Видео креирано со вештачка интелигенција промовира лажен препарат за слабеење
Видеото во склоп на објавата не е автентично и е создадено со помош на вештачка интелигенција, со вклучено сценарио кое го читаат „актери“, а не вистински луѓе кои споделуваат свои вистински искуства
Видеото во склоп на објавата не е автентично и е создадено со помош на вештачка интелигенција, со вклучено сценарио кое го читаат „актери“, а не вистински луѓе кои споделуваат свои вистински искуства
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео и пишува:
Информација што сакаат да ја сокријат од тебе! Дознај додека сè уште е достапно.
Видеото во склоп на објавата не е автентично и е создадено со помош на вештачка интелигенција, со вклучено сценарио кое го читаат „актери“, а не вистински луѓе кои споделуваат свои вистински искуства. Измислено е сценариото според кое:
39-годишна жена ја потресла Македонија со своето признание на социјалните мрежи – се колнам во здравјето на моите деца се што знаете за слабеењето е ужасна лага.
Во склоп на оваа објава злоупотребени се кадри од дневник на Канал 5 телевизија и ликот на телевизиското лице и презентер Борислав Тноковски.
Дека се работи за невистинита објава со вештачка интелигенција покажуваат и вообичаените грешки што вештачката интелигенција ги прави во изговорот на зборовите, па така наместо 72 часа, во видеото се чита „седмесет и два часа“, наводен период во кој некој препарат почнувал да ги топи мастите. Ова тврдење не е докажано и препаратот се продава со помош на невистинити и нечесни маркетинг тврдења и злоупотреба на идентитети на социјалните мрежи.
Не е точно дека некаков препарат и некакво „шокантно признание на жена од Македонија се нашло во централниот дневник“, а уште помалку дека тоа била препорака за препарат за слабеење. Дополнителен доказ дека се работи за монтирана снимка е тоа што во пределот на устата кога зборува девојката која лажно е претставена како Силвија од Македонија – има несовршености, односно се забележуваат знаци на монтажа. Потоа во видеото е злоупотребен и кадар од Бранимир Несторовиќ од сосема неповрзано негово интервју каде тој зборувал за надворешна политика, а не за некаков препарат за слабеење. Оригиналното видео од Несторовиќ е на следниот линк.
Кога ќе се пристапи на линкот под видеото, следува ново видео генерирано со вештачка интелигенција со нови невистинити тврдења – дека препаратот бил поддржан од владата, дека „Бранимир Несторовиќ го измислил и добил Нобелова награда“, комплетно фабрикувани невистинити тврдења со цел да се промовира некаков препарат.
Фабрикуваното интервју на линкот е комплетно измислено како и податоците во него дека Министерството за здравство субвенционира 50 проценти од цената на препаратот, како и тоа дека Бранимир Несторовиќ имал договори со аптеките, ама им го свртел грбот откако тие сакале да го контролираат поставувањето на цената. Неточно е и тоа што се наведува при интервјуто во кое се злоупотребува неговиот идентитет дека наводно имало клиничка студија од 3 илјади луѓе во Северна Македонија и сите ги изгубиле вишокот килограми.
На крајот од интервјуто преправено со помош на вештачка интелигенција, се појавува формулар и со вакво невистинито рекламирање се бара од граѓаните да остават свои лични податоци за да добијат повеќе информации за препаратот. Има и лажни коментари за наводната делотворност на препаратот исто така генерирани со помош на вештачка интелигенција.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар