Владо Поповски: Нема судир на интереси за мојот договор со Министерството за одбрана
Советникот во Советот на Град Скопје, професорот Владо Поповски смета дека нема ништо спорно во тоа што склучил договор за консултантски услуги со Министерството за одбрана (претставувано од министерот Талат Џафери). Според него, конфликт на интереси е случај само, кога едната функција по поставеност треба да дава отчет пред другата. Поповски вели:
„Тој договор е јавен документ, не е нешто тајно или скришно. Министерот за одбрана, со оглед на моето искуство како министер за одбрана, најде за потребно дека му се потребни консултации и размена на искуства, поврзани со цивилната воена власт, структурата на министерството и искуства со правната регулатива поврзана со секторот за одбрана. Не може да има судир на интереси, бидејќи за такво нешто, едната функција треба да ѝ биде отчетна на другата “

Образложение:
На 17 март пратеникот од ДПА, Беким Фазлиу на прес-конференција изјави дека министерот за одбрана, Талат Џафери обезбедил:
„месечни приходи од 500 евра за советникот на Груевски и на Градот Скопје, Владо Поповски“
Професорот Поповски, за еден медиум изјави дека нема конфликт на интереси што како советник во Советот на Град Скопје, истовремено бил ангажиран и како консултант(и добивал хонорар) во Министерството за одбрана.
Во членот 21 став 1 и став 2 од Законот за спречување на корупцијата се вели:
(1)Избран или именуван функционер за време на траење на мандатот не може да врши никаква друга функција, должност или дејност што е неспоива со неговата функција.
(2)Службено лице не може да врши никаква друга дејност поврзана со остварување профит и што е неспојлива со неговата службена должност.
Во членот 7 став 1 од овој Закон е наведено дека :
За определување на значењето на изразите избран или именуван функционер како и друго службено лице се применуваат одредбите за значење на изразите од Кривичниот законик.
Според член 122 став 4 точка (а) од Кривичниот законик како службено лице се смета:
„претседателот на Република Македонија, поставените амбасадори и други претставници на Република Македонија во странство и именувани лица од претседателот на Република Македонија, избран или именуван функционер во и од Собранието на Република Македонија, во Владата на Република Македонија, во органите на државната управа, во судовите, Јавното обвинителство, Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавните обвинители на Република Македонија и други органи и организации што вршат определени стручни, управни и други работи во рамките на правата и должностите на Републиката, во единиците на локалната самоуправа, како и лица кои постојано или повремено вршат службена должност во овие органи и организаци“.
Во членот 8 од Законот за спречување на судир на интереси се вели:
„Службено лице во време на извршување на јавните овластувања и должности не смее да врши никаква дејност која може да влијае на непристрасно вршење на јавните овластувања и должности.“
Во членот 3 став 2 од овој Закон е наведено:
„Службено лице, во смисла на овој Закон, се претседателот на Република Македонија, пратениците, градоначалниците, амбасадорите и други именувани лица на Република Македонија во странство, избраните и именувани лица од и во Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија, органите на државната управа и други државни органи, органите на судската власт, јавните претпријатија, установи, други правни лица на централната и локалната власт, советниците во советите на општините, советниците во Советот на градот Скопје, како и лица вработени преку агенциите за привремено вработување со овластувања утврдени со закон“
Посочените одредби од Законот за спречување на корупцијата, Законот за спречување на судир на интереси и од Кривичниот законик покажуваат дека изјавата на советникот во Советот на Град Скопје, професорот Владо Поповски не е точна.
Линкови:
- Плусинфо (17.03.2014): Владо Поповски: Нема судир на интереси за мојот договор со Министерството за одбрана (Пристапено на: 19.03.2014)
- Грид (17.03.2014): Владо Поповски: Нема ништо спорно схто сум консултант во Одбрана (Пристапено на: 19.03.2014)
- А1ОН (17.03.2014):ДПА: И Владо Поповски, покрај Ермира на платниот список на министерот Џафери (Пристапено на: 19.03.2014)
- Тајм (17.03.2014): Владо Поповски на платен список кај Талат Џафери (Пристапено на: 19.03.2014)
- Државна комисија за спречување на корупција(ДКСК): Закон за спречување на судир на интереси (Пристапено на: 19.03.2014)
- Министерство за финансии: Закон за спречување на корупцијата (прочистен текст) (Пристапено на: 19.03.2014)
- Правдико: Закон за изменување и дополнување на Кривичениот законик (Пристапено на: 19.03.2014)
Оценето од: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар