Вевчанци бараат смртна казна
Европските држави се гордеат со фактот дека токму Европа е простор од кој е речиси во целост исфрлена смртната казна.
Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
Вевчанци бараат смртна казна за убиецот, Да се врати смртната казна во Македонија, Ќе се врати ли смртната казна во Македонија? Се враќа смртната казна во Македонија? Ова се само дел од насловите кои се појавија во нашите медиуми во врска со изјавата на градоначалникот на Вевчани дека подготвуваат иницијатива за повторно враќање на смртната казна.
Најголем дел од медиумите едноставно ја пренесоа изјавата на градоначалникот, односно информацијата дека во Вевчани започнало собирање потписи со цел враќање на смртната казна во Република Македонија (МРТ, Утрински весник, Телеграф, ПлусИнфо,
Во исклучително мал број од медиумите се направи обид за анализа на прашањето поврзано со иницијативата започната во Вевчани. На пример ТВ Алфа:
Повторното враќање на погубувањето како начин на казнување би значело промена на Уставот. Експертите посочуваат дека враќањето на смртната казна во казнената легислатива се коси со праксата во Европа.
Професорот од Факултетот за безбедност Оливер Бачановиќ згрозен е ладнокрвното убиство на Владо Попески и Мате Ѓучески, но смета дека смртната казна нема да ги намали тешките кривични дела.
Дел пак од експертите се со став дека монструмите заслужуваат само смртна казна.
Сепак, иницијативата за враќање на смртната казна нема многу изгледи да успее, бидејќи би се косела со европските прописи за заштита на човековите права.
Воведувањето на смртната казна во Кривичниот законик на нашата држава е речиси невозможно бидејќи во европското и светското законодавство постои тренд на укинување на овој тип казни. Така нашата држава како аспирант за ЕУ мора да ги испочитува критериумите на Повелбата за фундаменталните права каде во член 2 недвосмислено стои дека се забранува употребата на овој тип казна.
Факт е дека државите кои ја применуваат оваа санкција јасно го покажуваат цврстиот и бескомпромисен став за справување со најтешките типови на кривични дела, но тоа само по себе го повлекува прашањето дали државата има право некому да одземе живот и дали со тоа законодавецот си припишува права кои изворно не му припаѓаат ниту нему ниту на човекот, воопшто.
Трендот на укинување на смртната казна почна непосредно по Втората светска војна. Според Амнести интернешнал, до 2012 година вкупно 97 држави во светот ја укинале оваа казна, а уште 36 не ја примениле во период од најмалку десет години или пак била ставена под мораториум. Во 57 држави смртната казна активно се користела или пак била реактивирана. Според оваа организација во 2012 година 18.750 лица биле осудени на смртна казна, а истата година егзекуции биле извршени во 21 држава низ светот.
Во светската пракса смртната казна во принцип се изрекува за сторено сурово и брутално убиство или убиства, тешки случаи на педофилија или пак силувања со смртни последици, за шпионажа и велепредавство.
Слободен печат го пренесува искуството на Велика Британија:
Тврдењето дека смртната казна ќе ги одврати луѓето од криминал е само мит. Светските истражувања од страна на ОН константно го побиваат ова тврдење.
Јамката не ги одвраќа луѓето од извршување на криминално дело, а повеќето убиства се спонтани, без умисла. Уникатно за смртната казна е нејзиниот краен резултат. Откако ќе се изврши, враќање назад нема. Погрешно затворен човек може да се ослободи, и да му се исплати штета. Но погрешно егзекутиран човек станува судска трагедија.
Меѓутоа, дури и во медиумите во кои се понудени пошироки информации, експертски мислења или, пак, се споделени искуства од други држави, недостасуваат елементи кои би помогнале во разбирањето на актуелната ситуација, би оставиле простор за соодветна расправа и би превенирале разгорување на емоциите базирани на еднострани информации. Па, дури се имплицира дека „сите ние сакаме“ ама „овие од меѓународната заедница не ни давааат“.
Прво, во медиумите недостасуваат информации
Граѓаните ја немаат основната информација дека Македонија се откажа од смртната казна уште со својот Устав од 1991 година. По практично два века напори на тнр. аболиционисти и неуспехот тоа да се направи во рамките на Југославија, Македонија, како и другите пет поранешни републики, тоа го направи со излегувањето од таа федерација.
Потоа, следи пристапувањето кон Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, а во тие рамки и кон Вториот опционен протокол на Пактот, а со кој се забранува смртната казна (во мирновременски услови).
Се разбира, најсилната обврска е преземана со ратификацијата на Европската конвенција за човекови праваи ратификација на Протоколот 13 од оваа конвенција (потпишан во 2002 и ратификуван во 2004 година). Ова е еден од членовите во Конвенцијата за кои не се дозволени ограничувања или резерви. Како резултат на ваквиот пристап на Советот на Европа, само во две држави во Европа сѐ уште постои смртна казна. Европските држави се гордеат со фактот дека токму Европа е простор од кој е речиси во целост исфрлена смртната казна.
Сето ова значи дека забраната на смртната казна не е поврзана со стапувањето на Македонија во ЕУ, туку со членувањето на Република Македонија во Советот на Европа и прифаќањето на стандардите и вредностите на Европската конвенција за правата на човекот.
Второ, во медиумите недостасува повикување на процедурите
Во случајот станува збор за уставна забрана (“Во Република Македонија не може да се изрече смртна казна по ниту еден основ“) и за забрана која произлегува од ратификуван меѓународен договор (“Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“), иницијативата за промена на една ваква одредба треба да ја следи процедурата за промена на Устав. Тоа значи дека предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија може да поднесат претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани.
Трето, во медиумите недостасува анализа на аргументите врз основа на кои Република Македонија се приклучила кон државите кои се противници на смртната казна.
Можеби е најважно да се напомене дека укинувањето на смртната казна е цивилизациска придобивка која значи зачекорување на едно општество на повисок степен на хуманост.
Неповратноста на чинот на убивање и можноста да се направи грешка, различните основи за постоење на смртна казна, кои произлегуваат од различните вредносни приоритети на луѓето (брутални убиства, педофилија, силување, масовни убиства, религиозни причини, загрозување на животот на голем број луѓе, повреда на припадници на ранливи групи, етничка и национална припадност, …), уделот на државата во чинот на убиството (слаби контролни механизми за доделување дозволи за носење оружје, пропусти на судовите и докторите, пропусти на полицијата), се само дел од аргументите кои влијаеле во забраната на смртната казна.
Расправите и спротиставените мислења за смртната казна продолжуваат да ги интригираат луѓето. И така треба да биде. Не затоа што тоа е поттикнато од тнр. ретеционисти, туку затоа што тоа е нормална, пред сѐ емотивна реакција на бруталноста на некои злосторства. Медиумите се и треба да бидат заинтересирани за овие расправи и евентуални иницијативи кои од време на време се појавуваат, вообичаено поврзани со некое потешко убиство или суров криминален чин.
Што е она што треба да направат медиумите? Да понудат доволно и различни информации поврзани со темата на смртната казна, да ги дадат основните аргументи кои се доминантно присутни/прифатени во меѓународното право и да ги посочат проблематичните моменти поврзани со конкретната ситуација во Република Македонија.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар