Вистинитоста на тврдењата на Жан Митрев може да се провери единствено низ правосудството
Кажаното од Митрев и повторуваното во партиски соопштенија останува во сферата на манипулатавнoто и шпекулативното сè додека не се провери преку правосудните органи
Доктор Жан Митрев при неодамнешно гостување на телевизиско интервју изнесе тврдења/обвинувања за наводни уцени од поранешниот премиер Заев и поранешниот министер за здравство Филипче за продажба на неговата клиничка болница Филип Втори. Оттогаш, ВМРО-ДПМНЕ неколку дена не престана со генерализација и обвинувања за сегашниот лидер на опозицијата Филипче (и за Заев), додека СДСМ упорно тврди дека станува збор за однапред подготвен јавен линч со цел дефокус на јавноста од повеќе актуелни теми, меѓу кои и темата за наводен „увоз“ на мигранти. Сепак и двете партии го повикуваат јавниот обвинител да реагира, што во ваков случај е всушност единствениот начин да се утврди вистината. Сè дотогаш, кажаното од Митрев и повторуваното во партиски соопштенија останува во сферата на манипулатавнoто и шпекулативното
Пишува: Теофил Блажевски
Интервју на доктор Жан Митрев, познат кардиохирург и сопственик на „Клиничката болница Жан Митрев“ дадено уште на 15-ти јануари за телевизија Алфа која е со национална концесија, не престанува да ја бранува јавната сцена поради децидните тврдења на Митрев кои одат на сметка на поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче за уцени, со цел преземање на неговиот бизнис, т.е. болницата.
Тој на сите прашања на водителот – за судскиот процес против него, за тоа како после емитувањето на документарниот филм „Нечиста крв“ на ИРЛ по неколку часа во клиниката имало посета од 50-тина инспектори, на прашањето дали зад сето тоа стоела намера за евтино купување на неговата болница, на прашањето дали можеби зад тоа стоеле поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче – одговори потврдно.
Уште повеќе во контекст на кажаното беше дека бил злоупотребуван државниот апарат, вклучувајќи го и Јавното обвинителство, кое до ден денешен ја држело неговата лична сметка и сметката на болницата блокирана, зашто судскиот процес за измама при лекување на пациенти од ковид-19 сè уште трае, но дека кога се случувале обидите за преземање на болницата блокираното право да продава удели од истата, во рок од околу една недела било одблокирано од истото тоа Обвинителство, кога на маса имал и конкретна понуда. И најшокантно, при таквите контакти со него, се мисли на Заев и Филипче, имало не само усни контакти, туку и пишана комуникација (сето ова децидно после 1 час и 30 мин. од интервјуто, а поширокиот контекст започнува после 1 час и 13 минута во видеото).
Реакции на власта и опозицијата
Најголемата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ два дена од емитувањето на интервјуто, па сè до денес, не престанува со жестоки обвинувања во кои директно се обвинува сегашниот лидер на најголемата опозициска партија Венко Филипче, дека во функција на министер за здравство, заедно со тогашниот премиер Зоран Заев, во време на ковид пандемија мислеле на лично богатење и сакале да му го преземат бизнисот на Митрев.
Стојаноски: Филипче сакал да му ја земе болницата на Жан Митрев, ургирал и кај обвинителството да му помогне (тука);
Стојаноски: Филипче и Заев преку државните институции и правосудството под нивна команда, сакале за багателна цена да ја земат клиниката Жан Митрев (тука);
Петрушевски: Со закани, уцени и притисоци, Филипче и Заев сакале да ја земат болницата Жан Митрев (тука);
Петрушевски: Заев и Филипче му нуделе помош за судската постапка на др. Жан Митрев во замена за неговата болница (тука) – се само дел од насловите на партиските прес-конференции што ги одржаа во ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ, пак, во своите одговори генерално тврди дека станува збор за јавен линч на Филипче и се фокусира на два фронта – едниот е против телевизија Алфа и водителот што го водеше интервјуто со Митрев, а другиот е дека станува збор за дефокус на ВМРО-ДПМНЕ која сето ова го изрежирала со цел да сокрие други афери на власта, вклучувајќи го и наводното носење на мигранти во земјата.
Еве дел од насловите на соопштенијата од Бихаќка:
Разоткриен ДЕФОКУС: ВМРО со однапред смислено сценарио за јавен линч на Филипче (тука);
Филипче: ВМРО ги премина сите граници, ова не е политика – ова е јавен линч! (тука-по 30 секунда);
Додека сите се занимаваат со лажните вести на Алфа ТВ и Жан Митрев, ВМРО увезува 10.000 „економски работници“ (тука)
Заеднички елемент – Јавното обвинителство
Но она што е заеднички елемент кај двете партии е сепак повикот кон јавниот обвинител за вклучување во проверка на тврдењата на доктор Жан Митрев. Малата нијансирана разлика е што ВМРО-ДПМНЕ директно го повикува Обвинителството да реагира, додека СДСМ го повикува и Жан Митрев да појде и да даде исказ во Обвинителството и да поднесе кривична пријава ако тоа што го кажа е вистина:
Јавното обвинителство веднаш да постапи и да ги истражи сите наводи за мафијашките притисоци, уцени и користењето државата и институциите од страна на Филипче и Заев за приватни, односно, за остварување на клановските цели. Не треба да има недопирливи, законот треба да важи подеднакво за сите – велат од ВМРО ДПМНЕ во една од своите последни објави.
Филипче, кој уште на прес-конференцијата најави дека отсега ќе ги тужи за ваквите клевети, го повика Митрев да оди да пријави во Обвинителството, за да може потоа по Кривичен законик да одговара за лажна пријава (тука – 0.55 сек.).
Отиде ли Жан Митрев во Обвинителството да поднесе пријава? Или не смее затоа што знае дека ќе одговара кривично за лажно пријавување? Жан Митрев отиде само на Алфа ТВ, изнесе лаги за претседателот Филипче и го снема.
Очигледно единствената цел во рамките на црната кампања и сценариото за јавен линч на претседателот Филипче беше јавно да се фрли лага за измислен „рекет“ и со тоа да се занимава јавноста додека се увезуваат 10.000 странски работници – повторија од СДСМ во една од нивните последни објави.
Обвинувањата за сериозните кривични дела може да ги расчисти само правосудството
Жан Митрев не е „обичен смртник“ кој нешто зборува неповрзано „пред кооперација“. ВМРО-ДПМНЕ е партија на власт, додека Венко Филипче е претседател на најголемата опозициска партија. Во времето за кое зборува Митрев во своите тврдења тој бил министер за здравство, а Зоран Заев бил премиер. Тврдењата на Митрев се сериозни обвинувања кои се поврзани со сериозни кривични дела инкриминирани во Кривичниот законик. Од изнуда и уцена до примање награда за противзаконито влијание, примање поткуп, злоупотреба и несовесно работење, итн.
Оттука, единствен начин да се проверат овие тврдења и обвинувања, бидејќи јавниот интерес поврзан со истите е голем, е да се изложат на тестот на правосудството, почнувајќи од Јавното обвинителство. Дали јавен обвинител по допрен глас ќе земе исказ од Митрев и од оние што ги обвинува или Митрев ќе појде во ЈО да поднесе кривична пријава – резултатот би бил проверка на обвинувањата на Жан Митрев. Сè додека не се случи тоа по овој единствен институционален пат, обвинувањата остануваат во дозата на шпекулации и манипулации и јавноста не може да се потпре на истите.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар