Видеото од руско-финската граница е снимено пред наредбата на Путин за мобилизација
Видеото споделено во низа постови и медиумски написи, на кое се гледа колона на руско-финската граница е извадено од контекст, тоа е снимено речиси еден месец пред наредбата на Путин за мобилизација на 300 илјади резервисти. Човекот кој го снимил клипот споделен во постовите кои се шират на Фејсбук, Игор Пари, за Франс Прес изјавил дека видеото го снимил на 29 август
Видеото споделено во низа постови и медиумски написи, на кое се гледа колона на руско-финската граница е извадено од контекст, тоа е снимено речиси еден месец пред наредбата на Путин за мобилизација на 300 илјади резервисти. Човекот кој го снимил клипот споделен во постовите кои се шират на Фејсбук, Игор Пари, за Франс Прес изјавил дека видеото го снимил на 29 август
Откако претседателот на Русија, Владимир Путин најави дека 300 илјади Руси ќе бидат мобилизирани и испратени да учествуваат во војната во Украина, повеќе домашни медиуми објавија дека на границата меѓу Русија и Финска е формирана колона од автомобили долга повеќе од 30 километри, составена од Руси коишто ја напуштаат својата татковина, со цел да ја избегнат мобилизацијата.
Заедничко за сите текстови (тука, тука, тука, тука) е тоа што во нив е споделен еден ист видео материјал на којшто наводно може да се види колоната подолга од 30 километри. Меѓутоа, видеото коешто е споделено за да се илустрира бегството на Русите од Русија по прогласувањето на мобилизацијата од страна на Путин, датира речиси еден месец пред неговата објава за мобилизација и колоната возила не е поради мобилизацијата со оглед на тоа што видеото е снимено уште во август.
Како што пишуваат проверувачите на факти на Франс Прес, видеото има милионски прегледи ширум светот, иако е погрешно претставено како „колона автомобили на руската граница со Финска откако Владимир Путин нареди поголема мобилизација на резервисти откако војната против Украина ескалираше“. Конкретниот видео материјал е снимен во август и објавен на интернет денови пред наредбата за мобилизација на Путин. Финските гранични власти за агенцијата Франс Прес изјавиле дека иако редиците за излез се интензивирале последните денови, сепак, со нив може да се менаџира.
Видеото својата масовност ја доживеа откако Путин на 21 септември нареди 300 илјади воени резервисти да се повикаат за да учествуваат во војната против Украина. Ова предизвика протести во Русија и навала да се резервираат авионски билети за излез од земјата. Финска најави дека подготвува државно решение за да го лимитира или целосно да го забрани влезот на туристи од Русија.
Претходно истото видео со опис дека станува збор за Руси кои бегаат од најавата за мобилизација на Путин, се појави и на португалски и француски.
Меѓутоа, клипот е постар и снимен е пред Путин да ја најави мобилизацијата. Пребарувања на Тик Ток и на други социјални мрежи покажуваат дека видеото прво е објавено на Тик Ток и на Јутјуб на 19 септември од Игор Пари, кој живее во Финска и креира видеа под наслов „Игор во Русија“.
Човекот кој го снимил клипот споделен во постовите кои ги рецензираме, Игор Пари, за Франс Прес изјавил дека видеото го снимил на 29 август.
Пари посочил дека по наредбата на Путин за мобилизација, луѓето почнале да го постираат видеото.
Беше несреќна коинциденција тоа што го објавив видеото на Тик Ток и Јутјуб пред средата (21 септември). Видеото е снимено на 29 август на границата на Ваалимаа, но толкава колона е типична за таа граница. Поентата на видеото беше поинаква и ги охрабри луѓето да мислат едни на други како луѓе, затоа што во Финска има раст на негативно однесување кон руските туристи, изјави Пари за Франс Прес.
И џи пи ес координатите прикачени за метаподатоците на видеото, потврдуваат дека тоа е снимено на границата кај Ваалимаа, село во југоистокот на Финска кое е една од деветте интернационални гранични точки за поминување на границата со Русија долга 800 милји.
Откако Путин најави мобилизација, бројот на лица кои преминуваат од Русија во Финска е благо зголемен споредено со претходните недели, изјавил Кимо Ахвонен од Финската гранична служба за Франс Прес.
Според него, финската гранична служба избројала 4.824 Руси кои пристигнале во Финска на 21 септември, а една недела претходно на 14 септември 3.133 Руси.
Но, иако на границата има гужва, сепак колони возила на граница навистина не се нешто невообичаено. Колоната вечерта на 21 септември беше долга 250 метри и ситуацијата остана слична и наредното утро, изјавил Ахвонен.
Од финската гранична служба во Јутјуб видео на 22 септември нотираа дека иако сообраќајот е зголемен споредено со претходните денови, растот не е нималку драматичен.
Мати Питканити, раководител на одделот за интернационални прашања на граничната служба и Вил Кантел, комуникациски директор во финското министерство за надворешни работи, на Твитер напишаа дека ситуацијата на финско руската граница е нормална.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека видеото споделено во низа постови и медиумски написи, на кое се гледа колона на руско-финската граница е извадено од контекст, односно е снимено пред наредбата на Путин за мобилизација на 300 илјади резервисти.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар