Видеото со „отпуштениот пилот од Луфтханза кој одбил да запрашува со хемикалии“ е сатирично
Видеото за „отпуштен пилот на „Луфтханза“ поради тоа што одбил да прска хемикалии од авионот“, е сатирично и објавено е на веб-страница што ја има наведено сатирата како форма на изразување. Лицата во видеото се актери кои се појавуваат и во други сатирични содржини
Видеото за „отпуштен пилот на „Луфтханза“ поради тоа што одбил да прска хемикалии од авионот“, е сатирично и објавено е на веб-страница што ја има наведено сатирата како форма на изразување. Лицата во видеото се актери кои се појавуваат и во други сатирични содржини
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:
Секоја чест за храброста на пилотот Christoph W!
Во објавата е презентиран клип на кој се симулира сетинг на телевизиски дневник со прилог. Во прилогот се појавува човек кој тврди дека е отпуштен пилот на авиокомпанијата „Луфтханза“ што го тужи својот поранешен работодавач.
Во видеото тој вели:
Станав пилот, бидејќи едноставно сакам да летам. А не да ги запрашувам луѓето со хемикалии и да им го исклучувам критичкото размислување. Тоа што мојот работодавач го бараше од мене очигледно незаконско. И не го работам тоа.
Во прилогот се додава дека „во текот на летот од Франкфурт до Барселона тој имал контрола врз прекинувачот за запрашување со кемтрејлс ама не бил притиснат тој прекинувач како што требало, што не било првпат ова да се случува“.
Во останатиот дел од видеото следува нова изјава од истиот човек кој „признава“ дека не го вклучил овој прекинувач на повеќе од 30 летови со кои управувал што довело луѓето да бидат здрави, и се вели дека „Луфтханза“ морала да плати милиони на тајната светска влада и загубила на натпреварот за кемтрејлс за следната година.
Како што пишуваат проверувачите на факти на „Ројтерс“ овој извештај и видео се сатирични.
Извештајот од лажната вест за германската авиокомпанија „Луфтханза“ – дека наводно отпуштила пилот затоа што одбил да прска токсични „кемтрејлс“, беше споделен од некои корисници на социјалните мрежи како автентичен видеоизвештај, исто како и во објавата што ја рецензираме.
Теоријата на заговор за кемтрејлс е дебанкирана и се однесува на дезинформацијата дека белите траги што ги оставаат авионите зад себе во лет, познати како контрејлс, всушност се „хемикалии намерно прскани врз граѓаните за штетни цели“.
Портпаролот на Луфтханза за Ројтерс изјави дека видеото потекнува од сатиричната платформа Der Postillion и покажува „фиктивна сатира, а не вистинска содржина“.
Видеото првично беше објавено на германскиот сатиричен веб-сајт Der Postillon на 30 септември.
Видеото беше објавено и на нивната веб-страница, на 3 октомври 2024 година.
На страницата на Der Postillon јасно е наведено дека сè на неа е сатирично и измислено.
И проверувачите на факти на Еуроњуз пишуваат дека видеото е сатирично.
Секој лик што се појавува е измислен, а секоја сличност со живи луѓе е чисто случајна. Ова всушност треба да биде очигледно, иако бројните коментари укажуваат дека многу нешта овде се земаат како да се вистина, се вели на веб-страницата а пренесува Еуроњуз.
Видеото објавено на сатиричната страница која објавува шеговити написи во пишан и видеоформат не е единственото од оваа категорија. Човекот што го игра пилотот се појавува и во голем број други видеа на Der Postillon играјќи различни улоги, вклучувајќи човек кој не може да разбере иронија.
Проверувачите на факти на „Фулфект“ пишуваат дека истиот сатиричен сајт има објавено и статија за истиот измислен случај во отомври 2023 година.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како сатира.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар