Виралниот документарец „Пландемик 2“ плете теорија на заговор со Ковид-19 во главната улога

Плндемик 2/скриншот

Во доокументарецот се повторува истата серија невистини, неточни податоци и теории на заговор, како и во првиот дел, кој беше наголемо дебанкиран од проверувачите на факти ширум светот

 

Пандемијата на вирусот Ковид-19 е контролирана здравствена криза во светски рамки за полесно да се натера популацијата да се вакцинира. А вакцинацијата на што поголем дел од светската популација е заговор на моќниците, кои сакаат да го контролираат прирастот на населението. Вакцините се штетни, предизвикуваат разни болести и нивната употреба е со цел да се контролира растот на светската популација со „медицината“ како средство, наместо со војни, глад и други катастрофи… Секако, тука се и обвинувањата дека тоа ќе им донесе и огромен финанскиски профит.

Вака, накратко, можат да се сублимираат поентите од документарниот филм „Пландемик 2“ („Plandemic 2“ во траење од 75 минути) споделен на Фејсбук во овој пост.. Оваа вирална теорија на заговор , всушност, е „проширена и надградена“ верзија на претходно пласираниот документарен филм „Пландемик“ („Plandemic“, во траење од 27 минути), како еден вид „тизер“ кој славодобитно го посочува д-р Ентони Фаучи (Dr Fauchi exposed!) во воведот како еден од најголемите виновници за губењето на контрола врз пандемијата. А, сè со цел глобалната вакцинација полесно да помине во светски рамки, што, повторно, според теоретичарите на заговори, е една од главните алатки за контрола на прирастот на светската популација.

Неологизмот во насловот на документарецот „Пландемик“ сугерира дека пандемијата со вирусот Ковид-19 е плански подготвена (поднасловот на фимот е „Скриената агенда на Ковид 19/The hidden agenda behind Covid-19), дека претставува заговор на центрите на моќ олицетворени во д-р Фаучи, фармацевтската индустрија и, секако, Бил Гејтс пред и над сите. Документарецот е во продукција на Мики Вилис (Mikki Willis) и неговата продукциска куќа „Елевејт“ („Elevate“), кој ја интервјуира главната „ѕвезда“ – д-р Џуди Мајковиц (Judy Mikovits), виролог, дискредитиран научен истражувач од Националниот центар за лекување на рак (National Cancer Institute), која важи за поборник на антиваксерската опција.

На почетокот на документарецот главна мета на Мајковиц е д-р Ентони Фаучи (Anthony Fauci), раководител на Американскиот институт за алергиски и инфективни болести (U.S. National Institute of Allergy and Infectious Diseases/NIAID). Но, не само заради пандемијата со Ковид-19, туку Мајковиц го обвинува Фаучи за милиони смртни случаи во пандемијата со вирусот на ХИВ/СИДА (HIV/AIDS) уште пред неколку децении! Кратката верзија на „Пландемик“, која „експлодираше“ на социјалните мрежи во мај 2020 година и предизвика големи забуни кај гледачите, веќе беше дебанкирана од неколку релевантни проверувачи на факти, меѓу кои и на „Science“. (Другите текстови на проверувачите на факти можете да ги најдете овде, овде, овде, овде и овде). Затоа, видеото беше отстрането од социјалните мрежи и мултимедијални платформи, вклучувајќи ги и Фејсбук, Твитер, Вимео, Јутјуб… заради пласирање дезинформации во сферата на медицинските докази.

Можеби ќе изгледа небитно, но можеби има вистина и во една неформална акнета околу најголемата застапеност на суетата кај одредни професии: докторите, пилотите и новинарите се водечки на табелата на професиите кај кои суетата е „полнокрвна“! Д-р Мајковиц во документарецот се фали дека таа била дел од тимот што го открила предизвикувачот на вирусот ХИВ/СИДА и дел од тимот што го револуционизирал третманот на заболените, но потоа била затворена, а нејзините научни открија биле тенденциозно дискредитирани.

Вистината е поинаква. „Science“ ги проверил фактите и утврдил дека д-р Мајковиц е релативно непознато научно име во американската медицинска академска заедница. Нејзин најголем научен дострел како директорка на одделот за истражувања на Институтот Вајтмор Питерсон (Whittemore Peterson Institute/WPI) бил откритието на обскурен вирус (xenotropic murine leukemia virus-related virus/XMRV) во 2009 година, кој предизвикува синдром на хронична замореност (chronic fatigue syndrome/CFS). Две години подоцна научните истражувачи утврдиле дека „пронајдокот“ XMRV на д-р Мајковиц бил случаен резултат при лабораториските опити со глувци и дека не може да ги зарази луѓето, па бил отфрлен во академските кругови како научно достигнување.

Ако суетата е небитна во методологијата на научните проверки, можеби е битна кај теоретичарите на заговори. Сигурно е, а тоа го покажува и документарецот „Пландемик“.

Документарецот започнува со „откритието“ дека коронавирусот Ковид-19 е присутен кај луѓето многу одамна, уште од 2007 година. Проверувачите на факти велат дека коронавирусот што ние денес го препознаваме како Ковид-19 е една од генетските секвенци (дел од група вируси) на вирусот што го предизвикува респираторното (белодробно) акутно заболување SARS, кое се прошири во неколку земји во 2003 година, кога заболеле околу 8.000 луѓе, а починале 774. И тука нема никакво спектакуларно откритие. Но, на бранот на паниката од пандемијата со Ковид-19, многумина ги забораваат овие детали, па се подложни на теориите на заговор.

Документарецот „вози“ и на глобалниот конфликт САД-Кина, односно обвинувањето од страна на САД дека Кина го произвела и извезла вирусот Ковид-19 и одрекувањето на Кина.

Доументарецот се осврнува и на апсењето на Мајковиц, наводно без валиден судски налог, и обвинението покренато против неа. Без никакви докази, „Пландемик 2“ дури ја обвинува интернет енциклопедијата Википедија дека е финансирана од непознати донатори само со цел да протежира политички коректни содржини кои им одговараат ним, а да ги оцрнува личностите како Мајковиц. Тука, секако, се и теориите дека водечките медиуми се контролирани од ЦИА и американската влада и тн.

Во документарецот една од поголемите „улоги“ има д-р Дејвид Мартин, потпишан со звучна титула „разузнавачки аналитичар“ (National Intelligence Analyst), што и да значи таа. Проверувачите на факти веќе ја дебанкираа неговата лажна теорија на заговор, па се чини дека алтернативното подзаглавие на документарецот „Indoctornation“ – игра на зборови со Indoctrination, индоктринација – некако му се враќа како бумеранг на авторот.

Следна ставка на тапетот на документарецот е Светската здравествена организација (СЗО), за која се потенцира дека има ексклузивно право да се грижи за здравјето на светската популација, па веднаш се налепува информацијата дека водечките светски фармацевтски компании и фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, се најголемите финансиери на оваа организација. За да ја контролираат, а преку неа и здравјето во светот, со цел да остварува огромни профити…

„Пандемик 2“ неосновано обвинува дека илјадници деца во светот страдале од нус-ефектите од вакцини како онаа против болеста полио. Во филмот се застапени и илјадници пати повторените обвинувања против Бил Гејтс, еден од најбогатите луѓе на светот, кој вложува милијарди долари наводно во борба против заразните болести, но всушност за да го контролира светот. Филмот тврди дека откако ќе биде пронајдена вакцината и против Ковид-19, тогаш ќе бидат воведени и своевидни „пасоши“, со помош на спрегата Гејтс-СЗО, кои ќе ги поделат луѓето, фигуративно, во „подобни“ (вакцинирани) и „неподобни“.

Нејасно е вметнувањето на епизодата дека Гејтс се сретнал со Џефри Епстајн, обвинетиот педофил и макро во американскиот џет-сет. Сепак, тоа е само дел од арсеналот непоткрепени обвинувања против Гејтс од таборот на антиваксерите. Тука се и вообичаените тврдења дека преку заплашувањата со Ковид-19 се креираат разни технолошко-комуникативни методи со кои се шпионираат и контролираат луѓето, нарушувајќи им ги основните човекови права.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција