Видеото со автоматот за вода е снимено во Малави, а не во Нигерија и нема врска со Клаус Шваб

Фото: Принтскрин видео

Видеото од автоматот за вода, споделено во објавата, е снимено во Малави, а не во Нигерија и не постои никаква агенда на Клаус Шваб за контрола на луѓето. Тоа е теорија на заговор за која Вистиномер има пишувано во повеќе наврати и истата ја има дебанкирано. Логото на Водоводниот одбор во Лилонгве, давателот на услуги за вода во главниот град на Малави и логото на iMoSyS, технолошка компанија од Малави, може да се видат брендирани на машината за вода прикажана на снимката. E-Madzi Innovation е припејд електронски систем кој им овозможува на клиентите да користат припејд картички за да платат чиста вода од одредени киосци во Лилонгве

Видеото од автоматот за вода, споделено во објавата, е снимено во Малави, а не во Нигерија и не постои никаква агенда на Клаус Шваб за контрола на луѓето. Тоа е теорија на заговор за која Вистиномер има пишувано во повеќе наврати и истата ја има дебанкирано. Логото на Водоводниот одбор во Лилонгве, давателот на услуги за вода во главниот град на Малави и логото на iMoSyS, технолошка компанија од Малави, може да се видат брендирани на машината за вода прикажана на снимката.  E-Madzi Innovation е припејд електронски систем кој им овозможува на клиентите да користат припејд картички за да платат чиста вода од одредени киосци во Лилонгве

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека водата во Нигерија била достапна само со кју-ар код, нагласувајќи дека тоа е дел од Агенда 30 на Клаус Шваб со која се предвидува контрола и ропство на луѓето.

ЗА ТИЕ што лесно прифаќаат QR код картичка или апликација во телефон = НОВО РОПСТВО Нигерија (првата земја во светот што воведе CBDC) и другите африкански земји се особено желни да ја имплементираат Агендата 2030 на Клаус Шваб и да станат опитни глувчиња. Слатката вода е достапна само со QR код! Но радоста кратко трае, така ќе биде со храната, енергијата, финансиите, сопственоста…и се’ што е потребно за еден нормален човечки живот, ако прифатиме, стои во објавата.

Објавата споделува видео на кое се гледа како жена притиска копче на ѕид и скенира картичка, со што започнува протокот на вода од чешма. Но, клипот не е снимен во Нигерија и луѓето во земјата не користат национални картички за идентификација за да добијат вода.

Логото за Водоводниот одбор во Лилонгве, давателот на услуги за вода во главниот град на Малави и логото за iMoSyS, технолошка компанија од Малави, може да се видат брендирани на машината за вода прикажана на снимката, пишува сервисот за проверка на фактите на АФП кој го анализирал видеото пред една година.

Според Одборот за вода во Лилонгве, E-Madzi Innovation е припејд електронски систем кој им овозможува на клиентите да користат припејд картички за да платат чиста вода од одредени киосци во Лилонгве.

Автоматите за вода биле инсталирани од компанијата iTap.

Извршниот директор на ITap, Мајамико Нколома, во изјава за АФП, рекол дека видеото е снимено во Лилонгве во 2020 година.

Нколома понатаму додал дека компанијата не имплементирала таков проект во Нигерија и дека картичката за претплата „не ја следи дигиталната активност на корисниците“.

Видеото првпат било објавено на 7 мај 2020 година од Националната комисија за планирање на Малави.

Напис на Светска банка од 9 септември 2020 година, потврдува дека видеото е снимено во Лилонгве. Во написот се вели дека проектот е инициран за да се одговори на предизвикот за пристап до вода за време на периодот на ковид-19.

Што се однесува до тврдењето во написот дека постои некаква агенда на Клаус Шваб за контрола на луѓето и некакво ропство, тоа е добро позната теорија на заговор за која Вистиномер веќе има пишувано, а која ги злоупотребува Агенда 21 и Агенда 2030 на Обединетите нации.

Агенда 21, патем, беше една од неколкуте точки на дневниот ред на Конференцијата на Обединетите Нации за животна средина и развој во 1992 година во Рио де Женеиро. Агендата вклучуваше 31 точка. Сите точки се однесуват на глобалните социјални и економски димензии, зачувување и управување со ресурсите, зајакнување на улогата на жените, децата и работниците, како и предложените методи за имплементација. Агенда 21 има за цел нациите да преземат холистички пристап на социјалните, економските и промените во животната средина и во неа се предложени можни решенија за светските проблеми со фокус на точно определени групи. Но, не е првпат за овој документ да се шпекулира и да се кројат теории на заговор.

Како што пишуваа во 2020 година и проверувачите на факти на Асошиејтед прес., од почетокот целите на Агенда 21 се мета на теории на заговор, како онаа за депопулација. Иако, во Агенда 21 воопшто не се спомнува дека целта е населението да се намали на конкретна бројка.

Слично пишуваа и проверувачите на факти на Фулфакт, Агенда 21 не е глобален план за депопулација на човештвото. Агенда 21 е документ на 351 страница под капата на ООН во кој се прецизирани цели за одржлив развој.

Документот споменува дека има растечка популација во некои места на Земјата, но Фулфакт не можеше во него да најде референца што сугерира намалувањето на светската популација. Агенда 21 беше злоупотребувана и за дезинформациите што се објавуваа за време на ковид пандемијата, односно за лажно тврдење, дека со овој документ се промовирала задолжителна вакцинација, што, исто така, не е точно.

Што се однесува, пак, за документот Агенда 30, тој претставува план за одржлив развој на кој се имаат согласено земјите членки на Обединетите нации во 2015 година, и вклучува во себе 17 глобални цели кои покриваат работи, како намалување на нееднаквоста и спречување на глад во светот.

Целите на Агенда 2030 се да заврши сиромаштијата во сите форми секаде, заедно со искоренување на гладта, да се обезбеди сигурност дека ќе има храна и подобра исхрана и да се промовира одржлива агрикултура, да се овозможи здрав живот и добросостојба кај сите возрасни групи, да се осигури инклузивно и квалитетно образование и можности за доживотно учење за сите, да се постигне еднаквост меѓу половите, да се охрабрат и зајакнат жените и девојчињата, да се обезбеди добар менаџмент на водата, да се осигури достапност на евтин, сигурен и модерен систем за енергија, да се промовира економски раст, достоинствена работа за сите, да се изгради отпорна инфраструктура, да се намали нееднаквоста меѓу земјите, да се направат градовите инклузивни, безбедни и одржливи, да се преземат итни дејства за борба против климатските промени и нивните ефекти, да се зачуваат океаните, морињата и марински ресурси за одржлив развој, да се заштитат терестријалните екосистеми, да се менаџираат шумите, да се промовираат мирни и инклузивни општества, да се овозможи правда за сите, да се изградат инклузивни институции на сите нивоа…

Од сето погоре можеме да заклучиме дека видеото од автоматот за вода, споделено во објавата, е снимено во Малави, а не во Нигерија и не постои никаква агенда на Клаус Шваб за контрола на луѓето. Тоа е теорија на заговор за која Вистиномер има пишувано во повеќе наврати и истата ја има дебанкирано. Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција