Владата, демографијата и потрошувачка кошничка за тричлено семејство
Доколку Владата при креирањето на институционална потрошувачка кошничка се води од методолошки пристап со кој ќе намали вредноста на истата, а притоа водејќи се и од Државниот завод за статистика ќе ја пресметува за просечно тричлено, а не четиричлено семејство, тогаш свесно се оди на вкупно намалување на пресметка со цел вредноста на платата да биде помала. Таквата политика нема поповолно да се одрази врз „заштитата на семејствата, особено со повеќе деца“, бидејќи во старт се порачува дека државата ќе води сметка, во просек, за тричлени семејства
Доколку Владата при креирањето на институционална потрошувачка кошничка се води од методолошки пристап со кој ќе намали вредноста на истата, а притоа водејќи се и од Државниот завод за статистика ќе ја пресметува за просечно тричлено, а не четиричлено семејство, тогаш свесно се оди на вкупно намалување на пресметка со цел вредноста на платата да биде помала. Таквата политика нема поповолно да се одрази врз „заштитата на семејствата, особено со повеќе деца“, бидејќи во старт се порачува дека државата ќе води сметка, во просек, за тричлени семејства
Заменик министерот за економија Марјан Ристески во тв интервју зборуваше и за креирањето на новата владина потрошувачка кошничка, наместо досегашната од ССМ, при што во еден момент може да се регистрира недоследност:
Просечната синдикална кошница нема да биде ниту за политика и политикантство, ниту за јавното мнение кај граѓаните односно како да кажам одредени грешни параметри кои би се кажувале во јавноста, но нам ни треба како Министерство за економија и труд за понатамошните политики кои би ги правеле во однос на заштита на животниот стандард на граѓаните. Не ја пресметуваме за четиричлено македонско просечно семејство, според Државниот завод за статистика е 3.06 или 3.08, тричлено семејство и земени се податоци за основни прехранбени земјоделски производи и сè што е потребно и вклучено во одржување на животниот стандард на граѓаните и реално пресметување на тие реални потреби кои произлегуваат во секојдневното живеење.
[Извор: Република.мк – Ристевски/вест; Датум – 09.04.2025]
Образложение:
Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески даде основни информации за новата потрошувачка кошничка што ја креираат владините институции, при што во делот за колкучлено семејство таа ќе се однесува се забележува недоследност и во однос на предизборната партиска програма на ВМРО-ДПМНЕ и во однос на Програмата за работа на Владата.
Досегашната потрошувачка кошничка ја пресметуваше ССМ врз основа на методологија изготвена од универзитетски професори и се однесуваше на четиричлено семејство, но Владата веќе неколку месеци изразува незадоволство од истата и најави сопствена по нова методологија.
Освен тоа што во новата кошничка нема да бидат застапени цигарите и алкохолот, како и сезонското овошје, Ристески откри дека таа ќе се пресметува за тричлено, а не четиричлено семејство:
Прво, не ја пресметуваме за четиричлено македонско просечно семејство, според Државниот завод за статистика е 3.06 или 3.08, тричлено семејство..(Телма/Јутјуб – од 0.35 секунди).
Според Ристески намалувањето во владината наспроти синдикалната кошничка, неформално ќе биде најмногу за 1.500-1.600 денари:
Од она што го имаме како информација, неформална, сигурно е над 1000 денари намалувањето, можеби и повеќе 1500, 1600 денари. Не можам да кажам, 1500, 1600 денари за некој е многу, за некој малку, но ние не се базираме на нивната синдикална кошница…
Зошто ваквиот став е недоследен во однос на ветените партиски и владини политики?
Демографска политика
Во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ во делот Национален план за демографија пишува:
Еден од најважните услови за подобрување на демографската слика на Македонија е стабилноста и сигурноста на работните места и отворени можности за стопанисување, посебно за младите луѓе, со примања што можат да ги задоволат трошоците на просечната потрошувачка кошничка и трошоците за одгледување деца. (Платформа 1198, стр.37).
Во Програмата за работа на Владата 2024-2028, во делот Национален план за демографија (стр.15) се наведува:
Владата се обврзува да го стави демографскиот развој во прв план како област од клучно значење за економскиот развој, стабилноста на државата и националната безбедност. Македонија се соочува со растечки проблем на депопулација кој е предизвикан од долготрајниот, негативен природен прираст, како и растечкиот број млади и образовани луѓе кои одлучуваат да ја напуштат Македонија… Од тие причини ќе ставиме фокус на заштитата и поддршката на семејствата, особено на оние со повеќе деца и ќе усвоиме нов пристап кон младите луѓе, кој ќе им овозможи достапно образование, поволен животен стандард и човечко достоинство со цел намалување на бројот на оние што се присилени да ја напуштат Македонија.
Свесни за демографските предизвици со кои се соочува Македонија и стапките на фертилитет кои се влошуваат, Владата предводена од ВМРО– ДПМНЕ ќе ги унапреди постојните и ќе воведе нови мерки за поддршка на родителите…
Доколку Владата при креирањето на институционална потрошувачка кошничка се води од методолошки пристап со кој ќе намали вредноста на истата, а притоа водејќи се и од Државниот завод за статистика ќе ја пресметува за просечно тричлено, а не четиричлено семејство, тогаш свесно се оди на вкупно намалување на пресметка со цел при пресметката на идните минимални плати според кои се креираат и просечните, вредноста на платата да биде помала. Нека е и само за 1.500, до 1.600 денари, како што проценува неформално Ристески.
Таквата политика нема поповолно да се одрази врз „заштитата на семејствата, особено со повеќе деца“, бидејќи во старт се порачува дека минималната плата државата ќе ја дизајнира според тричлено семејство, со што се поткопува заложбата за план за подобрување на демографијата, бидејќи и отселувањето и наталитетот се едни од елементите кои влијаат на истата.
Од овие причини креирањето на нова владина потрошувачка кошничка што ќе се пресметува за тричлено семејство е недоследна во однос на ветените партиски и владини заложби.
Извори:
- (09.04.2025) Република.мк – Ристески/вест – [Проверено на 10.04.2025]
- (09.04.2025) Телма/Јутјуб – Ристески во Топ тема – [Проверено на 10.04.2025]
- (2024) ВМРО-ДПМНЕ – Платформа 1198 – [Проверено на 10.04.2025]
- (2024) Влада на РСМ – Програма за работа на Владата… – [Проверено на 10.04.2025]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар