Вирусите не се измислени за профит, а повикот да се бојкотираат лекарите во време на епидемија е опасен
Објавата шири класична теорија на заговор во која се користат антиваксерски наративи и се негира науката. Во реалноста, Македонија се соочува со сериозен здравствен предизвик со западнонилска треска каде веќе има потврдени жртви. Тврдењето дека вирусот е измислен за продажба на вакцини е апсурдно, бидејќи таква вакцина не постои.
Објавата шири класична теорија на заговор во која се користат антиваксерски наративи и се негира науката. Во реалноста, Македонија се соочува со сериозен здравствен предизвик со западнонилска треска каде веќе има потврдени жртви. Тврдењето дека вирусот е измислен за продажба на вакцини е апсурдно, бидејќи таква вакцина не постои. Повикувањето на бојкот на лекарите во вакви услови директно го загрозува животот на граѓаните
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Што мислите зошто сеуште постои инфективна клиника, па за да измислуваат нови и нови вируси кои не постојат за да ви продаваат таблети и да се плаши народот да трча по вакцини кои се уште поопасни од било каква болест , оти ако признаат дека нема вируси паѓа сета медицина во вода луѓе опасно е да се оди по лекари денес слушам едно видео баба една отишла на лекар и тој и рекол работиш нели таа му рекла морам а тој нејзе и рекол као ти си завршила со тоа не работи многу не излегувај на сонце па зар мислите ве сакаат живи не напротив сакаат да ве нема.
Тврдењето дека вирусите се „измислени“ од медицината за профит и дека граѓаните треба да бегаат од лекари во услови на епидемија на западнонилска треска во Македонија е целосно невистинито и претставува опасна дезинформација по јавното здравје.
Вирусот на Западен Нил е реален, научно докажан патоген, а ширењето лажни вести за непостоење на вируси во ек на прогласена епидемија директно ги одвраќа граѓаните од навремено барање лекарска помош, што може да биде фатално.
Спротивно на тврдењето дека се работи за „измислена“ состојба, во Северна Македонија во август 2026 година е официјално прогласена епидемија на западнонилска треска во неколку скопски општини (Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел). Според официјалните податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), заклучно со 18 август 2026 година, регистрирани се 38 случаи на заболени и 4 смртни случаи кај пациенти со најтешката, невроинвазивна форма на болеста (воспаление на мозокот и мозочната обвивка). Сите починати лица биле повозрасни граѓани хоспитализирани токму на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Во текстот од објавата се тврди дека вирусите се измислуваат за „народот да трча по вакцини“. Меѓутоа, ова тврдење целосно паѓа во вода бидејќи за западнонилска треска воопшто не постои вакцина за луѓе, ниту пак постои специфичен антивирусен лек (таблети). Терапијата што се дава на Инфективната клиника е исклучиво потпорна (симптоматска) со цел да им се спаси животот на пациентите со тешки компликации. Па тврдењето за некаков профит преку присилно вакцинирање за оваа болест е апсурдно. Повеќе на оваа тема прочитајте во анализата на Вистиномер за заблудите и фактите за западнонилската треска.
Вирусите не се измислени, како што тврди објавата, односно тие не се фикција. Постоењето на вирусите е материјално и научно докажано уште кон крајот на 19 век преку низа експерименти, а денес тие можат јасно да се видат и изолираат со помош на електронски микроскопи. Вирусот на Западен Нил (West Nile virus) е изолиран уште во 1937 година во Уганда, а во Македонија се појавува сезонски веќе со години, бидејќи природно се пренесува преку убод од заразен домашен комарец (од родот Culex). Како што веќе пишуваше Вистиномер, информирањето на јавноста за ширењето на вирусите не е „сеење страв“, туку законска обврска за заштита на населението за да се преземат мерки за дезинсекција (прскање против комарци).
Тврдењето дека е „опасно да се оди по лекари“ е најризичниот дел од оваа дезинформација. Искуствата од претходните пандемии, како онаа со ковид-19, покажаа дека ваквата „инфодемија“ (ширење лажни вести за здравството) резултираше со директна загуба на човечки животи. Луѓето кои веруваат во овие теории одбиваат да одат во болница во рана фаза на болеста, па кога конечно ќе развијат тешко воспаление на мозокот, веќе е предоцна за медицинска помош.
Објавата шири класична теорија на заговор во која се користат антиваксерски наративи и се негира науката. Во реалноста, Македонија се соочува со сериозен здравствен предизвик со западнонилска треска каде веќе има потврдени жртви. Тврдењето дека вирусот е измислен за продажба на вакцини е целосно апсурдно, бидејќи таква вакцина не постои. Повикувањето на бојкот на лекарите во вакви услови директно го загрозува животот на граѓаните.
Поради сето ова, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар