Владата вети и воведе „Отчетномер“

Скриншот од новата алатка за отчетност на Владата на РМ

Владата на Република Македонија на прес конференција на 21.03.2017 година претстави електронска алатка (што ние неофицијално ја нарековме Отчетномер), за „мерење“ на трошоците на министерствата и другите институции од централната власт, што го оценуваме како исполнето предизборно ветување и ветување наведено во програмата за работа

 

Владата на Република Македонија на прес конференција на 21.03.2017 година претстави електронска алатка (што ние неофицијално ја нарековме Отчетномер), за „мерење“ на трошоците на министерствата и другите институции од централната власт, што го оценуваме како исполнето предизборно ветување и ветување наведено во програмата за работа:

Ветување: (Владата) Ќе воведе принцип на т.н. „активна транспарентност“ на институциите, што подразбира објавување (без да им бидат побарани) на нивните програми (и предлог – програми), стратегии, мислења и студии, податоците за организацијата и трошоците на работењето, како и одлуките, актите и мерките со кои се влијае врз животот и работата на граѓаните и фирмите

[Извор: Влада на РМ – Програма за работата на Владата на РМ 2017-2020 г. стр.20, датум: 1 јуни 2017 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Владејачката партија СДСМ, уште во предизборната програма во 2016 година, „Живот за сите во Македонија“, вети отчетност во однос на трошењето на јавните пари од страна на функционерите на власта доколку ја добијат и тоа на две нивоа на централната власт – преку Владата и преку Министерството за финансии:

Владата ќе работи исклучиво за потребите на граѓаните. Ќе биде целосно транспарентна во намената на парите на граѓаните, кон потребите на граѓаните. Функционерите нема повеќе да можат да се луксузираат за свои лични цели – се наведува во делот наречен „Ќе има контрола над власта и правда за сите!“ (стр.8)

Откако формираа парламентарно мнозинство и го добија мандатот за формирање Влада, во Собранието беше презентирана Програмата за работата на Владата на РМ за периодот 2017-2020 година. Во оваа Програма на стр. 20. се операционализира даденото ветување од предизборната програма за мерење на трошоците на министерствата и другите институции опд централната власт.

На 42-втората седница на Владата, одржана на 11 декември 2017 година беше донесена одлука со која беа задолжени министрите, замениците министри, државните секретари, генералниот секретар и Премиерот на Република Македонија, да достават информации за службените трошоци направени во рамките во првите шест месеци од преземањето на функциите, поточно од јуни до ноември 2017 година:

Во согласност со начелото на владата за транспарентно и отчетно трошење на државните средства на денешната седница се донесе одлука со која се задолжија министрите, замениците на министри, државните секретари и генералниот секретар да достават информации за службените трошоци направени во рамките на предвидениот буџет во првите шест месеци од преземањето на функциите. Праксата да се доставуваат службените трошоци во блиска иднина ќе се однесува и на сите останатите носители на јавни функции – се наведува во сооопштението од 42-та седница.

На 21.03.2017, министерот за транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, одржа прес конференција во Владата на РМ, на која ја претстави новата електронска алатка што е најавено дека ќе се обновува континуирано и според која граѓаните не само што ќе имаат увид колку трошат именуваните функционери и централните институции, туку и ќе можат да направат споредба со одредени периоди на претходната централна власт и нејзини избрани и именувни функционери.

За прв пат во политичката пракса во Република Македонија, Владата е таа што, самоиницијативно, го стави на најотворен, најтранспарентен начин, своето работење. Ако во минатото граѓаните прашуваа, а властите криеја, денес Владата самоиницијативно ги изложува трошоците, без да чека некој да ја праша – изјави Поповски.

Софтверското решение на оваа алатка овозможува лесно да се пребарува низ трошењата на функционерите и плус може да се прави споредба на трошоците на државните службеници, по типови на трошоци и во различни временски интервали. Алатката од денеска е достапна пред целата македонска јавност на веб страницата на Владата на РМ, односно на следната адреса: http://vlada.mk/otchetnost-troshoci, се наведува во соопштението од прес конферецијата на Поповски.

Според погоре приложените аргументи, оценуваме дека предизборното ветување на СДСМ, операционализирано низ конкретно ветување во Програмата на Владата и преку одлука на седница на Влада, а кое се однесува на транспаретност при трошоците на функционерите и нивните институции, во моментов е реализирано, во најголем дел.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција