Власта две години најавува изградба на автопатот Скопје -Блаце

Фото: vlada.mk

 

Претседателот на Владата, Зоран Заев деновиве (29.05.2019) на свеченоста за пуштање во употреба на автопатот Р6 „Арбен Џафери“, којшто ги поврзува  Македонија и Косово, ја даде и следнава недоследна изјава поврзана со почетокот на изградбата на автопатот Скопје – Блаце:

Автопатот што денеска се пушта во употреба ќе биде силна мотивација и за нас да ги забрзаме подготовките за старт на работите на автопатот Блаце – Скопје. Овие денови и кај нас се распишува тендерот на автопатот од 14 километри, вреден 120 милиони евра којшто е од границата меѓу Северна Македонија и Косово, до главниот град на нашата земја, Скопје…

Наша обврска е автопатот Скопје Приштина, како дел од Рутатата 6 од Паневропските мрежи на патишта да започнеме да го градиме во предвидениот рок и целосно да го завршиме во експресно време.

 

[Извори: Веб-страница на Владата, датум: 29.05.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјaва на премиерот Зоран Заев којашто се однесува на делницата Скопје- Блаце, е недоследна, имајќи предвид дека стартот на изградбата на овој автопат Владата предводена од СДСМ го најавува повеќепати во изминативе две години.

На почетокот на декември (04.12.2017 г.), презентирајќи го предлог-буџетот за 2018 година за Министерството за транспорт и врски, министерот Горан Сугарески  го  спомена и автопатот  Скопје Блаце, најавувајќи го почетокот на неговата изградба за кројот на 2018 година или за почетокот на 2019 година.

Во март 2018 година вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушевн  изјави дека проектот за изградба на автопатот од Скопје до Блаце  е завршен  и дека тој е  врвен инфраструктурен приоритет за Владата:

Проектот за патот од Скопје до Блаце во должина од 13 километри, чија проценета вредност е 63 милиони евра, е завршен и е на ревизија. Зборувавме и со Европската банка за обнова и развој да ја финасира изградбата на автопатот, рече Анѓушев во одговор на прашање по работната посета на Стопанската комора на Македонија

Тој нагласи дека Македонија ќе биде посветена делницата од 13 километри што побрзо да се  направи.

За автопатот досега немаше техничка документација. Сега е направена и во тек е нејзината ревизија, а парите ќе бидат одредени и детерминирани како приоритетни, посочи Анѓушев.

На 06 септември 2018 година  вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи најави дека следната пролет (2019) се очекува да започнат градежните работи на автопатот Скопје – Блаце, кој ќе биде делумно изграден со средства на Европската банка за обнова и развој, а делумно со грантови и средства од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта. Според него првите проценки се дека во целост проектот ќе чини над 100 милиони евра

Неколку дена подоцна, на 10.09.2018 г. министерот за транспорт и врски Сугарески, исто така, кажа дека изградба на автопатот Скопје-Блаце, би стартувала напролет следната година (2019) и дека според планот  ќе се одвива во две фази. Тој информираше дека во првата фаза ќе се градат 1,6 километри, а паралелно ќе се допроектира останатиот дел од 10-ина километри, по што ќе се работи паралелно.

 Согласно со одлуката на Економски совет што ја имаме донесено, главен приоритет е Скопје – Блаце, паралелно со изградба на автопатишта низ Република Македонија, така што за очекување е наредната пролет да почне да се гради , рече Сугарески

На крајот на  минатата година (19.12.2018) министерот за транспорт и врски Сугарески информираше дека проектирањето на првите 1,9 километри од автопатот Скопје-Блаце ќе биде завршено во текот на следниот месец, веднаш потоа ќе почне тендерирањето, а се очекува во следните неколку месеци да почне и изградбата на тој дел од делницата.

Во јануари оваа година (2019) министерот Сугарески рече дека напролет почнува реализацијата на автопатот Скопје-Блаце, дека идниот месец (февруари н.з.) ќе се објави тендерот за првата делница, по што ќе отпочнат градежните активности. Втората денлница, пак, ќе почне да се гради следната година (2020).

Во вториот квартал годинава дефинитивно се започнува со изградба на овој, стратешки за нас, автопат…  вели Сугарески

Па имајќи ги предвид горенаведените најави за почеток на изградбата за автопатот Скопје -Блаце, кои високи функционери од власта ги даваа во овие две години, последната изјава на премиерот Заев од 29 мај, во која вели дека допрва „се распишува тендерот“ за споменатата делница и во исто време говори за „забрзување на подготовките за старт на работите на автопатот во предвидениот рок и негово целосно завршување во експресно време“, ја сметаме за недоследна

 

 ИЗВОРИ:

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција