ВМРО-ДПМНЕ ќе оди на редовен конгрес, а не на вонреден

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за одржување редовен конгрес на партијата на крајот на месец ноември. Одржување вонреден конгрес на 28 март, пак, организира Иницијативниот одбор во кој членуваат дел од поранешните високи функционери и сегашни истакнати членови на партијата

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за одржување редовен конгрес на партијата на крајот на месец ноември. Одржување вонреден конгрес на 28 март, пак, организира Иницијативниот одбор во кој членуваат дел од поранешните високи функционери и сегашни истакнати членови на партијата

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук дезинформира дека најголемта опозициска партија на крајот на март ќе има вонреден конгрес. Во постот е споделен текст со наслов:„ВМРО-ДПМНЕ оди на вонреден конгрес на 28 март во Скопје“, преку кој се пласира погрешна информација. Затоа што, вонреден конгрес закажа Иницијативниот одбор (фракција, група во ВМРО-ДПМНЕ), а не раководството и органите на партијата, кои, пак, донесоа одлука  да се одржи редовен конгрес на крајот на ноември.

За што, всушност, станува збор?

Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес, во кој членуваат дел од поранешните високи функционери и истакнати членови на партијата (меѓу кои ексградоначалниците на Аеродром, Дојран и Бутел – Ивица Конески, Борче Стамов и Петре Латиновски, како и Филип Петровски), на 10 февруари донесе одлука да закаже вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ за 28 март во Скопје

Според  членовите на Иницијативниот одбор, тие успеале да обезбедат поддршка од мнозинството делегати кои гласале на конгресот кога Христијан Мицкоски беше избран за претседател.

Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес, по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на сè уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски. Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување на меѓународна поддршка, се наведува во соопштението испратено до медиумите.

Истиот ден (10.02.2021) вечерта раководството на ВМРО-ДПМНЕ одлучи партијата да оди на редовен конгрес во ноември.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ по предлог на Извршниот комитет кој засеаваше уште пред два дена донесе одлука за оджување на редовен конгрес на партијата на крајот на месец ноември. Воедно ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери ќе бидат на терен по градовите и селата заедно со народот, изјави членот на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ Стефан Андоновски, пред седиштето на партијата, по состанокот на највисокото тело на партијата. (1,32 до 1,42 минута од видеото)

На прашање дали ЦК разговарал за иницијативата за вонреден конгрес во март, Андоновски рече дека ова е добра можност за прочистување на редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Централниот комитет за ваква иницијатива заседаваше уште пред неколку месеци и едногласно донесе одлука таа да биде отфрлена. И согласно со статутарните овластувања кои ги има и членот 29, став 4 од Статутот на ВМРО-ДПМНЕ. Централниот комитет и овој пат едногласно се задржа на принципиелно почитување на Статутот и статутарните принципи. Би сакал да истакнам дека ние за наш противник го имаме Зоран Заев и продолжуваме кон рушење на хибридниот режим на Заев. Сите граѓани ни се добредојдени во оваа борба и се надевам дека се поголем број ќе ни се приклучуваат, рече Андоновски. (од 2,55 до 4,03 минута од видеото)

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, го поддржа актуелниот претседател на партијата Христијан Мицкоски.

Пратениците ја даваат својата безрезервна поддршка на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на партијата, со заедничко и координирано дејствување да успееме што поскоро да ја поразиме актуелната власт, којашто не е дел од решението, туку е дел од проблемот на македонските граѓани, особено во делот на економијата, здравството и образованието, соопштија од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Истовремено, пратениците побараа да не се да не се злоупотребува Статутот на партијата од поединци или групи.  

Според Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, член 31, Централниот комитет е единствен надлежен орган за свикување и организирање вонреден партиски конгрес, за што е потребно поддршка да дадат најмалку 2/3 од членовите на Централниот комитет.

Од сето ова јасно се гледа дека регуларните партиски тела на ВМРО-ДПМНЕ долнеле одлука да има редовен конгрес во ноември. А, вонреден конгрес во март најави Иницијативниот одбор, што е различно. Во текстот, што е линкуван во постот што е предмет на оваа рецензија, преснесено е целото соопштение на Иницијативен одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, но намерно, заради собирање што повеќе кликови, е избран манипулативен наслов:„ВМРО-ДПМНЕ оди на вонреден конгрес на 28 март во Скопје“. А, ваквата информација, како што веќе кажавме погоре, не одговара со фактичката ситуација и е невистинита. Впрочем и еден од коментарите под постот е во насокана тоа дека се прави манипулација:

Тоа мериот партијата си праи конгрес.
Инаку, иницијативата за вонреден конгрес во ВМРО ДПМНЕ започна уште минатото лето по парламенатрните избори, откако поранешни, но и актуелни партиски функционери побараа смена на Мицкоски и избор на ново раководство.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција