Влезот на земјава во НАТО не е поврзан со торнада и пожари

Фото: Принтскрин ФБ пост

Официјалните податоци со кои располага Центарот за управување со кризи укажуваат на тоа дека не постои тенденција на зголемување на бројот на пожарите во земјава после влезот во НАТО, споредено со истиот временски период пред тоа. Според УХМР, минатонеделното невреме во неготинско е далеку од торнадо. Торнадото е силен вртлог со силни разорни движења заедно со силен ветер со брзина од 200 километри на час, кој се протега од нестабилен облак до површината на земјата. Во Северна Македонија, според УХМР, не е вообичаено да има појави од овој вид

Официјалните податоци со кои располага Центарот за управување со кризи укажуваат на тоа дека не постои тенденција на зголемување на бројот на пожарите во земјава после влезот во НАТО, споредено со истиот временски период пред тоа.  Според УХМР, минатонеделното невреме во неготинско е далеку од торнадо. Торнадото е силен вртлог со силни разорни движења заедно со силен ветер со брзина од 200 километри на час, кој се протега од нестабилен облак до површината на земјата. Во С. Македонија, според УХМР, не е вообичаено да има појави од овој вид

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Од кога влеговме во НАТО – само торнада и пожари има во Македонија!!  Си помислувам кога ќе влеземе во ЕУ што не чека!!

Во склоп на постот објавени се и неколку фотографии од град, пожар во село, поплавени улици, разрушени инсталации на улици и земјоделско земјиште погодено од невреме. Една од фотографиите е од невремето во Неготино и може да ја погледнете на следниот линк.

Истата таа фотографија од невремето во Неготино, е објавена на веб-страницата на дневниот весник „Нова Македонија“, во текст во кој од Управата за хидрометеоролошки работи објаснуваат дека конкретното невреме е далеку од торнадо и не е торнадо, според брзината и енергијата што ја создаваат вртлозите. Торнадото е силен вртлог со силни разорни движења заедно со силен ветер со брзина од 200 километри на час, кој се протега од нестабилен облак до површината на земјата. Во Северна Македонија, според изјавата на УХМР дадена за „Нова Македонија“, не е вообичаено да има појави од овој вид.

Дали после влезот на Северна Македонија во НАТО, има само пожари и торнада во земјава?

На 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана триесетта земја членка на НАТО Алијансата, со што се реализираше еден од трите стратешки приоритети на надворешната политика на земјата, околу кој беше изграден најширок политички консензус, проследен со силна поддршка од граѓаните во земјата. Определбата за евроатлантско интегрирање на Република Северна Македонија датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.

Официјалните податоци со кои располага Центарот за управување со кризи на Република Северна Македонија укажуваат на тоа дека НЕ ПОСТОИ тенденција на зголемување на бројот на пожарите во земјава после влезот на Република Северна Македонија во НАТО, споредено со истиот временски период пред тоа.

За да ги провериме наводите во постот што го рецензираме, побаравме информација од јавен карактер од Центарот за управување со кризи, за апсолутната бројка на пожари во Република Северна Македонија (шумски пожари) за периодот од 2020 до 2022 година и за трите години пред тоа (од 2017 до 2020 година кога земјава станува членка на НАТО).

Во 2017 година имало 364 пожари, во 2018 имало 129 пожари, а во 2019 година 402 пожари. Вкупно во периодот од 2017 до 2020 година имало 895 шумски пожари во Република Северна Македонија според податоците кои „Вистиномер“ ги доби од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од 2020 година, пак, до денес, според Центарот за управување со кризи, имало 457 шумски пожари вкупно во земјава. Од нив во 2020 се регистрирани 102, во 2021 година се регистрирани 204, а во 2022 година (до август значи тековниот месец) 151 пожар.

Од ова произлегува, дека откако земјава станала членка на НАТО, има речиси двојно помалку пожари во С. Македонија, споредено со трите години пред тоа (895 од 2017 до 2019 година и 457 од 2020 до 2022 година).

Дали членството во НАТО некако има помогнато земјава да се справува со пожарите во земјата?

Не само што членството во НАТО не е поврзано со раст на пожарите во државата (торнада воопшто нема, наспроти изнесеното во постот што го рецензираме), туку НАТО членството ѝ помага на државата во справувањето со пожарите. Центарот за управување со кризи за „Вистиномер“ информира дека (ЦУК) е директна контакт точка со Евроатлантскиoт центар за координиран одговор при катастрофи (EADRCC) при НАТО и во случај на прогласена кризна состојба на територијата на РСМ по Одлука на Владата доставува официјално барање за хуманитрана помош, при што се воспоставува директна комуникација и координација во однос на понудената хуманитарна помош со државите кои нудат помош.

Евроатлантскиот центар за координиран одговор при катастрофи (EADRCC) се наоѓа во седиштето на НАТО, и делува како контакт точка за координација и комуникација помеѓу НАТО земјите членки  и земјите партнери при пружање помош во случај на катастрофи, како и во земјите каде што НАТО е ангажиран во воени операции. Евроатлантскиот центар за координиран одговор при катастрофи (EADRCC) претставува главен механизам  на НАТО за одговор на цивилни итни ситуации во евроатлантската област. Според ЦУК, Центарот е активен преку целата година, оперативен е на база 24/7, ги покрива 30-те НАТО членки и сите партнер земји и функционира како клиринг-хаус систем кој ги координира барањата и понудите за помош при природни кататрофи и катастрофи предизвикани од човек.

Центарот за управување со кризи на 3 август 2021 година врз основа на Одлуката на Владата на РСМ достави барање за хуманитарна помош во врска со шумските пожари кои ја имаа зафатено нашата територија. Евроатлантскиот центар за координиран одговор при катастрофи (EADRCC) беше во постојана комуникација со Центарот за управување со кризи и на редовна основа ги споделуваше барањата и извештајите со НАТО членки и сите партнер земји при што Владата на Црна Гора испрати посада со 1 (еден) хеликоптер тип БЕЛ 412, велат од ЦУК за „Вистиномер“.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека откако земјава влегла во НАТО ,,има само пожари и торнада”, односно постот оценуваме дека е невистинит.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција