Видео од телевизиска серија е злоупотребено против украинскиот претседател Зеленски

Видеото кое е споделено и за кое се вели дека е од претседателска кампања на Зеленски, е всушност од телевизиска серија во која тој бил глумец, четири години пред да стане претседател. Видеото нема поврзаност со реалноста на политичките избори во Украина за претседател и истото не било користено во претседателската кампања

Видеото, кое е споделено и за кое се вели дека е од претседателска кампања на Зеленски, е, всушност, од телевизиска серија во која тој бил глумец, четири години пред да стане претседател. Видеото нема поврзаност со реалноста на политичките избори во Украина за претседател и истото не било користено во претседателската кампања

 

 

Рецензираме пост објавен на Фејсбук, во кој е прикажано видео од украинскиот претседател Володомир Зеленски. Во објавата се тврди:

Претседателот на Украина, Зеленски (идеолошкиот наследник на нацистот Степан Бандера), пред неколку години, го снимил овој видео спот за да го искористи во својата претседателска кампања, велејќи дека ќе се ослободи од проруските политичари.

На видеото се гледа како Зеленски е во сала, која наликува и може да биде парламентарна сала, оди до лицето за обезбедување, зема два пиштола, ги вперува кон пратениците и пука додека не ги убие сите.

За ова видео се тврди дека било потоа употребено во претседателската кампања на Зеленски и дека тој во неа велел дека ќе се ослободи од проруските политичари. Меѓутоа, ова е дезинформација, а видеото потекнува од серија во која глумел Володомир Зеленски, кој, пред да стане претседател, професионално се занимавал со актерство.

Серијата се вика „Слуга народа“ и во неа Зеленски глуми во улога на претседател. Во втората епизода од оваа популарна украинска серија, од 4 минута и 40 секунда, може да се види исечениот и погрешно контекстуализиран дел од видеото, кој е употребен во постот што го рецензираме.

Станува збор за серија од 2017 година, за која на Википедија е наведено дека е украинска политичко-сатирична хумористична телевизиска серија, која премиерно се емитувала од 16 октомври 2015 година.

Во серијата Зеленски портретира професор во средно училиште, кој е заситен од корумпирани политичари и случајно станува претседател. За четири години Зеленски и во реалноста станува претседател на Украина, на 21 април 2019 година. Но, овој инсерт од серијата нема никаква врска со неговата претседателска кампања и никаде не се спомнува дека бил употребен во неа. И тоа особено не во контекст дека „ќе се ослободи од проруските политичари.“ Напротив, неговиот против-кандидат Петро Пороченко, тогашниот актуелен претседател на украина и неговите поддржувачи, го напаѓале Зеленски велејќи дека неговиот евентуален избор би бил од корист на Русија.

Особено е бесмислено тврдењето дека Зеленски е некаков „идеолошки наследник на нацистот Степан Бандера“. Како што стана нашироко познато деновиве, Зеленски има еврејско потекло, а во текот на неговиот мандат започна изградбата на меморијалот на 150-те илјади еврејски жртви од холокаустот во Баби Јар (за кој тукушто се дозна дека е гранатиран од руските сили).

Поради горенаведените факти, оценуваме дека споделениот пост, за чие видео се вели дека е од претседателска кампања на Зеленски, е всушност од телевизиска серија во која тој бил глумец. Видеото нема поврзаност со реалноста на политичките избори во Украина за претседател и истото не било користено во претседателската кампања. Покрај ова, текстот од постот содржи невистини, според кои Зеленски велел оти ќе се ослободи од проруските политичари, како и тврдењето дека е идеолошки насленик на Степан Бандера. Оттука, постот го оценуваме како невистинит.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција