Видео од Мадрид лажно се поврзува со грабежи во Париз
Видеото не прикажува продавачи во Париз, туку улична продажба во Мадрид, а објавено е пред немирите со кои подоцна било поврзано. Нема докази дека предметите прикажани на снимката биле украдени од француски продавници
Видеото не прикажува продавачи во Париз, туку улична продажба во Мадрид, а објавено е пред немирите со кои подоцна било поврзано. Нема докази дека предметите прикажани на снимката биле украдени од француски продавници. Ова не значи дека во Франција немало грабежи, туку дека приложеното видео не ги докажува изнесените тврдења. Оценките за способноста на Макрон да управува со ситуацијата се политички ставови, а не факти што може да се потврдат со оваа снимка
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Кон крајот на своето владеење, Макрон го допре дното, покажувајќи целосна неспособност да ја преземе контролата врз ситуацијата.
На улиците во Париз, црнци продаваат предмети што биле украдени од локалните продавници само еден ден претходно.
На властите воопшто не им е грижа од каде потекнува таа стока. Франција, како држава, сè повеќе тоне кон колапс и апсурд.
Објавата споделува и видео за кое тврди дека прикажува како на улица се продавала луксузната роба што демонстрантите ја украле ден претходно во немирите во Франција.
Но, проверката на фактите покажува дека видеото е погрешно лоцирано и поврзано со настани со кои нема докажана врска.
Шпанската организација за проверка на факти Maldita.es утврди дека снимката е направена на улицата Гран Вија во Мадрид, во близина на зградата на Telefónica и метро-станицата Gran Vía. Локацијата може да се потврди преку ознаките на метрото и автобусот на кој се гледа натписот „Madrid“.
Дополнително, оригиналната снимка е објавена на социјалната мрежа X уште на 12 октомври 2026 година, со коментар за уличната продажба и попречувањето на движењето на пешаците во Мадрид. Во оригиналната објава не се споменуваат Франција, Париз или ограбени продавници.
И проверката на американскиот сервис Lead Stories, објавена на 21 октомври 2026 година, го потврдува истото: видеото е од Мадрид, а не од Париз. Снимката била објавена пред ескалацијата на немирите во Франција на 17 октомври, па не може да служи како доказ дека предметите на неа потекнуваат од тие настани.
Според истражувањето на Maldita.es, лажната интерпретација се проширила на повеќе јазици и на различни социјални мрежи. Значи, не станува збор само за погрешен опис на едно видео, туку за ширење на снимка од една земја како наводен доказ за настани во друга.
Видеото не прикажува продавачи во Париз, туку улична продажба во Мадрид, а објавено е пред немирите со кои подоцна било поврзано. Нема докази дека предметите прикажани на снимката биле украдени од француски продавници. Ова не значи дека во Франција немало грабежи, туку дека приложеното видео не ги докажува изнесените тврдења. Оценките за способноста на Макрон да управува со ситуацијата се политички ставови, а не факти што може да се потврдат со оваа снимка.
Поради сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како делумно невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар