Влатко Стефановски и доктор Жан Митрев не препорачуваат „средство за паразити“

Во објавата се рекламира некаков препарат за паразити, но со невистинити референци за неговите перформанси и тоа со злоупотреба на доктор Жан Митрев и на музичарот Влатко Стефановски. Видеото  во објавата е создадено со вештачка интелигенција и притоа на Стефановски му се атрибуирани изјави кои тој никогаш не ги дал.  Доктор Жан Митрев, пак, е кардиохирург и никогаш не давал стручни мислења за паразити, не учествувал во лекување паразити ни кај Стефановски, ни кај други пациенти

Во објавата се рекламира некаков препарат за паразити, но со невистинити референци за неговите перформанси и тоа со злоупотреба на доктор Жан Митрев и на музичарот Влатко Стефановски. Видеото  во објавата е создадено со вештачка интелигенција и притоа на Стефановски му се атрибуирани изјави кои тој никогаш не ги дал. Доктор Жан Митрев, пак, е кардиохирург и никогаш не давал стручни мислења за паразити, не учествувал во лекување паразити ни кај Стефановски, ни кај други пациенти

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал создаден со помош на вештачка интелигенција и во кој е злоупотребен ликот и идентитетот на гитаристот Влатко Стефановски.

Во видеото што е презентирано, а кое е создадено со помош на вештачка интелигенција, на Стефановски му се атрибуирани изјави кои тој никогаш не ги дал, а со графичко изменување презентирана е и невистинита снимка – како тој наводно држи цела ќеса со црви.

Видеото почнува со невистинита и намонтирана изјава од друго гостување на Стефановски, но тонот е целосно фабрикуван. На таков начин, всушност целосно измислено сценарио му се атрибуира на Стефановски и во видеото е направено како тој да вели:

Јас буквално гниев од внатре, а лекарите само го гледаа тоа и продолжуваа да ми препишуваат скапи таблети. Никој не се ни обиде да ја најде вистинската причина за мојата состојба. А сè беше многу посериозно, организмот беше отруен од паразити кои со години живееа во мене. Ја блокираа работата на органите и лачеа отрови. Притисокот постојано растеше, слабоста стануваше неподнослива, стомакот како камен, а болките се засилуваа по секој оброк. Во еден момент се онесвестив и завршив на интензивна нега. Не можев да зборувам, да се движам, само лежев како парализиран. Секој ден беше сè полош, се наведува во лажното видео креирано со вештачка интелигенција.

„Вистиномер“ го пронајде вистинскиот видеоматеријал со Влатко Стефановски кој бил емитуван на телевизија „Телма“ и може да се погледне на следниот линк. 

Вистинското видео е всушност од април 2025 година и претставува ексклузивно интервју за „Телма“, во кое Стефановски не зборува за никакви паразити или негова здравствена состојба, туку за подготовки за концерти, за новиот албум „Лондонски сесии“, за гитарата и музичката кариера и музиката воопшто. Тоа е интервју од областа на културата, а видеоматеријалот од истото е злонамерно злоупотребено, при што неетички на Стефановски му се припишуваат здравствени проблеми, сè со цел да се изманипулира јавноста.

Притоа уште попроблематично е што со видеото во склоп на објавата (а кое е креирано со вештачка интелигенција, што може да се види и во бројните проблеми со него во поглед на квалитетот и тоа што се забележуваат недоследности во пределот на устата каде што е вршена манипулацијата на говорот) се прави обид да се критикува и да се влее недоверба во медицината и лекарите преку користење на познати личности кои никогаш не промовирале таков став.

Лекарите ми ставаа инфузии, ми препишуваа таблети, клизми, диети, но реална помош немаше. Се чинеше дека само чекаат да престанам да дишам. Да не беше доктор Зан Митрев кој интервенираше и ме спаси мене веќе ќе ме немаш. Тој сериозно се однесе кон мојот случај, внимателно ги проучи сите анализи и ја откри и ја откри вистинската причина – тешка паразитска инфекција која довела до труење на организмот со продуктите од нивната животна дејност. Паразитите го блокирале цревото и крвните садови, а органите беа под токсичен удар. Почнаа нарушувања во работата на срцето, црниот дроб, имунолошкиот систем. Сè што правеа докторите дотогаш само ги маскираше симптомите. Зан Митрев отворено ги нарече идиоти оние што без ред ме трупаа со лекови, се наведува во невистинитата „изјава“ која му се атрибуира на Стефановски.

Инаку, доктор Зан Митрев кој е споменат во лажното видео, најверојатно е доктор Жан Митрев со оглед на тоа што и негово видео и гласовен елемент подоцна се злоупотребени со цел дезинформирање на јавноста со помош на невистинит маркетинг. Доктор Жан Митрев, чие име е погрешно напишано во видеото поради тоа што вештачката интелигенција погрешно го транскрибирала неговото име, не се занимава со лекување паразити – тој е кардиохирург и никогаш не нарекол никој од своите колеги доктори идиоти, ниту пак, давал стручни мислења за паразити. Сето ова е измислица. Доктор Митрев не учествувал во лекување паразити ни кај Влатко Стефановски ни кај други пациенти.

Изјавата која му се припишува на доктор Митрев, со злоупотреба на друг видеофрагмент од него, е фабрикувана и измислена.

Не е точно дека Митрев изјавил дека „за сè се виновни паразитите“. Во видеото се даваат неточни и опасни дезинформации кои граѓаните не треба да ги следат и треба да се свесни дека тие не потекнуваат од медицински професионалци, ни од некој што користел „формула за длабинско чистење што ја развил Митрев“. Тоа се измислици и фабрикации со цел продажба и маркетинг на препарат за кој лажно се тврди дека го користеле 100 илјади пациенти во Северна Македонија. Граѓаните што боледуваат од паразитска инфекција треба да се консултираат со медицински професионалци, а не да се ослонуваат на непроверени методи кои користат лажен маркетинг за продажба.

Конкретно во објавата, некакво медицинско средство е рекламирано со невистинити референци за неговите перформанси и тоа со злоупотреба на доктор Жан Митрев и на музичарот Влатко Стефановски.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција