Видео создадено со вештачка интелигенција го злоупотребува името на компанијата „ДМ“
Самата страница на Фејсбук од која е споделена објавата не претставува официјална страница на „ДМ“ маркетите, ниту пак, доколку пополните „анкета“ ќе добиете кутија со козметика на домашната адреса
Самата страница на Фејсбук од која е споделена објавата не претставува официјална страница на „ДМ“ маркетите, ниту пак, доколку пополните „анкета“ ќе добиете кутија со козметика на домашната адреса
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:
Само од 01.11 до 01.12 – не пропуштај ја можноста да освоиш кутија со омилена козметика!
Го објавуваме наградниот натпревар со кутии полни со најомилената козметика за нашите убавици!
Пополни ја анкетата на нашата веб-страница и добиј ја својата кутија на домашна адреса!
Наградната игра важи за цела Македонија! Побрзај, затоа што количината е ограничена!
Во склоп на објавата има и видеоматеријал кој е создаден со помош на вештачка интелигенција во кој се тврди:
ДМ започнува наградна игра. Пополни ја анкетата на нашиот веб-сајт и добиј кутија со козметика на домашна адреса.
Дека се работи за неавтентично видео создадено со помош на вештачка интелигенција покажува и тоа што зборот „започнува“ не е изговорен правилно, но и експресиите на лицето на девојката особено во пределот на устата се неприродни.
Самата страница на Фејсбук од која е споделена објавата не претставува официјална страница на „ДМ“ маркетите, ниту пак, доколку пополните „анкета“ ќе добиете кутија со козметика на домашната адреса.
Всушност, не се работи за „анкета“, туку се пополнува формулар за да се добијат лични податоци од граѓаните за потоа тие да бидат цел на финансиска малверзација и злоупотреба на банкарските податоци. Страницата на Фејсбук од која е споделена лажната наградна игра има само 31 следбеник и тоа покажува дека не е автентична.
Официјалната страница на ДМ има над 325 илјади следбеници.
За жал, на социјалните мрежи и другите канали за комуникација сè почесто се појавуваат лажни наградни игри во кои се злоупотребува името на dm компанијата како организатор на истите. dm не стои зад наведените наградни игри, бидејќи сите дарувања на своите следачи ги спроведува исклучиво на верифицираните страни и профили на социјалните мрежи. Во продолжение ви даваме неколку совети, како да не станете жртва на измама од овие лажни наградувања, пишува на нивната веб-страница.
Според наведеното на истата, лажните наградни игри честопати се толку добро осмислени, за голем број на луѓе да поверуваат и да станат жртви на истите.
Во име на компанијата која на луѓето им ја подарува својата безрезервна доверба, измамниците пробуваат да ги измамат своите жртви и да ги земат нивните податоци, понекогаш пари, или да вметнат злонамерен софтвер во нивните мобилни уреди или компјутери. Наградните игри во наша организација, се одвиваат исклучиво: На нашиот верифициран Facebook профил и на нашата верифицирана Instagram страна, стои на страницата.
Од компанијата посочуваат дека кога се во прашање наградните игри кои ги организира „ДМ“ во Северна Македонија, секогаш се назначени точните услови за учество, со што истата станува транспарентна.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар