Видео од аеродромот во Владикавказ – Русија, претставено како да е од охридскиот аеродром
На 5 јануари 2025 година, на Меѓународниот аеродром „Владикавказ“ во Русија, се случи бизарен инцидент што стана вирален, при што 74-годишна жена по грешка стапнала на подвижна лента за багаж, мислејќи дека станува збор за подвижна патека
На 5 јануари 2025 година, на Меѓународниот аеродром „Владикавказ“ во Русија, се случи бизарен инцидент што стана вирален, при што 74-годишна жена по грешка стапнала на подвижна лента за багаж, мислејќи дека станува збор за подвижна патека
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:
Битолчанка првпат шо летат од Охридскиот аеродром.
На пример, сајтот „Њуз.ком“ на 13 јануари 2025 година објави дека инцидентот е од 5 јануари 2025 година, кога повозрасна патничка ја помешала лентата за багаж на шалтерот за пријавување на аеродромот, стапнала на неа, по што исчезнала во просторот за багаж.
На 5 јануари, безбедносните камери снимиле неверојатна снимка од инцидентот на државниот аеродром во Владикавказ, во Северна Осетија-Аланија, Русија. Вработените на шалтерот на авиокомпанијата биле зафатени услужувајќи друг патник и не забележале како жената се приближува кон просторот за мерење куфери и се качува на подвижната лента, наведува „Њуз.ком“.
Во текстот се додава дека додека жената се приближувала кон дебелата гумена завеса што го одвојува просторот за пријавување патници од делот за багаж, таа паднала на грб и продолжила по подвижната лента, исчезнувајќи од видното поле. На крајот од снимката се гледа друг патник кој, по сè изгледа, им објаснува на вработените што се случило. Медиумите од Русија имаат објавено дека по инцидентот, на патничката ѝ била укажана помош во медицинскиот центар на аеродромот.
Медицинскиот персонал констатирал дека таа има покачен крвен притисок и забрзана работа на срцето. Екипа на брза помош ја прегледала и утврдила дека нема повреди како последица на падот. Роднините дошле по неа и одлучиле да го откажат летот, пишуваат руските медиуми за настанот.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар