Владиката Петар наместо да го осуди насилството во Собранието, ги брани тепачите!
Изјавата на владиката Петар не е во духот на свештенството и тоа што треба да го проповеда Црквата – љубов, милосрдие и почит меѓу верниците и воопшто меѓу луѓето. Владиката не е тој кој треба да процени дали некој ги прекршил Уставот и законите, дали е некој виновен или не. Тоа е задача на институциите, поточно на истражните органи и правосудството – полицијата, обвинителството и судот.
Изјавата на владиката Петар не е во духот на свештенството и тоа што треба да го проповеда Црквата – љубов, милосрдие и почит меѓу верниците и воопшто меѓу луѓето. Владиката не е тој кој треба да процени дали некој ги прекршил Уставот и законите, дали е некој виновен или не. Тоа е задача на институциите, поточно на истражните органи и правосудството – полицијата, обвинителството и судот
Владиката Преспанско-пелагониски, Петар, деновиве (15.05.2017) во емисијата „Гласот на народот“ на Радио слободна Македонија, коментирајќи го крвавиот инцидент во Собранието (27.04.2017) во кој беа повредени повеќе пратеници, меѓу другото, изјави:
Мислам дека поголема вина, ако не поголема барем иста вина имаат оние што ги предизвикале луѓето да влезат во Парламентот и да го направат тоа. А, тука, предизвикувачите се оние што извршија насилство врз државните закони, врз Уставот на Македонија, Деловникот за работа на Собранието, итн … И вие штом вршите насилство врз институциите на државата очекувајте дека ќе има возврат на тоа…
Значи, тие ги поттикнаа на тоа, ако не ги поттикнеа тие на тоа, немаше овие тоа да го направат. Оти. знаете како кај нас се прави, ќе ги насочите луѓето, ќе ги предизвикате да направат зло, вие не сте виновникот, а виновници се оние што од желба за да си го заштитат достоинството на својата татковина, за унитарната држава, за симболите на својата татковина, за редот и поредокот…
[Извор: Република (2,48 до 4,23 минута од видеото), Датум: 15.05.2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Оваа изјава на владиката Преспанско-пелагониски, Петар, во која тој за насилството во парламентот фактички вели дека не се виновни граѓаните кои го „заштитувале достоинството на својата татковина и унистарната држава“, туку оние „кои го прекршија Уставот, законот и Деловникот за работа на Собранието и ги предизвикале и испровоцирале граѓаните“, не само што е неумесна, туку е и невистинита.
Еве зошто.
Владиката Петар прозвучува како да ги оправдува насилниците кои крвнички тепаа пратеници, новинари, но и луѓе од обезбедувањето. Со ваквиот настап тој испраќа хушкачка порака во стилот: „Убаво ви направија, така ви требаше!“ Па, наместо да го осуди насилството, тој ги брани тепачите! Неговиот исказ делува прилично чудно, дотолку повеќе што го кажува свештено лице.
Изјавата на великодостојникот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ–ОА), многу повеќе наликува како да е изречена од некој политичар. Нејзината интонација е речиси идентична со ставовите кои во врска со насилството во Собранието ги искажаа претставници на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и партискиот лидер Никола Груевски, кој ги обвини СДСМ и другите партии „кои го поддржа незаконски избор на претседател на Собранието и свесно придонесоа за зголемување на тензиите и се директен причинител на насилствата“.
Збунувачи е и остава исклучително лош впечаток, кога еден владика говори за прекршување на институциите на државата, Уставот на Македонија, законите и Деловникот за работа на Собранието. Таквиот настап е во спротивност токму со Уставот, кој ја гарантира секуларноста на државата и јасно кажува дека верските заедници не треба да се мешаат во нејзината работа.
Во членот 19 од Уставот е прецизно наведено дека
Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот.
Но, настрана тоа што оваа изјава на владиката Петар не е во духот на свештенството и на она што треба да го проповеда Црквата – љубов, милосрдие и почит меѓу верниците и воопшто меѓу луѓето, таа е и невистинита.
Владиката не е тој кој треба да процени дали некој ги прекршил Уставот и законите, дали е некој виновен или не. Тоа е задача на институциите, поточно на истражните органи и правосудството – полицијата, обвинителството и судот.
Впрочем, последните информации говорат дека за крвавите настани во Собранието се осомничени 30-тина лица, за кои постои сомнеж дека физички нападнале пратеници и новинари. Неколкумина од нив се во притвор, а двајца, татко и син, се осомничени за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, кој помина со најтешки повреди.
И, секако, судот е тој кој ќе ја одмери вината, а не владиката Петар!
ИЗВОРИ:
- Република (15.05.2017): Владика Петар: Провокациите и прекршувањето на правото го испровоцираа народот (ВИДЕО) [Пристапено на 17.05.2017]
- Тајм.мк (15.05.2017): Владика Петар: Граѓаните кои влегоа во Собранието беа испровоцирани [Пристапено на 17.05.2017]
- Собрание –Устав на Република Македонија – [Пристапено на 17.05.2017]
- Тајм.мк (15.05.2017): Учесниците во толпа пред суд [Пристапено на 17.05.2017]
- Телеграф (17.05.2017): За нередите во Собрание: Првите осомничени утре ќе се појават на суд [Пристапено на 17.05.2017]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар