Влијанието на Бугарија – принцип на обратен азимут

Софија Фото: pixabay.com

За разлика од влијанието на Русија и Кина во Северна Македонија, кое во најголема мера се шири врз основа на позитивна идентификација и посакувани и/или споделувани вредности, може да се каже дека влијанието кое што го остварува Бугарија се базира на одбивање, негирање, па дури и анимозитет.

За разлика од влијанието на Русија и Кина во Северна Македонија, кое во најголема мера се шири врз основа на позитивна идентификација и посакувани и/или споделувани вредности, може да се каже дека она влијание, коешто се остварува во врска со Бугарија кај македонската јавност, се базира на наративи во кои доминираат одбивање, негирање, па дури и анимозитет

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевскаексперт за правна држава и човекови права

 

Колку и апсурдно да звучи ова (со оглед на тоа што станува збор за членка на ЕУ и сосед на Северна Македонија со кој се споделува како заедничка историја, така и заеднички проблеми и предизвици на денешнината), одбивањето е еден од начините на кои Бугарија ја дестимулира Северна Македонија на патот кон ЕУ, во усвојувањето на европските вредности и ја турка кон навидум алтернативните решенија што ги нудат Русија и Кина.

Она што би се очекувало (и кое може да се види од голем број примери на одвивањето на пристапните процеси на поновите членки во ЕУ), е дека соседна држава, која е веќе членка на ЕУ, ќе има многу позитивно влијание во Северна Македонија, ќе служи како модел, ќе ги поддржува сите текови насочени кон приближување на државата до ЕУ стандардите и вредностите и ќе го сподели искуството во пристапниот процес.

Наспроти на ова реално очекување, доминантната перцепција во македонската медиумска сфера е дека Бугарија стана (посебно во последните неколку години) таков негативен фактор во ЕУ пристапувањето на Северна Македонија, кој со редица свои постапки има обратно, оттурнувачко влијание и ги поттикнува и овозможува сите оние кои не се наклонети кон овој правец на развој.

Елементите врз кои се базира негативното влијание кое го имаат наративите поврзани со влијанието на  Бугарија во ЕУ ориентацијата на Северна Македонија и индиректното засилување на руското влијание може да се поделат во неколку групи.

 

Начинот на пристапување на Бугарија кон ЕУ

Бугарија се перципира како држава која не ги исполнила базичните услови да стане рамноправна членка на ЕУ и на која ѝ се прогледало низ прсти во пристапниот процес.

Во повеќе наврати и во различни медиуми се посочува отсуството на исполнување на сите ЕУ стандарди кои ги предвидуваат пристапните документи од страна на Бугарија во процесот на нејзиното приклучување кон ЕУ.

Ова од една страна ја намалува мотивираноста на граѓаните на С. Македонија за вистински промени во насока на воспоставување на овие стандарди, а од друга страна создава фрустрација во однос на барањата кои се поставуваат пред земјата во пристапниот процес, а не биле поставени пред Бугарија кога била во таа позиција, односно кога била земја-кандидат.

На пример, на порталот „Денар“, под насловот „Бугарија и Романија не биле подготвени за влез во ЕУ“, уште во 2016 година (значи многу пред Бугарија да го услови со посебни барања влезот на Северна Македонија во ЕУ) се посочуваат разлики во барањата кои биле поставени пред Бугарија и оние кои се поставуваат пред Северна Македонија.

Иштван Саболч Фазакаш, како претседател, се консултирал со тогашниот комесар за проширување Оли Рен, кој му рекол:

Извини, предоцна е, рацете ми се врзани, политичката одлука Бугарија и Романија да влезат во ЕУ на 1 јануари 2007 година ја донесоа членките по препорака на Европската комисија.

За различниот пристап се спомнати оправдувања, меѓутоа останува впечатокот на двојни стандарди кои понатаму сè почесто се спомнуваат.

Во слична насока е и написот во весникот Нова Македонија под насловот „Како Бугарија со негирање на малцинствата влезе во ЕУ?“, каде што се поставува прашањето како Бугарија станала членка на ЕУ со огромни неприлагодувања на Уставот и законите кон стандардите на ЕУ (посебно во однос на заштитата на правата на националните малцинства):

При влегувањето на Бугарија во ЕУ, Венецијанската комисија имаше забелешки на бугарскиот устав, токму во поглед на отсуството на терминот „малцинства“, но тогаш образложението беше дека малцинските (етничките) права се регулирани според политички концепт на индивидуални права за единственост на нацијата во политичка смисла, аргументирајќи со споредба со францускиот устав.

На порталот „Република“ експлицитно се промовира идејата дека “Бугарија бара од Македонија да ја почитува Конвенцијата за заштита на малцинства, иако самата не ја почитува“, а партијата Левица преку своето официјално гласило директно ја прозива ЕУ за постоење двојни стандарди во третманот на С. Македонија и Бугарија.

Реакцијата од разликите кои се посочуваат во однос на барањата кои биле поставени пред Бугарија во пристапните преговори и оние кои се поставуваат пред С. Македонија, е сублимирана во насловот даден во „Expres.Mk“: “Ако ЕУ не нè сака – ќе преживееме и без нив“:

Ние не сме полоши од Бугарија и од Романија во времето кога тие станаа членки на ЕУ. Нас долго време не убедуваа дека треба пред сè да го решиме спорот околу името со Грција, пишува порталот.

Компарирањето на она што се бара од С. Македонија како дел од пристапниот процес кон ЕУ и она што се барало од Бугарија во истата улога, во голема мера го дестимулира населението во напорите за продолжување со потребните промени.

  

Актуелната состојба во Бугарија

Втор елемент на обратното влијание врз аспирациите на С. Македонија за влез во ЕУ претставува актуелната економска, но посебно политичка и правна состојба во Бугарија.

Во значаен број медиуми се пласираат стории и анализи во врска со актуелната политичка/економска/општествена состојба во Бугарија како членка на ЕУ. Голем број од овие стории/анализи се намерно или ненамерно насочени кон дестимулирање на ЕУ интеграцијата на С. Македонија.

На пример, под насловот „Неколку тажни лекции што можe да се научат од искуствата на Бугарија со ЕУ“, во медиумот МКД.мк е пласиран напис кој директно промовира идеја дека ЕУ била и е пропаст за Бугарија и е една голема лага:

Кон крајот на 90-тите години од минатиот век и на почетокот на првата деценија од овој, Бугарите ги заведе сонот којшто денес го мами и Западниот Балкан – „европската перспектива“. Во општо прифатената митологија за институциите на ЕУ и за глобалните лидери, овој европски сон се поистоветува со демократија, владеење на правото, почитување на човековите права, економски просперитет, светла иднина за младите и општо земено – среќа.

Пораката за „лошата Европа“ тешко може да биде балансирана со последната реченица од написот:

Сепак, без оглед со колку проблеми се соочува, не постои подобра опција од ЕУ. Добрата вест е дека има многу луѓе кои веќе сакаат да ја направат подобро место, оти и тие веруваат во „европската идеја“.

Во насока на недоволниот и несоодветниот развој на Бугарија се и многуте написи во кои се информира за одложувањето на влезот на Бугарија во Шенген зоната:

Бугарија доби вето за влез во Шенген зоната на ЕУ (Дојче веле)

Бугарија треба да се измачи за да го воведе еврото од 2024 година (Bloomberg) Adria)

Треба ли на Бугарија да и се дозволи да се приклучи на еврото? (off.net.mk)

Во ваквите пресметки секогаш е присутна високата стапка на корупција и слабостите на судскиот систем (две ставки во кои Бугарија има подобри оценки од нас) „кои би го изложиле на ризик остатокот на блокот“.

На порталот Банкарство под насловот: Бугарија веќе неколку години е членка на ЕУ, но дали е подготвена за воведување на евро валутата!? се пренесени делови од напис во германскиот весник Шпигел, според кои:

Германскиот весник сега го поставува прашањето: „Дали има смисла за нова членка на еврозоната да се прифати земја која има постојани проблеми со корупција, перење пари и финансиски надзор?”

Дополнителен проблем: Борисов беше поврзуван со приказни за неговите контакти со бугарската, руската и албанската мафија, неговиот кабинет беше вмешан во неколку сериозни корупциски скандали, а неговиот модел на управување со државата се повеќе наликуваше на Орбан, но безуспешно.

Негативните трендови во Бугарија не се поврзуваат само со влезот во еврозоната, корупцијата и правосудниот систем. Неретко се појавуваат написи од кои произлегува дека целокупниот живот во Бугарија ни оддалеку не соодветствува на стандардите на ЕУ.

На пример, под насловот „Бугарија и натаму со најголема смртност во ЕУ“ на порталот Спектра се дадени податоци преземени од Евростат, кои укажуваат на многу ниско ниво на здравствена заштита во Бугарија.

Во ваков вид анализи се впуштаат и некои македонски поранешни политичари кои на јавноста ѝ презентираат негативна слика на она што претставува состојба во Бугарија.

На пример под насловот „Бугарија сè уште не е подготвена за Европската унија“ во весникот Дојче Веле, поранешниот министер Никола Тодоров изнесува став дека фактички С. Македонија, а не Бугарија била веќе одамна спремна за влез во ЕУ.

Фактички негативните трендови во Бугарија и компарациите кои се прават со она што претставувало и претставува состојба во С. Македонија, не може да не предизвикаат бран на незадоволство кај граѓаните на С. Македонија од релациите со Унијата и да отворат простор за ставови, како оние изнесени во медиумот Фактор, под насловот: Станува ли проѕирно дека ЕУ не не сака во своите прегратки?

Барем едно нешто ни е сосема јасно. САД и натаму се наш клучен стратешки партнер. И со нивниот ангажман и целосно воден процес преку Преспа станавме членка на НАТО. Таа приказна е завршена, можеби не толку среќно за нашето домашно достоинство, читај промената на уставот и внатрешната употреба на името Македонија, но јасно е дека сме дел од поголемата слика.

Таква решителност засега нема кај европските партнери ако тие воопшто може да се наречат „партнери“. Германија која некогаш беше наш најголем сојузник во последните години од мандатот на ЕУ не си го изложи вратот на гилотина за „балканска милостина“. Наследството на Меркел е колку толку обединета Европа, со клучни договори за енергетика, животна средина, климатски промени, финансиска стабилност, заеднички пазар, земјоделска политика и последно фонд вреден 750 милијарди евра кои вонредно ќе се трошат за опоравувањето на земјите членки на ЕУ од последиците кои ги остави КОВИД-19 пандемијата.

За разлика од големиот број негативни написи, и негативно влијание кое доаѓа од Бугарија, нема или се многу ретки позитивни написи за напредокот на Бугарија, за нејзините постигнувања што би претставувало поттик за С. Македонија во нејзините ЕУ аспирации. Во медиумите не може да се најдат ниту информации за напредокот на Бугарија во периодот кога е членка на ЕУ, за разлика од периодот кога била дел од Источниот блок и под директна капа на тогашниот Советски Сојуз.

Меѓу ретките позитивни написи може да се издвои оној на порталот Макфакс, на кој е споделена информација од одржан заеднички состанок:

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, во Софија се сретна со неговиот бугарски колега Васил Грудев.

За нас е од исклучителна важност проширувањето на соработката со платежните агенции на земјите членки од ЕУ. Ова е продолжување на веќе воспоставените соработка со платежните агенции на Хрватска и Словенија. На овој начин правиме сè за да ги добиеме најдобрите искуства од сите платежни агенции, кои веќе се дел од ЕУ, истакнал директорот на македонската агенција.

Многу почести се информациите за остварена соработка и споделени позитивни искуства на официјалните страни на одделни министерства, меѓутоа најчесто и кога ќе се појават вакви ставови, тие се обично паушални и необразложени.

На пример во изјавата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, дадена на порталот A1 он мк:

Главниот преговарач со ЕУ тврди дека Северна Македонија освен ЕУ нема друга вистинска алтернатива и направи компарација со Хрватска, Словенија, Бугарија, Романија, и други држави членки на ЕУ било држава, како изгледале пред членството во ЕУ, а како изгледаат денес.

Ниту една од нив не назадувала по ниту едно прашање. Сите имаат сериозен економски развој, сите имаат свои проблеми. Се разбира, нема ни нашите проблеми да исчезнат преку ноќ кога ќе станеме членка на ЕУ. Но, сите имаат рамка за развој коишто ги носи напред и којашто им овозможува напредок, и институционален, и економски, посочи Маричиќ.

Често овие објави се однесуваат на помошта која Бугарија ја добива од ЕУ (на порталот АА):

Европската комисија даде зелено светло за планот за развој и одржливост на Бугарија, кој беше поднесен за добивање финансии од Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија

Нашите главни приоритети ќе бидат „Зелениот договор“, дигитализацијата и инвестициите во областа на чиста енергија. Планот за развој и одржливост подготвен и презентиран од Бугарија е многу успешен, рече Фон дер Лајен.

Многу поголем број написи има за размената на искуствата со Бугарија, главно пред поставувањето на ветото (Канал 5):

Делегација на Агенцијата за вработување на Република Македонија предводена од  директорката Билјана Јовановска денеска оствари работна средба со делегација на Агенцијата за вработување на Република Бугарија.

Новите информации за ваквиот вид комуникација се, пред сè, дадени од страна на владини функционери (портал Локално).

Според Маричиќ размената на искуства и добри практики во овие три клучни области преку дискусијата ни се чекор кон нови проекти и конкретни иницијативи за соработка, за понатамошно зближување на двете земји и општества.

Споделуваме позитивни искуства во борбата против корупцијата со колегите од Бугарија (весникот Нова Македонија):

Министерката Јорданова нагласила дека бугарската Влада во моментов работи на нова законска регулатива со цел да се зајакне антикорупциската борба, бидејќи во моментов институционалната поставеност не дава конкретни резултати.

Во рамки на дискусијата, се посочува во соопштението, тимовите на двете држави размениле мислење и во делот на законската регулатива за конфискација и потекло на имот, проверка на интегритетот, односно ветингот, контролата на имотот, како и за други прашања кои се во интерес на зајакнување на антикорупциските политики и пракси.

 

Бугарски државјанства

Факт е дека откако Бугарија стана членка на ЕУ граѓаните на С. Македонија аплицираат и добиваат бугарско државјанство. Според напис на порталот на Дојче Веле од декември 2020 година:

Дека станува збор за масовна појава, која сѐ уште е актуелна, покажуваат и податоците коиш то неодамна беа објавени во Бугарија. Заклучно со 22 октомври годинава, речиси 78 илјади македонски државјани побарале да добијат бугарски пасош врз основа на своето бугарско потекло, велат официјалните податоци во Бугарија презентирани во парламентот.

Веќе не е тајна информацијата дека граѓаните од С. Македонија, кои земаат бугарски пасош, многу ретко тоа го прават за да живеат и работат во Бугарија (БГНЕС: Десетици илјади Македонци со бугарски пасоши имаат „живеалиште“ на иста адреса во Софија, Nova TV).

Вообичаено граѓаните на С. Македонија го земаат бугарското државјанство за олеснет пристап до други држави членки на ЕУ (работа, образование, …) или полесна соработка со бугарското подземје. Само како пример, во статијата на „360“:

Извадив бугарски пасош и на тој начин заминав за Италија во 2015 година. Така и денеска само со бугарски пасош те примаат и во Швајцарија и во Италија и во другите дестинации каде нашите се иселуваат. До бугарски пасош стигнав преку Делчо Гошев, вели Ванчо.

Во медиумот Фактор дури е објавена и порака/повик:

Граѓаните на Романија и Бугарија од денес имаат целосна слобода за влез, вработување и отворање на бизнис во Швајцарија.

Ова ќе важи и за Македонците кои имаат бугарски пасоши.

Би се очекувало во ситуација кога голем број граѓани на С. Македонија бараат и добиваат бугарско државјанство (со тврдење дека преку некој нивни предок имаат врска со Бугарија и се повикуваат на соодветна етничка припадност) тоа да создаде нови мостови со Бугарија, да ги зголеми афинитетите на луѓето кон Бугарија и да ги приближи кон неа. Меѓутоа, се случува нешто обратно! Според сторијата објавена во Фактор, најчесто станува збор за егзистенцијална принуда:

Принудени сме да извадиме бугарски пасош бидејќи овде нема работа за сите и битна е партиската книшка која ако ја немаш нема да се вработиш, а ни па ако ја имаш не можеш да бидеш сигурен дека ќе те вработи матичната партија, велат граѓани на делчевско кои сакаат да останат анонимни.

Прво луѓето кријат и се срамат од добиените бугарски пасоши. Никој не објавува со гордост дека е носител на бугарско државјанство за разлика, на пример, од американско, или шведско, или британско или…

На порталот Лидер е пренесен напис преземен од бугарското списание Труд:

На службениот редакцискиот мејл на бугарски Труд пристигнала копија од документ според кој Елена Ковачевска, сопругата на актуелниот македонски премиер Димитар Ковачевски, е Бугарка.

И откако самата Елена Ковачевска изјави дека се чувствува Бугарка, но овој факт очигледно се држи во тајност од јавноста, што останува за обичните граѓани на Македонија!

Информацијата не беше добро прифатена од граѓаните на С. Македонија и во голема мера беше заташкана.

Или случајот со градоначалничката на Скопје (портал Лидер):

Арсовска за наводите дека има бугарското државјанство: Срамни небулози

Расте фрустрацијата од непријатната ситуација на поседување бугарско државјанство и фактичката состојба на заштита на сопствениот македонски идентитет.

Во таа насока може да се разбере и изјавата на бугарскиот историчар Светлозар Елдеров за медиумот Дојче Веле.

Не само за неа. Сите  македонски лидери, политичари,  новинари, кои се активни во јавниот простор во Северна Македонија и имаат бугарска лична карта, или да го изјават тоа лично, или бугарското МНР да го направи тоа наместо нив, за да не се дава повод бугарското државјанство да се користи во политичката борба во Северна Македонија како нешто нелегално, нешто грозно, нешто ужаснувачко, безмалку како национално предавство. Тоа е мојот предлог, вели Елдеров.

Можеби најексплицитно за ова зборува написот на FB статусот на Трибуна:

Во РС Македонија не е добро јавно да се знае дека поседуваш или си поднел документи за добивање на бугарско државјанство. На тоа се гледа како на предавнички чин, на нешто што може да те дискредитира, нешто што може да ти го уништи угледот и кариерата. Токму затоа колегата Михајлоски се оправда за тоа што во времето кога бил млад и на работ на егзистенцијата поднел документи за бугарски пасош со цел да ја напушти РС Македонија, но откако подлите Бугари му побарале и документи со кои да го докаже своето бугарско потекло, тој не успеал да најде такви бидејќи 300 години наназад неговата фамилија била од македонска помакедонска.

 

„ЕУ не нè сака“

Тесно поврзано и дел од влијанието коешто посредно го има Бугарија врз евроинтеграциите на С. Македонија е изведувањето на заклучокот дека ЕУ не ја сака С. Македонија како членка и ветото кое го става Бугарија е само алатка со која ЕУ ја операционализира блокадата.

Најгласна во оваа насока е политичката партија Левица:

За двојните аршини на ЕУ говори фактот што минатата година, изгласаниот извештај се усвои без амандманите кои ја осудуваат провокативната реторика на официјална Софија кон Република Македонија.

Никогаш како до сега, за осуда е однесувањето на Европската Унија како федерална целина, како и на политичките структури во Европскиот парламент, кое ја дозволува и охрабрува шовинистичката реторика, дипломатија и блокирање, кое е со цел за угнетување на македонските државни конституентни елементи.

Во слична насока се редица написи во медиумите. На пример во Фактор:

Станува ли проѕирно дека ЕУ не нè сака во своите прегратки.

Ниската поддршка за проширувањето на ЕУ меѓу државите членки секако креира плодна почва за пречки во процесот, како што е ветото од Бугарија. Очигледно е дека целокупната политика на проширување е во криза и тоа несомнено ќе ја намали довербата во регионот во Унијата како вистински и искрен партнер посочува Симонида Кацарска директор на Институтот за европска политика.

Уште поексплицитен е написот под наслов „ ЕУ нит не сака, нит на друг не дава!“ објавен во медиумот Вечер, во кој се вели:

Брисел е скептичен за иницијативата Отворен Балкан, но и затворен за земјите од Западен Балкан. Европскиот парламент им препорача на повисоките тела на Европска Унија да бидат резервирани кон иницијативата Отворен Балкан, што ја покренаа политичките лидери на Србија, Албанија и Македонија.

Директно обвинување за односот на ЕУ кон спорот меѓу С. Македонија и Бугарија е дадено на порталот Лидер, каде под насловот „Хипокризија: ЕУ не се занимавала со историја и не сака да ги коментира отворањата на бугарските клубови“ стои:

Знаеме дека кога првиот клуб беше отворен тоа предизвика реакции во земјата. Знаеме дека Македонија и Бугарија дискутираат меѓу себе за историјата. ЕУ не се занимава со историјата. Ние ја ставаме историјата зад себе и одиме напред. Во ЕУ сакаме да гледаме напред, а не да гледаме на работите од минатото“, рече Васало на брифинг со новинарите на прашање како ЕУ го коментира отворањето на бугарските културни центри и нивните имиња.

 

Директни индикатори за руското влијание во Бугарија

Според бројни написи кои се појавуваат во медиумите, Бугарија тешко може да биде прифатена како модел на држава членка на ЕУ, меѓутоа многу лесно може да биде препознаена како држава која и покрај отворената поддршка на Русија не трпи никакви последици од страна на ЕУ.

Во македонските медиуми изобилува од написи кои укажуваат на спремноста на Бугарија да се спротивстави на ЕУ кога станува збор за Русија.

На пример, на порталот Нова, под насловот “Радев: Бугарија нема да поддржи санкции против руското нуклеарно гориво, и ќе понуди гранична безбедност финансирана од ЕУ

Бугарија не може да прифати санкции против руското нуклеарно гориво, бидејќи тоа директно ќе влијае на енергетското снабдување во државата, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев во Брисел, каде што пристигна да учествува на вонредниот состанок на Европскиот совет, јави БТА.

Посредната поддршката на Русија може да се види во изјавата пренесена од страна на МИА:

По повод помошта за Украина, претседателот на Бугарија изјави дека преодната влада ја исполнила задачата поставена од Народното собрание, да обезбеди вооружување од резервите на бугарската армија.

Се надевам дека владата ќе покаже разум во иднина да не го дозволи ова. Тоа е крвава војна, сè помалку слушаме гласови за мир, слушаме повици за победа без никој да може да дефинира што значи победа

Негативното влијание кое Бугарија со ваквите ставови и изјави на претставници на државата, може да го има меѓу другите и врз С. Македонија, може да се изведе од серијата написи на Александар Андреев, главен уредник на редакцијата на бугарски јазик на медиумот Дојче Веле.

Руското влијание во денешните воени и многу драматични времиња во Бугарија предизвикуваат политички и економски и ментални зависности. Бугарија е земјата во ЕУ која најсилно зависи од испораката на енергенси, не само гас, туку и нафта и гориво за атомската централа Козлодуј. Друг важен економски фактор се 500 илјади руски туристи годишно и околу 50 илјади Руси кои имаат купено недвижности во Бугарија.

Бугарската армија, која е дел од НАТО, е во најголем дел опремена со оружје и опрема од советско време, а советските воени авиони МИГ се поправаат во Русија. Дел од денешните офицери со висок ранг во армијата се обучувани во поранешниот Советски Сојуз – и натаму се пријателски настроени кон Русија. Има дури примери како Организацијата на резервните офицери кои агресивно ја шират воената реторика на Москва. И старите зависности на тајните служби од времето пред 1989-тата не треба да се потценуваат. Поранешните соработници на комунистичката бугарска државна безбедност и натаму се активни во политиката и економијата. И безбројните шпионски скандали, кои на виделина исфрлија руски мрежи во Бугарија и предизвикаа протерување на руски дипломати, говорат сами за себе.

Во дел од медиумите се пренесени податоци од спроведена анкета во Бугарија, според кои не може да се занемари руско влијание во Бугарија. Постоењето вакво влијание во држава членка на ЕУ, во голема мера ја разнишува довербата на граѓаните на Северна Македонија во ЕУ стандардите и го враќа на дневен ред прашањето за тоа дали ЕУ е вистинскиот избор.

Уште повеќе, некои поранешни и сегашни политичари и самото вето кое Бугарија го има поставено за влезот на С. Македонија во ЕУ го поврзуваат со постоењето на руското влијание:

Во Бугарија има силно руско влијание, можеби тоа е причината што се однесуваат вака кон Македонија, вели Тодоров (21ТВ).

На порталот Вистиномер може да се прочита дека:

Повеќе релевантни извори од Северна Македонија и од Бугарија само во изминативе десетина дена дадоа изјави со кои директно или индиректно тврдат дека зад последното заострување на односите меѓу Софија и Скопје стои трета страна или трети страни, при што ги апострофираа „руската разузнавачка служба“ и „Руската Федерација“. Притоа, има мали нијанси околу таа таканаречена „руска рака“, па повеќето извори што ги споменуваме велат дека таа рака работи на двете страни од границата, додека дел од изворите се согласуваат дека активноста е повеќе во политичките и општествените кругови во Бугарија, отколку во Северна Македонија.

Според објавеното на порталот Прес 24, поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска размислува во иста насока:

Шекеринска смета дека бугарското вето е поттикнато од силното руско влијание во Бугарија. Според неа, ниеден Бугарин кој се смета за јавна личност, не излегол во јавноста да каже дека на Македонија треба да ѝ биде ставено вето.

Ова е во потполна контрадикторност со тврдењето кое доаѓа од страна на македонските политичари дека неприфаќањето на уставните промени кои треба да го отворат патот кон ЕУ ќе биде резултат на зајакнато руското влијание во С. Македонија.

На пример, изјавата на актуелниот министер за надворешни работи, Бујар Османи пренесена на порталот МКД.

  Ако не се направат измени на Уставот, тоа ќе е заради руско влијание, вели Османи.

Во секој случај, кон граѓаните се упатува порака дека во односите Бугарија – С. Македонија е инволвирано руско влијание, дека Бугарија е перципирана како држава во која има силно руско влијание и дека нема соодветна реакција од страна на ЕУ и какви било санкции за Бугарија поради ова.

 

Можни резултати од влијанието

Последиците од ова и вакво влијание кое Бугарија го има во С. Македонија можат да се лоцираат во растечкиот евроскептицизам на граѓаните на С. Македонија, непријателскиот однос кон Бугарија како соседна држава, меѓутоа и како земја членка на ЕУ, во ретроградните процеси поврзани со борбата со корупцијата и владеењето на правото, и во растечки национализам.

Најсилен ефект влијанието на Бугарија го има врз растечкиот национализам. Имено секој акт на негирање на идентитетот на Македонците, на историјата, самостојниот развој, посебната култура и традиција која се развивала на просторот на С. Македонија, вообичаено резултира со зголемување на националистичката реторика, затворање на заедницата и градење ѕидови кон промени кои се перципираат како загроза за идентитетските вредности.

Втори на удар се борбата со корупцијата и борбата за владеење на правото. Негативните искуства на Бугарија во нејзиниот развој како членка на ЕУ во голема мера ја дестимулираат оваа борба. Имено, граѓаните губат верба дека процесот на пристапување кон ЕУ и во текот на самото членување ќе овозможат и гарантираат справување со корупцијата (посебно онаа во високите ешалони на власта) и поголемо владеење на правото.

Трета на удар е поддршката на граѓаните за членување во ЕУ. Пролонгирањето на процесот на пристапување заради билатерални барања на Бугарија (често поврзани со историјата и минатото), нескриениот атак на самобитноста на македонскиот народ и посебно градењето на државноста и самостојниот развој, како и вметнувањето на историската компонента во преговарачкиот процес од страна на ЕУ, има директно влијание врз растечкиот евроскептицизам и дури и поттурнување кон алтернативни решенија во кои не е содржано идно членство во ЕУ.

Посебен аспект на влијанието има проруската ориентација на бугарското раководство во изминатиот период. Ова е специфичен аспект од гледна точка на влијанието кое Бугарија го има во С. Македонија. Од една страна, ова ја оддалечува С. Македонија од Русија, која во овој контекст се перцепира како сојузник на Бугарија и некој кој од позадина ги влече конците. Меѓутоа, во исто време може да значи и отворена врата за поголемо руско влијание (посебно преку индивидуите и групите поддржани од Бугарија, а кои наводно се борат за заштита на правата на бугарската етничка заедница во С. Македонија).

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција