Државата сè уште не знае кој најмногу загадува во тетовско

Пешевски вети прецизна студија за да се види колку загадува Југохром. Фото: Принтскрин

 

Во Министерството за животна средина се изработува проект со кој конкретно до април следната година ќе се добијат точни податоци кои се изворите на загадување во Тетово и со колкав процент учествуваат во вкупното загадување. Така што, на еден начин сочувствувам со жителите на Тетово и на Скопје каде што исто така загадувањето е високо, но бидете сигурно дека сме посветени на овој проблем и она што е потребно и што се наши законски обврски ќе бидат преземени и испочитувани, доколку оние што на некој начин учествуваат во загадувањето не ги почитуваат, нагласи Пешевски. (Рок април 2016 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски уште во декември 2015, зборувајќи за комбинатот „Југохром“ и мерките да се намали загадувањето на воздухот во Тетово и тетовско, порача дека до април 2016 година ќе биде изработен „проект со кој… ќе се добијат точни податоци кои се изворите на загадување во Тетово и со колкав процент учествуваат во вкупното загадување“.

Ветувањето на Пешевски до денес е неисполнето.

Проблемот со енормното загадување на воздухот во Тетово и тетовско, преку повеќе активности и герила-акции, но и реакции и протести, во фокусот на јавното внимание го држеше граѓанското здружение „Еко Герила“ од Тетово. Тие многу пати во изминативе 3-4 години алармираа за загадениот воздух во Тетовско и последиците од него и за загадувањето од „Југохром“. Како доброупатени во ситуацијата и постапките на државните органи во врска со горливиот проблем, се обративме до нив и нè информираа дека досега немаат информација дека студијата е изработена.

Не знам дали е направено тоа истражување, кое беше најавено за април годинава. Ние како здружение, немаме добиено резултати. Според една информација која дојде до нас од новинари, и во Министерството за животна средина немале одговор на прашањето дали е готова таквата студија, изјави за „Вистиномер“ Аријанит Џафери од „Еко Герила“.

Во потрага по вистината за оваа студија го контактиравме оној што треба да ја изведува – Министерството за животна средина и просторно планирање. Сашо Секуловски, раководител на Сектор за комуникација со јавноста ни потврди дека истражувањето сè уште не е готово.

Тоа истражување сè уште не е готово, бидејќи доцнеа резултатите од земјата каде што беа пратени на изработка. Причината е што се јавија проблеми со нашите соработници во странство, имале проблем со некои препарати, и поради тоа не е изработено истражувањето во фаза да може да биде објавено. Тие испитувања, инаку, се правеа на две точки, за да видиме дали параметрите се поклопуваат во однос на нашите мониторинг-станици. Но, истражувањето сега не е во фаза за да биде изнесено пред јавноста, изјави Секуловски за „Вистиномер“.

Тоа дополнително се потврдува и од прелистувањето на веб-сајтот на Министерството за животна средина, на којшто нема поставено такво истражување.

Што се однесува до загадувањето на воздухот воопшто, и загадувањето со суспендирани честички во тетовско, за што огромен дел од вината од „Еко Герила“ му припишуваат на „Југохром“, одредени сознанија се добиваат од 39-та страница на годишниот извештај на ресорното министерство за 2015 година „Квалитетот на животната средина во Република Македонија“.

Таму, од графиконот бр.10 може да се види дека во Тетово во 2015 година, околу 200 дена во годината просечната вредност на ПМ10 честичките била поголема за околу три пати од дозволеното или близу 150 микрограми на кубен метар, со што Тетово го надминува за повеќе од двапати следното најзагадено мерно место, односно Лисиче.

Откако печките на „Југохром“ се изгаснаа на почетокот на месецов, загадувањето на воздухот во Тетово е драстично намалено, порачаа од „Еко Герила“ по вчерашниот протест на вработените во „Југохром“ во центарот на Скопје.

Бројките зборат најдобро и без тенденции, еве колкаво беше загадувањето во Македонија во последните 24 часа. Пред една година Тетово навистина беше на прво место во Европа , но сега е на 11 место во Македонија без Југохром.

15181647_1139323959491411_2272980523840875013_n
Графички приказ на Еко Герила објавен на ФБ страницата на здружението

15202605_1139310279492779_2790953927604685980_n

 

Дебатата за „Југохром“ како главен загадувач на воздухот во тетовско трае од поодамна во јавноста. Компанијата доби одложување на рокот за поставување на филтри на три пати, но до денес филтри нема. Самото затворање на фабриката, дел од јавноста го толкува како предизборен маркетинг на владејачките партии.

 

ИЗВОРИ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција