната кампања го посетив руинираниот објект на некогашното училиште „Страшо Пинџур“ во Вечвчани, ветив дека тука ќе никне нов модерен, мултифункционален Туристички центар „Вевчани“. Денес стоиме пред комплетно реконструираната зграда, која ги задржа архитектонските обележја за да биде споменик на неговите градители, но доби нова функција соодветно на новите потреби на заедницата и на регионот, рече  премиерот Заев на отворањето на Туристичкиот центар во Вевчани.

Изградбата на Туристичкиот центар во Вевчани се реализира во рамките на проектот за локална и регионална конкурентност за збогатување на туристичката понуда со нови производи. Проектот е финансисран од ЕУ и чини 985.000 евра.

Имајќи предвид дека овој мултифункционален туристички центар во Вевчани е направен и пуштен во употреба, ова ветување на Јанкоски го оценуваме како исполнето.

Фото: vlada.mk

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Соња Рилковска

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција