Вирална фотографија од црква во Сирија не е доказ за постоење на македонски јазик или глаголица во 5. век
Фотографијата не претставува доказ дека во Сирија во 5. век постоел македонски јазик или глаголско писмо, како што тоа го тврди објавата која ја анализираме. Станува збор за стар византиски натпис врз кој се додадени современи ознаки и интерпретации за да изгледа како читлив словенски текст.
Фотографијата не претставува доказ дека во Сирија во 5. век постоел македонски јазик или глаголско писмо, како што тоа го тврди објавата која ја анализираме. Станува збор за стар византиски натпис врз кој се додадени современи ознаки и интерпретации за да изгледа како читлив словенски текст. Историските извори јасно покажуваат дека глаголицата се појавува дури во 9 век, а не во времето на царот Јустинијан Први
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Ова е 5ти век црква во Сирија.
Во 5ти век немаше словени.
Во 5ти век Петруш Јустинијан Царуваше со Средновековното Македонско Царство т.н. Византија!
Септември на македонски јазик
Текстот е на глаголица.
Macedonia Македонија
Објавата споделува и фотографија од камен натпис на стара црква во Сирија, со тврдења дека на него пишува „ден 6 септември година…“ на македонски јазик и дека текстот бил напишан со глаголица уште во 5 век. Во објавата се тврди и дека „во 5. век немало Словени“ и дека царот Јустинијан владеел со „Средновековното Македонско Царство – Византија“.
Историските факти не ги потврдуваат овие тврдења.
Фотографијата прикажува архитектонски камен украс од рановизантиски период. Но, зборовите што се гледаат со бели и црвени букви не се дел од оригиналниот натпис, туку се дополнително внесени врз фотографијата за да изгледа како текстот да може да се чита на словенски јазик.
Историчарите наведуваат дека натписите на црквите во Сирија од 5. и 6. век најчесто биле пишувани на старогрчки или сириски (арамeјски) јазик, кои биле официјални и литургиски јазици во Источното Римско Царство.
Примери за автентични византиски натписи од тој период може да се видат во архивите на музеите и академските бази.
Фотографијата што ја споделува објавата е автентична и натписот во храмот исто така. Фотографијата е дело на Даниел Деметер за веб-страницата Syria Photo Guide.
Таму е опишана и историјата на Каср Ибн Вардан (Qasr Ibn Wardan, قصر ابن وردان) – византиски црковен и дворски комплекс, сместен на работ на пустината, североисточно од Хама. Изграден е за време на владеењето на Јустинијан I и бил завршен во 564 година.
Фотографии и видео од комплексот може да се видат и на веб-страницата Independent Arabia.
Тврдењето дека натписот е на глаголица е хронолошки невозможно.
Според историските и филолошките извори, глаголицата ја создаваат Светите Кирил и Методиј во 9. век, за потребите на словенската мисија во Велика Моравија. Тоа е околу 300 години по периодот на царот Јустинијан I.
Оттука, не постојат научни докази дека во Сирија во 5. век се користела глаголица.
Во виралната фотографија делови од декоративните симболи и оштетувањата на каменот се означени со линии и букви за да личат на современи словенски зборови.
Епиграфичарите објаснуваат дека ваквите интерпретации се честа појава кај стари натписи и симболи, особено кога некој однапред се обидува да „прочита“ познати зборови во случајни форми.
Рановизантиската уметност и натписи се карактеризирале со силно влијание на христијанството, грчката традиција и симболиката на Источното Римско Царство. Во црквите и дворските комплекси од 5. и 6. век најчесто се користеле грчки натписи, мозаични орнаменти, крстови, геометриски форми и религиозни симболи. Историчарите објаснуваат дека декоративните елементи од тој период денес често погрешно се толкуваат како „тајни букви“ или „словенско писмо“, иако станува збор за типична византиска орнаментика и епиграфика (помошна наука во историјата). Византиската уметност во Сирија, Палестина и Мала Азија користела претежно грчки јазик и христијанска симболика, што може да се види и во бројни зачувани цркви и натписи од времето на Јустинијан I.
Царот Јустинијан Први бил владетел на Источното Римско Царство во 6 век. Терминот „Византија“ е подоцнежен историски назив што го користат современите историчари за Источното Римско Царство. Самата држава себеси се нарекувала Римска империја.
Нема релевантен историски извор што ја дефинира државата на Јустинијан Први како „средновековно македонско царство“.
Историската наука смета дека словенските преселби кон Балканот главно започнуваат во 6. и 7. век.
Тоа значи дека нема докази за постоење словенска писменост во Сирија во 5. век.
Од сето ова можеме да заклучиме дека фотографијата не претставува доказ дека во Сирија во 5. век постоел македонски јазик или глаголско писмо, како што тоа го тврди објавата која ја анализираме.
Станува збор за стар византиски натпис врз кој се додадени современи ознаки и интерпретации за да изгледа како читлив словенски текст. Историските извори јасно покажуваат дека глаголицата се појавува дури во 9 век, а не во времето на Јустинијан Први.
Поради сето ова, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар