Визи, азил, човекови права

Пасошки преглед на грчко-турска граница. Во 2010 година овде поминаа над 50 илјади бегалци. Фото: Мајкл Хјуз
Пасошки преглед на грчко-турска граница. Во 2010 година овде поминаа над 50 илјади бегалци. Фото: Мајкл Хјуз

 

Во медиумите нема анализа која визната либерализација би ја погледнала од аспект на концептот за човекови права – како создавање услови за практикување на слободата на движење како едно од основните човекови права. Оттука, ниту во расправите за нејзиното укинување и мерките кои се преземаат од страна на државата новинарите не го поставуваат прашањето од аспект на загрозувањето на човековите права.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

  1. 1.      Визната либерализација – остварување на слободата на движење како човеково право

 

Прашањето за визната либерализација и можноста за патување во државите на ЕУ без посебна виза претставува континуиран интерес на новинарите. Меѓутоа, тоа што темата е на насловните страни и тоа што е присутна во огромни размери, воопшто не значи дека е анализирана, дека се покриени различни аспекти, дека е побаран одговор на голем број прашања или, пак, дека е дадена целосна информација.

Во 2009 година стана вест од првите страници уште во процесот на расправа, а потоа и како конечна одлука донесена од страна на ЕУ државите. Потоа се разгоре по повод отворените расправи поврзани со анализата на спроведувањето и повторно на крајот од 2013 во врска со одлуката за промена на процедурата за евентуално ограничување на визната либерализација.

Во најголем број од медиумите тогаш се известува дека:

„Комитетот за човекови права, правда и внатрешни работи на Европскиот парламент доцна вечерва ќе треба да даде зелено светло за визната либерализација. Извештајот го подготви словенечката европратеничка, Тања Фајон и во него пишува дека Македонија ги исполнила сите услови за укинување на визите“

Или:

„Денешната одлука покажува јасна европска перспектива за земјите од Западен Балкан“

Дојче Веле пренесува:

„Според Фајон, укинувањето на визите за сите граѓани од земјите од Западен Балкан е еден од главните влогови за да се гарантира трајниот мир и да се избегнат нови поделби во регионот, што може да има негативни последици за регионалната соработка, но исто така и внатре во земјите.“

На Радио Слободна Европа е направена опсежна анализа за значењето на визната либерализација за Македонија (македонските граѓани). Направен е обид за претставување на позитивните страни (евентуалните бенефиции) и негативните страни на еден ваков чекор.

 

Медиумите не ја третираат визната либерализација од аспект на човековите права

 

Во медиумите нема анализа која визната либерализација би ја погледнала од аспект на концептот за човекови права – како создавање услови за практикување на слободата на движење како едно од основните човекови права. Оттука, ниту во расправите за нејзиното укинување и мерките кои се преземаат од страна на државата новинарите не го поставуваат прашањето од аспект на загрозувањето на човековите права.

Зошто новинарите молчат за слободата на движење како основно човеково право и како суштински елемент на визната либерализација? Дали станува збор за незнаење, или за прифаќање на еднострано толкување кое вината треба да ја префрли на една етничка заедница, прикажувајќи ги сите останати граѓани на Република Македонија како жртви на нивната “неодговорност“?

Бугарски граничари на бугарско-турската граница во патрола. Фото: Béla Szandelszky за UNHCR Central Europe
Бугарски граничари на бугарско-турската граница во патрола. Фото: Béla Szandelszky за UNHCR Central Europe

Слободата на движење е сложено право. Медиумите во многу поголема мера би ја оствариле функцијата на соодветно информирање, но и функцијата на промотори на човековите права, доколку го постават прашањето за врската меѓу визната либерализација и сѐ што се случува околу неа и правото да се напушти сопствената држава како составен дел од правото на слобода на движење.

И при навестувањето на можното укинување на визната либерализација, медиумите едноставно ги пренесуваат изјавите на министерката за внатрешни работи и други функционери (пред сѐ од МВР), во кои се објаснува нужноста од преземање на “сите можни мерки“ со цел обезбедување на услови за опстојување на овој режим. Меѓутоа, новинарите не поставуваат прашање за законитоста и неопходноста, како и на конзистентноста на овие мерки со меѓународните документи во кои се гарантира слободата на движење.

На пример, под насловот “Македонија во одбрана на визната либерализација“ не е даден текст во кој се зборува за правото на слободно движење како човеково право, туку за ограничувањата кои државата им ги става на сопствените граѓани со изјавата:

„Македонија ќе се обиде по секоја цена да ја зачува визната либерализација за своите граѓани.“

Новинарите не ги поттикнува на поставување прашања идејата за промени на Кривичниот законик која само ја пренесуваат:

„Македонските власти, односно Министерството за правда предложи измени на Криивичниот закон со цел да се спречи бранот на лажни азиланти од Македонија. Согласно измените, за злоупотреба на визната либерализација се предвидува затвор до осум години, парични казни до 30 милиони денари и одземање на патната исправа“

Напротив, во медиумите преовладуваат наслови како оној на Дневник “Азилантскиот бран скротен“, каде што не е адресирана фалбата на помошникот министер за внатрешни работи Иво Котевски: “Во периодот од 29 април до 26 јуни годинава од границата биле вратени 787 македонски државјани“ (за во 2012 година да се пофали дека на 6150 граѓани на Република Македонија им бил забранет излез од земјата).

 

Слободата на излез од секоја, па и од својата држава е загарантирано право

 

Дури и после вака јасно дадени искази на високи функционери на МВР, со кои недвосмислено се тврди дека на граѓаните на Македонија им е забранет излез од сопствената држава, новинарите не ги консултираат меѓународните документи, кои се прифатени од страна на Република Македонија и со тоа и дел од нејзиниот сопствен правен систем.

На пример, според Меѓународниот пакт за граѓанските и политички права: “Секој е слободен да ја напушти било која држава, вклучувајќи ја и сопствената“. Според Универзалната декларација за човекови права “Секој има право да ја напушти било која држава, вклучувајќи ја и сопствената, и право да се врати во својата држава“.

Тргнувајќи од правото на слободно движење, новинарите можат да прашаат:

  1. Врз основа на кои критериуми се вратени овие граѓани од граница?
  2. Дали на тој начин не е прекршен Уставот и меѓународните документи?
  3. Дали постојат индикации за етничко/расно профилирање?

Во 2013 медиумите известуваат за усвојувањето од страна на ЕУ на механизам со кој може по многу скратена постапка да се вратат визите по барање на држава – членка на ЕУ. Во медиумите се пренесува во голема мера истоветна информација, сублимирана во заклучок:

„Тој механизам беше усвоен во декември заради зголемениот број на „лажни азиланти“ од држави од Западен Балкан и други злоупотреби на безвизниот режим што во изминатите години предизвика загриженост во државите од Европската унија.“

Во секое од медиумските известувања се спомнуваат азилот и азилантите како причина заради која се размислува за укинување на визната либерализација и како основ за преземање на одредени мерки од страна на државата. Меѓутоа, самата визна либерализација нема врска со правото на азил, туку со слободата на движење. И токму слободата на движење е повредена доколку на граѓаните на една држава им се забранува излез од нивната сопствена држава без постоење соодветни причини за ограничување на ова право.

 

Правото на граничарите на „несистематска“ проверка

 

Комитетот за човекови права при ООН уште во 1999 година во својот генерален коментар даден во врска со слободата на движење дадена во Пактот за политичките и граѓанските права, утврдил дека:

Слободата на движење е неопходен услов за слободен развој на една личност. Таа се вкрстува со неколку други права дадени во Пактот…Дозволените ограничувања … не смеат да го поништат принципот на слобода на движење…

Слободата да се напушти територијата на државата не смее да зависи од целта или временскиот период кој го избрал човек да престојува надвор од сопствената држава.

Во секоја анализа на процесот на визната либерализација новинарите треба да имаат предвид дека правата поврзани со слободата на движење можат да бидат ограничени само по исклучок кога треба: да се заштити националната сигурност, јавниот ред, јавното здравје или морал и правата и слободите на други (ограничувањето на правото на движење вообичаено е заради заштита на самиот човек или на другите).

„За да бидат дозволени, ограничувањата мора да бидат предвидени со закон, мора да бидат неопходни во едно демократско општество за заштита на овие цели и мора да бидат соодветни со останатите права предвидени во Пактот.“

„… Законите со кои се одредуваат ограничувањата треба да користат прецизни критериуми и не смеат да дозволат неограничена слобода на решавање на тие кои ги спроведуваат.“

Доколку е ова така, тогаш се поставува прашање зошто новинарите не ги заинтересира промената на Законот за гранична контрола со која во членот 15 се предвидува:

„При спроведување на минималните гранични проверки на лицата државјани на Република Македонија, како и над лицата кои го уживаат правото на Заедницата за слободно движење, полицискиот службеник може врз несистематска основа да провери во соодветните евиденции и електронски бази на податоци дали тие лица претставуваат закана за националната безбедност, јавната политика, меѓународните односи или закана по јавното здравје.

Без прецизирање на критериумите и можноста за “несистематска“ проверка, всушност, граничните власти добиваат можност по слободна волја да го ограничат слободното движење на граѓаните на сопствената држава.

(продолжува)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција