Владата ги усвои измените во Законот за заштита на укажувачи
Ветувањето за измени во Законот за заштита на укажувачи е исполнето ветување на Владата. Ова ветување е содржано во Планот 3-6-9 за работа на Владата (стр.5) и е дел од најавените судски реформи
ВЕТУВАЊЕ: Формирање работна група за подготовка на предлог текст за измени на Законот за заштита на укажувачи, во согласност со препораките на Венецијанската комисија и ЕК.
(Извор: План 3-6-9 за работа на Владата на РМ)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето за измени во Законот за заштита на укажувачи е исполнето ветување на Владата. Ова ветување е содржано во Планот 3-6-9 за работа на Владата (стр.5) и е дел од најавените судски реформи.
Законот за заштита на укажувачи беше донесен во ноември 2015 година како дел од пакетот закони договорени во Пржино и има за цел да ги заштитува граѓаните кои сакаат да пријават нечие постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес. Законот за заштита на укажувачите започна со активна примена од 18.03.2016 година.
Реализацијата на ова ветување на Владата е забележана и во Фактографскиот извештај за имплементација на Планот 3-6-9 во периодот од 04.07.2017 до17.04.2018 година (стр.9).
Во Фактографскиот извештај, опишувајќи го процесот на реализација на донесувањето на измените во Законот за заштита на укажувачи се вели:
На 01.08.2017, формирана е Работна група за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачи. Изготвениот Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачи беше објавен на ЕНЕР на 01.11.2017г. При подготвувањето на Законот беа земени во предвид забелешките и препораките на Венецијанската комисија, кои се основа за измените на Законот за заштита на укажувачи. Експертот на Советот на Европа присуствуваше на неколку состаноци на работната група за подготвување на Законот за изменување и дополнување на Законот за укажувачи и учествуваше со свои коментари. Во однос на текстот на Законот, експертот
на Советот на Европа даде позитивно мислење.
– На 21.11.2017г. се одржа јавна расправа за законот.
– На 09.01.2018г, Предлог законот е усвоен од Владата.
– На 20.02.2018 г. е донесен од Собрание.
На 08.08.2017 година, порталот Правдико објави дека се подготвуваат измени во Законот за заштита на укажувачи.
На сајтот на ЕНЕР објавено е известување за почеток на процесот за подготовка на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачи. Предлог измените имаат за цел Усогласување со препораките упатени од Венецијанската комисија со Мислењето бр. 829/2015 од 15 март 2016 година. Дел од препораките се однесуваа во определувањето на главна државна агенција која ќе има обврска да изврши проверка на легислативата и да спроведе обука за подигнување на јавната свест за законската рамка, но и создавање независно советодавно тело каде што ќе може да се обратат за совет потенцијалните укажувачи. Временската рамка за изготвување на предлог законот е до 15.09.2017 година, напиша Правдико.
На 15.11.2017 година, Министерството за правда, како што информира Правдико, објави дека ќе организира јавна расправа за јавни консултации по однос на нацрт текст на Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачи.
Јавната расправа ќе се одржи на 21.11.2017 година, од 10 часот до 12 часот, во простории на Министерството за правда (адреса: ул.„ Димитрие Чуповски“, бр. 9, Скопје).
Владата на 48-та седница одржана на 09.01.2018 година, го усвои предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачите.
Владата на Република Македонија го разгледа и утврди текстот од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачите и го достави до Собранието на Република Македонија на понатамошно усвојување. Со овој Предлог-закон се врши усогласување со меѓународните стандарди пропишани во оваа област, се обезбедува поголема заштита на укажувачите со што Владата на Република Македонија јасно ги потврдува политиките на борба со корупцијата, објави Владата на својата официјална веб страна.
Законските измени кои ги усвои Владата ги објави порталот Академик на 10.01.2018 година.
Основна цел на предложениот закон е усогласување на Законот за заштита на укажувачи со препораките по однос на истиот дадени со Мислењето на Венецијанска комисија бр. 829/2015 од 15.03.2016 година, надминување на непрецизноста и обезбедување внатрешна усогласеност на законските одредби што ги уредуваат каналите за заштитено пријавување и заштитата на укажувачите, се образложува во предложените законските измени.
Парламентот ги изгласа измените во Законот за заштита на укажувачи на 20.02.2018 година, што може да се види и на официјалната веб страна на Собранието.
Имајќи го предвид сето погоре наведено, може да се заклучи дека ветувањето на Владата за донесување на измени во Законот за заштита на укажувачи е исполнето ветување.
ИЗВОРИ:
- План 3-6-9 за работа на Владата на РМ (стр.5) [Пристапено на 18.05.2018]
- Фактографскиот извештај за имплементација на Планот 3-6-9 во периодот од 04.07.2017 до17.04.2018 година (стр.9) [Пристапено на 18.05.2018]
- Вистиномер (13.04.2016) – Законот за „свиркачите“ во сила – имплементацијата ќе биде главниот тест [Пристапено на 18.05.2018]
- Правдико (08.08.2017) – Се подготвуваат измени во Законот за заштита на укажувачи [Пристапено на 18.05.2018]
- Правдико (15.11.2017) – Повик за јавна расправа по однос на предлог измените на Законот за заштита на укажувачи [Пристапено на 18.05.2018]
- Официјална веб страна на Влада (09.01.2018) – 48-ма седница на Владата на РМ: усвоен предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачите; усвоена информацијата за реализација на препораките на ГРЕКО; именувани нови директори на Државните инспекторати [Пристапено на 18.05.2018]
- Академик (10.01.2018) – Измените на Законот за заштита на укажувачи влегуваат во собраниска процедура [Пристапено на 18.05.2018]
- Официјална веб страна на Собрание [Пристапено на 18.05.2018]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар