Владата ги именува почесните конзули во странство, вклучително и Душан Адамовиќ во Република Србија

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Во партиското соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ околу назначувањето на бизнисменот Душан Адамовиќ за почесен конзул на С. Македонија во Србија е премолчено дека според Законот за надворешни работи Владата, на предлог на министерот, именува и отповикува почесен конзуларен функционер (почесен конзул) од редот на лицата кои живеат во државата на приемот и во неа уживаат углед и доверба

Во партиското соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ околу назначувањето на бизнисменот Душан Адамовиќ за почесен конзул на С. Македонија во Србија е премолчено дека според Законот за надворешни работи Владата, на предлог на министерот, именува и отповикува почесен конзуларен функционер (почесен конзул) од редот на лицата кои живеат во државата на приемот и во неа уживаат углед и доверба

 

Откако портпаролката на опозиционата партија СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција го проблематизираше назначувањето на српскиот бизнисмен Душан Адамовиќ за почесен конзул на РС Македонија во Р. Србија заради неговото наводно криминално минато и националистички изблици од типот дека „Српска Македонија“ била окупирана, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ експресно реагираше дека предлогот за конзул на Адамовиќ дошол од актуелниот амбасадор на Македонија во Белград, професорот на Правниот факултет во Скопје Никола Тупанчевски, со назнака дека тој е именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ е изречено недоследно тврдење:

Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ.

Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија.

Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа.

Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ Соопштенија/Реакции – Датум: 22.02.2026]

Образложение:

Во партиското соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ може да се препознае недоследност со тврдењето „предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ“.

Во член 61 од Законот за надворешни работи (стр. 25) пишува:

Владата, на предлог на министерот, именува и отповикува почесен конзуларен
функционер (во натамошниот текст: почесен конзул) од редот на лицата кои
живеат во државата на приемот и во неа уживаат углед и доверба.

Почесниот конзул го раководи конзуларното претставништво, за чие отворање одлука донесува Владата. Почесниот конзул врши задачи утврдени со упатство на министерот.

Почесниот конзул работи согласно со упатствата и под надзор на шефот на надлежното дипломатско-конзуларно претставништво. За сите позначајни работи се консултира со шефот на надлежното дипломатско-конзуларно претставништво. Во јавни настапи се однесува согласно со насоките на Министерството. За својата дејност тековно го известува надлежното дипломатско-конзуларно претставништво и со него ја усогласува својата работа. Во случаи кога нема надлежно дипломатско-конзуларно претставништво, неговата улога непосредно ја презема Министерството.

Почесниот конзул ги обезбедува средствата за функционирање на конзуларното претставништво. Министерството обезбедува знаме, грб, табла со службен назив на конзулатот и печати. Почесниот конзул треба да обезбеди услови за вршење на функцијата утврдени со акт на Владата, донесен на предлог на министерот.

Законот за надворешни работи е дециден дека некое од „лицата кои живеат во државата на приемот и во неа уживаат углед и доверба“ можат да бидат именувани или отповикани исклучиво од Владата на С. Македонија, на предлог на министерот.

Без разлика што актуелниот амбасадор во Србија, Никола Тупанчевски, е именуван кон крајот на 2023 г., „од времето на владата на СДС и ДУИ“, на Аврамовиќ му е врачена егзекватурата и стапил на должност почесен конзул во Србија на почетокот на 2026 г. Тоа е временски длабоко во мандатот на актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во која министер за надворешни работи и надворешна трговија е Тимчо Муцунски.

Амбасадорите на С. Македонија можат на министерот за надворешни работи и надворешна трговија да му предложат/сугерираат лица кои живеат во државата на приемот погодни за почесни конзули, со оглед на тоа дека почесните конзули, според Законот за надворешни работи, освен углед и доверба, треба да имаат и финансиски капацитет да ги обезбедат средствата за функционирање на конзуларното претставништво. Но, министерот го има правото и одговорноста за финалниот предлог.

Значи, законот вели дека актуелниот министер за надворешни работи и надворешна трговија Муцунски го предлага, а Владата го именува почесниот конзул – во овој случај бизмисменот Адамовиќ – во Република Србија.

Според наведените аргументи, соопштението на ВМРО-ДПМНЕ може да се оцени како недоследна.

 

Извори:

 

Оцени: Стојан Синадинов

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција