Видео дезинформира дека сите што примиле ковид вакцина на „Фајзер“ паѓаат мртви
Не е точно дека колабирањето на луѓето во видеото се поврзани со ковид вакцините на „Фајзер“ ниту на кој било друг производител, ниту пак, дека сите што се вакцинирале со вакцината на „Фајзер“ паѓаат мртви
Не е точно дека колабирањето на луѓето во видеото се поврзани со ковид вакцините на „Фајзер“ ниту на кој било друг производител, ниту пак, дека сите што се вакцинирале со вакцината на „Фајзер“ паѓаат мртви
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео и пишува:
14.03.2026,,спонзорирано од фајзер ,,Компанија стара 177 години.Погледнете како паѓаат мртви сите кои ја примиле.
На видеото во склоп на објавата се гледаат разни луѓе, вклучувајќи водители, телевизиски репортери и спортисти, како се онесвестуваат, им се слошува, доживуваат нешто што личи на срцев удар итн. Во објавата се тврди дека сите овие здравствени инциденти наводно се предизвикано од вакцината против ковид-19 на „Фајзер“, но и дека „сите што ја примиле паѓаат мртви“.
На првиот кадар од видеото може да се види ситуација кога метеорологот на CBS Алиса Карлсон се онесвестува во пренос во живо додека известува за временската прогноза во 2023 година. Таа подоцна откако се опорави објасни дека не појадувала и пиела многу кафе, па затоа најверојатно можеби била малку дехидрирана, а причината за оваа состојба била вазовагална синкопа.
Не е точно наведеното во објавата дека таа паднала мртва, ниту пак, дека онесвестувањето е на некаков начин поврзано со ковид вакцината на „Фајзер“, за која не е ни познато дали водителката ја примила.
На 6-та секунда од видеото се гледа канадската новинарка Џесика Роб која подоцна на социјалните мрежи објасни дека нејзината медицинска состојба нема никаква врска со ковид вакцинацијата, како што се тврдеше во бројните теории на заговор кои се проширија непосредно по нејзиното онесвестување.
Иако нема јавно да споделувам приватни медицински информации, можам да кажам дека нема причина за загриженост и дека моето разбирање на мојата медицинска позадина дава разумно објаснување за тоа што се случило. Сепак, можам да потврдам дека ситуацијата во никој случај не беше поврзана со вакцината против ковид-19, напиша таа.
На 17-та секунда од видеото во објавата што ја рецензираме се гледа кадар од онесвестувањето на Тања Ериксен, висок здравствен функционер во Данска (претседателка на одборот за фармаковигиланца во данската Агенција за лекови) која се онесвести на 14 април 2021 за време на објавувањето на информацијата дека Данска престанува со администрирање на вакцина против ковид-19 на „АстраЗенека“.
Како што пишуваат проверувачите на факти на Асошиејтед прес, нејзиното онесвестување нема никаква врска со вакцината, а таа не ни била вакцинирана во моментот на онесвестувањето!
Во објавата, односно во компилацијата од видеоинсерти, се гледа бразилската репортерка Ванеса Медеирос која се онесвестила на 2 ноември 2022 година во текот на телевизиската емисија „Трибуна“. Се гледа како се допира за лицето пред да падне. Брзо после инцидентот бразилскиот канал „Глобо Г1“ извести дека Медеирос е свесна и добро. Таа помина серија медицински тестови и не беа пронајдени проблеми.
Снимката од бразилскиот репортер Рафаел Силва кој колабираше во пренос во живо, а потоа на пат кон болница преживеа 5 срцеви удари, исто така не е поврзана со ковид вакцината туку со медицинска состојба што ја имал и која е вродена и поврзана со срцева аномалија.
Потоа има и снимка од медицинската сестра од Тенеси, Тифани Довер, која се онесвести. Таа после инцидентот зборуваше за тоа како беше злоупотребена во антивакцинална кампања, иако има медицинска состојба од која се онесвестува целиот нејзин живот. Нејзиното сведоштво може да го погледнете овде.
Сите личности што се појавуваат во видеото се живи и нивното онесвестување пред камера не е резултат на примената ковид вакцина на „Фајзер“. Неточно е дека сите што ја примиле вакцината починале, а едноставната логика потврдува дека секој човек во Северна Македонија, ако самиот не се вакцинирал со вакцината на „Фајзер“ против ковид-19, познава барем некој друг што се вакцинирал и не е починат.
Во видеото од објавата што ја рецензираме има и снимка од комичарката Хедер Мекдоналд во која таа се онесвестува за време на настап, но таа е жива и не починала како резултат на вакцината против ковид-19. Мекдоналд рече дека почувствувала вртоглавица на почетокот од својот настап и доколку не била на сцената пред пријателите и семејството за прв пат од почетокот на пандемијата, едноставно ќе седнела наместо да се обидува да се бори со тоа.
Потоа, Мекдоналд направила серија тестови од лекари, кои рекле дека нема никаква болест и дека нападот на несвестица не е поврзан со вакцината. За ТМЗ таа изјави дека не е сигурна зошто се онесвестила, иако не јадела пред настапот туку само испила половина енергетски пијалак.
Во продолжение на видеото се гледа онесвестувањето во живо на телевизија на германската новинарка Клара Фефер, која според проверката на факти на Лид Сторис, исто така не појадувала пред настапот во преносот. Како што пишуваат проверувачите на факти на Лид Сторис, портпаролот на телевизијата РТЛ, кога бил прашан дали онесвестувањето е поврзано со вакцинацијата, одговорил дека тоа не доаѓа предвид, односно не е опција.
Понатаму во видеото од објавата што ја рецензираме се гледа моментот кога аргентинскиот новинар и репортер Карлос Ферера се онесвести додека известуваше од пункт за тестирање за ковид-19. Во тој момент тој беше вклучен на линк во живо на Канал 9 и разговараше со презентерот во студиото Клаудио Перез. Подоцна во текот на денот новинарот Ферера беше подложен на целосно тестирање за неговото здравје, дека се наоѓа во стабилна состојба. Една година после инцидентот тој изјави дека тоа што се случило претставувало можност за него, да октрие некои здравствени состојби за себе.
По неколку тестови и прегледи, лекарите ми рекоа дека станува збор за висок крвен притисок и имав многу високо ниво на шеќер во крвта. Таа комбинација, плус топлината, предизвика губење на свеста и несвестица, изјави Ферара за Telenueve Digital.
Тој додаде дека направил и дополнителни, потемелни и комплементарни тестови.
Тогаш дознав дека имам дијабетес. Веќе знаев за високиот крвен притисок бидејќи го контролирав… Лесно можев да умрам бидејќи ситуацијата беше многу тешка и комплицирана, изјави тој.
Во продолжение на видеото има и кадар од пратеничката од австрискиот парламент Ева Марија Холцлајтнер, која изгуби свест на 12 октомври 2021 година за време на парламентарен говор. Агенцијата Франспрес извести дека нејзиниот колапс не е поради вакцина против ковид-19 и дека брзо се опоравила.
Ниту кадарот каде се гледа дека коментаторот Боб Ратбун губи свест за време на пренос во живо, не е поврзан со ковид вакцината. Според извештаите се работи за дехидратација која довела до несвестица. По колапсот 68-годишниот Ратбун бил стабилен и бил подложен на медицински прегледи.
Најверојатно иста е причината и за онесвестувањето на невестата во видеото од објавата што ја рецензираме. Иако текстот под видеото е „кралската свадба“, клипот доаѓа од компилациско видео од луѓе што се онесвестуваат за време на свадбени церемонии. Видеото е објавено во 2013 година, многу пред ковид пандемијата и не би можело да биде поврзано со вакцинацијата.
Онесвестувањето за време на свадба е изненадувачки често и може да биде поради низа причини, вклучително стрес, неконзумирање храна или вода, или лоша вентилација во салата за венчавки, пишуваат проверувачите на факти на Митдетектор.
За делот од видеото каде се гледа фудбалерот Серхио Агуеро, како добива болки во градите на стадион, известено е дека е пренесен во болница на евалуација и дијагностициран со неправилно срцебиење. Неговиот кардиолог ја отфрли теоријата дека ковид вакцината некако би можела да придонесе за оваа здравствена состојба на фудбалерот.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Не е точно дека колапсите на луѓето во видеото се поврзани со ковид вакцините на „Фајзер“, ниту на кој било друг производител, ниту пак, дека сите што се вакцинирале со вакцината на „Фајзер“ паѓаат мртви.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар