Визи, азил, човекови права (4): За отсуството на заштита и префрлањето на одговорноста

Центар за сместување азиланти, Заставка, кај Брно, Чешка Република. Фото: UNHCR Eastern Europe, 2010
Центар за сместување азиланти, Заставка, кај Брно, Чешка Република. Фото: UNHCR Central Europe, 2010

Наместо државата да се појави како гарант на правата и слободите на сопствените граѓани и заштитник на нивните интереси, во случајов, Македонија се појавува како алатка во заштитата на интересите на други држави, односно, нивните граѓани.

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

Посебен проблем поврзан со „лажните“ азиланти е отсуството на заштита на граѓаните од страна на сопствената држава. Во делот од анализата под наслов “За казнувањето и дискриминацијата“ видовме како измените на Законот за патните исправи се толкува на начин кој доведува до тоа на граѓаните, кои ќе бидат протерани од некоја држава, да им се одземаат исправите, односно, да им се забрани излез од сопствената држава.

Во 2011, Дневник ја пренесува изјавата дадена од страна на Комитетот за следење на визната либерализација:

Договорено е да се побараат и податоци од земјите каде има најголем број азиланти, како и од комесарот за внатрешни работи и миграции за лицата кои досега побарале азил за да се разгледа соодветна можност во евентуална постапка да се применат и дополнителни санкции за тие лица.

Ова подразбира дека државата гради политика кон своите граѓани врз основа на потребите и интересите на трети држави. Или, освен што промената на Законот за патните исправи воведува казнување на граѓаните кои ќе бидат протерани од некоја друга држава:

лицето е присилно вратено или протерано од друга држава поради постапување спротивно на прописите за влез и престој во таа држава

оваа одредба значи дека државата не застанува во одбрана на сопствените државјани.

Во ниту еден од медиумите не беше поставено прашањето: зошто државата не ги штити сопствените државјани? Имено, оваа одредба не подразбира никакво преиспитување на причините заради кои лицето е протерано од конкретна држава (а, кои можат да бидат од најразлична природа). На пример, некој може да биде протеран заради спротивставување на навредување на симболите на Република Македонија, или, заради непридржување на стриктни религиозно базирани правила кои се почитуваат во одредена држава, или заради незнаење на правото, или заради нарушување на јавниот ред и мир во конкретна држава.

Уште повеќе, можни се ситуации кога државата од која бил протеран наш граѓанин самата да го прекршила меѓународното право, бидејќи ниту една држава не е совршена и секоја држава прво ги штити сопствените и интересите на своите граѓани.

Ова значи дека, со тоа што Македонија предвидува санкција заради протерување на своите граѓани од трети држави, без механизми за преиспитување на актот на протерување, таа:

  • дополнително ги казнува своите граѓани за престапи кои ги направиле во друга држава (и за кои веќе се казнети со протерување од таа држава),
  • ги казнува за престапи кои можеби и не се казниви во Македонија, и
  • ги казнува со општа забрана за излез од државата, што претставува прекршување на едно од основните човекови права.

Наместо државата да се појави како гарант на правата и слободите на сопствените граѓани и заштитник на нивните интереси, во случајов, Македонија се појавува како алатка во заштитата на интересите на други држави, односно, нивните граѓани.

Во контекст на претходниот проблем може да се постави и прашањето за своевидно поттикнување на прекршување на човековите права и слободи на меѓународното право кое доаѓа од страна на државите кон кои се обраќаат барателите на азил од Македонија.

Имено, и покрај тоа што станува збор за развиени демократски држави, тие наместо самите да побараат средства со кои би се справиле со ситуацијата на поголем број баратели на азил заради визната либерализација, ја префрлаат топката кај Македонија.

Во медиумите не најдоа место (или многу малку се пренесуваат) информации за расправите кои се водат во рамките на ЕУ и во кои се понудени алтернативни решенија на проблемот, кои се, пред сѐ, одговорност на државите приматели на азиланти, а не на државите од кои потекнуваат барателите на азил.

Во мерките кои се предложени, се намалување на финансиската помош и побрзо разгледување на барањата. Швајцарија откако започна да ги разгледува барањата за азил за само 48 часови, бројот на азилантите се намали драстично.

Државите кои најчесто се цел на барателите на азил, јасно искажуваат очекување Македонија да се справи со „проблемот“ на „лажните“ азиланти, па дури се спремни и да прогледаат низ прсти на несоодветните средства и санкции кои се употребуваат (а, кои значат прекршување на меѓународните договори и стандарди) и да замижат пред очигледното етничко/расно профилирање и дискриминацијата на одредени групи граѓани.

Една од ретките анализи кои свртуваат внимание на овој проблем е направена во весникот Нова Македонија под наслов „Се бара азил поради антиазилантска репресија“:

Каде е тука парадоксот? Во тоа што ЕУ успеа да издејствува, иако можеби не го побара тоа директно, Република Македонија да прекршува основни човекови права, како правото на патување, да ја натера земјата да дискриминира и расно да профилира свои граѓани на крајно арбитражен начин (граничарите имаат доста слобода во процените дали некој е потенцијален лажен азилант или не е). И сето тоа за да може да ја задржи визната либерализација, која што е добиена, меѓу другото, врз основа на процената дека политичката состојба во државата е доволно добра и нејзините граѓани немаат причини да бараат азил од политички или од слични хуманитарни причини. Па токму антиазилантските мерки се доволна причина за да се бара вистински политички азил врз основа на повредите на човековите права. Европа ја притисна Македонија да се однесува неевропски за да може да го одржи физичкиот (безвизен) контакт со неа. Нашите власти, пак, притиснати од фактот дека визната либерализација им е единствена реална европска придобивка, а во отсуство на изгледи состојбите да се подобрат на евроинтегративниот план, покажаа подготвеност не само да исполнат сѐ што се бара од нив за да го задржат слободното патување, туку и самите да смислат најстроги можни мерки.

Зачудува што во другите медиуми не е понатаму разработена оваа линија на прашања. Дури, многу мал број медиуми ги пренесоа и загрижите за можните прекршувања на човековите права искажани во Стразбур:

На забелешката дека комесарот за човекови права на Советот на Европа Томас Хамарберг, изрази критики за мерките кои ги спроведува Македонија и другите балкански земји за да ги спречат лажните азиланти да ја напуштаат земјата, како кршење на европската Конвенција за човекови права, која секому му гарантира право да ја напушти својата земја, европратеничката вели дека за тоа чувствително прашање се разговарало во Европскиот парламент и дека е потребно да се делува со почитување на човековите права.

– Познато ми е дека властите веќе направиле повеќе позитивни чекори, но очигледно тоа не доволно. Поради тоа е потребна внимателноста и се разбира граѓаните треба да бидат свесни кои се ризиците ако тие ги кршат правата за слободно движење, не само за нив, туку за целата земја но тоа не е изговор за властите да ги спречат граѓаните слободно да се движат“ , завршува Тања Фајон во разговорот со дописникот од Стразбур.

Паѓа во очи, дека во нашите медиуми не се појави анализа на актуелната проблематика со барателите на азил низ призмата на ксенофобијата која веќе подолго време претставува камен на сопнување на ЕУ државите во однос на концептот за човекови права.

Весникот Нова Македонија е еден од ретките каде што во статијата под наслов “За ќар од 2.500 евра, Германија стана мека за македонски азиланти“,  меѓу другото, е дадена и информација во која се критикува односот на ЕУ кон државите кои се дел од визната либерализација

Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ) во последниот извештај за состојбата со безвизниот режим ја обвини Европската Унија дека нечистата работа им ја остава на Македонија и на Србија, ставајќи ги во позиција да се однесуваат кон своите граѓани како Советскиот Сојуз некогаш. Критиката се однесува на барањето Македонија и Србија да ги проверуваат документите на своите граѓани кога излегуваат од граница, во смисла дали имаат кај да одат, дали имаат средства да се финансираат и дали ќе се вратат, иако тоа е задача на граничните служби на Унијата. 

Обид за анализа на проблемот низ оваа призма може да се најде и во написот под наслов “Европа се исплаши – нам ни се стресоа визите“ (исто така во весникот Нова Македонија):

Старата Европа повторно се исплаши. Се плашеше од малцинства, од мултикултурализам, од Турција… Најнов и е стравот од сопствената одлука со која ги укина визите за Македонија, Србија и за Црна Гора. А во суштина се исплаши од бегалците од Северна Африка. Тие и се поголема грижа, бидејќи кога ќе пристигнат на нејзиното поднебје треба и да ги згрижи. Тие имаат основа да останат во европските држави, бидејќи доаѓаат од нестабилно подрачје, регион во кој се војува и немаат основни услови за живот. Е, тоа Европа не сака да го прави и затоа размислува да ги менува правилата што ги вгради во Шенген-зоната – слободно движење на простор на кој живеат половина милијарда жители, овозможувајќи го тоа и за некои земји надвор од ЕУ. Меѓу нив се и Македонците. 

Токму овој тип на анализи би требало да се постават како рамнотежа на општо–присутното себе–анатемисување кое доаѓа од страна на власта, а се репродуцира преку медиумите.

За да можат да направат анализа која би требало да побара одговори на горните проблеми, новинарите треба да побараат информации.

На пример, да ја погледнат анализата направена од страна на Комесарот за човекови права на Советот на Европа во која се изразува загрижата во врска со криминализацијата на миграцијата во Европа и импликациите кои оваа криминализација ги има врз човековите права.

(Крај)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција