Владимир Пешевски: Не се задолжуваме за проекти со краткорочни резултати

vladimir-pesevski
[Извор: А1ОН, 4:35 минута од видеото | Датум: 24.12.2013]

Во времиња на криза е многу лесно за многу влади во светот исто и за нашата влада, да се задолжиме повеќе за да реализираме проекти  кои ќе донесат краткорочни резултати, луѓето ќе бидат задоволни, но некој ќе треба да ги плаќа, а тоа ќе бидат нашите деца. Тоа би било неодговорно. Сепак ВМРО ДПМНЕ не е партија која за краткорочни проекти ќе ја жртвува долгорочната иднина на Р. Македонија. Македонија и денес е меѓу трите најмалку задолжени држави во Европа, и покрај сите притисоци. Додека други држави земаа нови кредити, македонската влада враќаше долгови. Во 2007, 2008 година дел од буџетскиот суфицит се користеше за враќање на долгот од минатите влади.

Образложение:

Во периодот од февруари до месец април 2011 година, Владата на Р. Македонија, ја задолжи оваа држава за 504.701.305 евра. Дел од овој долг припаѓа на македонските банки, а дел кај меѓународните финансиски институции. Во текот на 2012 година овој долг се зголеми со тоа што во месец декември 2012 година, македонската влада се задолжи со нови 50 милиони евра кај Светска банка и со 250 милиони евра кај Дојче банка.  Задолжувањето на Р. Македонија продолжи и во 2013 година, односно во месец јуни, Владата на Р. Македонија се задолжи за нови 4,8 милиони евра. Во месец октомври, долгот се зголеми за 145 милиони евра, од кои 70 милиони евра се нов долг, а 77 милиони евра ќе се искористат  за раздолжување.  Најголем дел од овој долг се користи за тековни потреби на државата.

Овие бројки на континуирано зголемување на задолженоста на Р. Македонија, зборуваат спротивно од изјавата на заменик претседателот на Владата кој е задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, кој тврди дека Македонија и покрај кризата во изминатиот  период не се задолжувала.

Што се однесува на тоа на кое место се наоѓа Македонија според задолженоста, во последните неколку месеци беа споменувани различни позиции, односно четврто и петто место. Според изјавата на Пешевски, Македонија се наоѓа на трето место. Но, доколку се земе предвид последниот извештај на ММФ, Р. Македонија се наоѓа на 8мо место во Европа.

За враќањето на долговите на минатите влади во текот на 2007/2008 година, Владата го врати долгот кон САД и Кувајт, кој изнесуваше 50 милиони долари. Исто така, во овој период, беше вратен и долгот кон Светска Банка во износ од 137 милиони долари. Ова наиде на голем број на критики, како краткорочна политика која во иднина само повеќе ја задолжи оваа држава.

Според поранешниот Гувернер на НБРМ, Петар Гошев:

Долгот во висина од 210 милиони евра е вратен не преку пари обезбедени од собрани приходи, туку со намалување на девизните резерви на државата. Потоа, 500 милиони евра потрошивме за одбрана на девизниот курс.

Според други експерти, ова враќање на долговите беше проблематично и поради висината на каматната стапка. Универзитетскиот професор, д-р Рубин Зарески, смета дека:

Само за потсетување, во период од неколку месеци Владата прво врати 103 милиони евра долг кон Парискиот клуб, а подоцна и 137 милиони долари кон Светската банка и Европската инвестициска банка. Намалувањето на долгот носеше со себе една стратешка негативност. Македонија почна предвремено да се раздолжува кај Светската банка, чии кредити се најевтини, а се задолжуваше во непланирани размери кај билатералните инвеститори и кај приватните кредитори. Нормално, новото задолжување беше по далеку повисоки цени од таа на еврообврзницата од 9,8%. Целата трансакција се потврди како крајно негативна во периодот кој следуваше.

Линкови:

Оценето од: Наталија Пешиќ

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција