Видео од протест во Австрија се користи за ширење дезинформации за бројот на загинати во Украина

Видеото се обидува да прикаже дека во Украина е исцениран бројот на загинати лица. Проверката на факти, пак, покажува дека истото е снимено во Австрија, три недели пред руската инвазија врз Украина и дека всушност станува збор за протест против климатските промени

Видеото се обидува да прикаже дека во Украина е исцениран бројот на загинати лица. Проверката на факти, пак, покажува дека истото е снимено во Австрија, три недели пред руската инвазија врз Украина и дека всушност станува збор за протест против климатските промени

 

 

За видео, кое на социјалните мрежи се прошири вирално и со брзина на светлината, се тврди дека прикажува како во Украина е исцениран бројот на загинати, откако Русија изврши инвазија. Ова е неточно, односно видеото не покажува такво нешто. Ова монтирано видео има за цел да ја натера јавноста да поверува дека Украина шири лажни вести во однос на бројот на загинати лица во војната.

Верувам дека нема сомнеж дека оваа хроника на наводните смртни случаи како резултат на руските напади мора да ја внесеме во салата на славните на новинарската манипулација.
Еден од „статистите“ нема да го добие бакшишот. Најинтересен лик од сите, се вели во објавата.

Во објавата на видеото дополнително се тврди дека станува збор за новинарска манипулација. Но, единствената манипулација која што ја има овде е монтажата на оригиналното видео, кое не е ниту снимено во Украина.

На видеото, кое што масовно се објавува на социјалните мрежи, се гледаат наредени мртовечки вреќи и новинар кој известува во живо. Новинарот, кој носи заштитна маска на лицето, не може да се чуе што зборува, ниту на кој јазик зборува. Во позадината, пак, оди монтиран глас од водител кој вели:

Најмалку 59 лица загинати, најмалку 149 луѓе повредени. Овие бројќи ќе растат. Нема сомневање во тоа. Има силни борби и во локации како Чернобил. Руските сили брзо ја преземаат таа област.

На екранот се појавува кајрон, односно наслов: „Украински министер за здравство: 57 загинати, 169 повредени низ Украина, откако Русија нареди напад“.

Во Фејсбук објавата каде што е споделено видеото, се тврди дека видеото е, всушност, доказ дека статисти глумат мртви лица, бидејќи во еден момент се гледа како еден човек почнува да се движи и да излегува од мртовечката вреќа.

Што всушност се крие зад видеото?

Проверката на факти покажува дека видеото воопшто не е снимано во Украина, ниту, пак, е поврзано со неодамнешените случувања со руската инвазија на Украина. На видеото е монтиран текст, а додаден  е и глас во позадина, кој треба да наведе гледачите да помислат дека новинарот навистина набројува колку лица загинале, а колку се повредени во руската инвазија во Украина.

Во оригиналното видео го нема ниту текстот ниту пак гласот на водителот кој наводно известува за бројот на загинати. Всушност, оригиналното видео е снимано во Австрија, уште пред да се случи нападот на Украина и станува збор за прилог за протест против климатските промени.

OE24, австриски медиум, го објавил видеото на Јутјуб на 4 февруари – речиси три недели пред руската инвазија на Украина. Оригиналното видео е насловено „Виена: Демо против климатската политика“.

Репортерот Марвин Бергауер, чие лице се гледа на видеото, за „Јуес тудеј“ изјавил дека на видеото е прикажан тој како го како покрива протестот на „Петоци за иднина“ кои се младинска организација за климатска правда.

Според новинарско известување од протестот, вреќите со човечки тела биле користени за да се илустрира порака на активистичка група за штетноста на емисиите на јаглерод диоксид во Австрија.

Претходно, ова видео се користело и за манипулации поврзани со ковид-19 односно за да се прикаже дека пандемијата е всушност теорија на заговор.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција