ВМРО-ДПМНЕ: Инвеститори за туристички објекти

Ќе продолжиме со активностите за подобрувања на јавната инфрастуктура, спортските објекти, туристичките атракции, изградба на патеките и рекреативните центри околу езерата и другите слични објекти од значење за турзмот. Преку ниска почетна цена за земјиштето од 1 евро за квадратен метар, како и намалувањето на комуналиите за 95% од почетната вредност, ќе продолжиме со привлекување на инвеститори за хотели и други туристички објекти во Скопје, Охрид, Струга, Преспа и Дојран за езерскиот туризам и во Гевгелија, Битола, Крушево, Тетово и Пониква за зимскиот туризам и во многу други места. На брегот на Охридското, Преспанското и на Дојранското Езеро, ќе формираме Туристички развојни зони, каде по примерот на слободните економски зони ќе овозможиме градење на нови хотели и хотелски комплекси. За инвеститорите во тие туристички зони, кои ќе бидат отворени и за домашни и за странски инвеститори, и кои ќе треба да изградат хотели со 4 или со 5 ѕвезди, ќе овозможиме ниска почетна цена за земјиштето од 1 евро за квадратен метар, развиена инфраструктура до местото на градење, надомест за комуналии од само 1 евро за квадратен метар и ослободување од данокот на добивка за првите 5 години од отпочнување со работа на објектот, како и други поволности. Овој проект е возможен само доколку имаме добра соработка со локалната самоуправа. Ќе отвориме меѓународен јавен повик за светски реномирана архитектонска куќа, која ќе изготви долгорочен стратешки план за развој на Охрид и населените места на Охридското Езеро за наредните 20 години. Исто така ќе продолжиме со активности за решавање на статусот на детските одморалишта со цел нивна пренамена во хотели, мотели или хостели како составен дел од нашата туристичка понуда. [Рок: ноември 2012]

Образложение:

Отпочнат е проектот според кој се нуди државно земјиште по цена од 1 евро за квадратен метар и намалувањето на комуналиите за 95% од почетната вредност за изградба на хотели. Дополнително, во предлог законот за туристички развојни зони, што Владата го усвои во април 2012 година, се предвидува формирање на Туристички развојни зони. [Ажурирано на: 16.04.2012]

Собранието на РМ на 6 ноември 2012 година го усвои Законот за туристички развојни зони со кој се предвидува формирање на туристички развојни зони на брегот на Охридското, Преспанското и на Дојранското Езеро. [Ажурирано на: 20.12.2012]

Во Отчетот за сработеното на Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 2011-2014, во делот „ Туризам “,  е наведено дека досега   се утврдени  локации за 8 туристички развојни зони и тоа: ТРЗ Љубаништа 1, ТРЗ Љубаништа 2, ТРЗ Љубаништа 3, ТРЗ Калишта, ТРЗ Стар Дојран, ТРЗ Нов Дојран, ТРЗ Отешево, ТРЗ Стење. Дополнително во Берово и Крушево планирана е по една туристичка зона за кои во тек се активности за утврдување на локацијата и на опфатот.

За мерките на Владата во однос на овозможување на поволни услови за изградба на хотели и сместувачки капацитети, како што се 1 евро за квадратен метар за изградба на хотели и сместувачки капацитети и намалувањето на комуналиите за 95% од почетната вредност, во Отчетот се вели дека  ги даваат очекуваните резултати. Во периодот од август 2011 до февруари 2014 година од страна на Министерството за транспорт и врски и општините се отуѓени вкупно 74 локации за изградба на хотели, објекти за времено.

Според инвеститорите, има повеќе фактори кои влијаат на подемот на изградбата на хотели, но меѓу нив е одлука на Владата државните градежни парцели да ги продава со почетна цена од само едно евро за метар квадратен, па многу од најавените хотели ќе се градат токму на државно земјиште. 

Во август 2013 година, четири од шесте некогашни детски одморалишта на планините на крајниот македонски исток добија нови сопственици, две од нив веќе работат како реновирани туристички капацитети.    [Ажурирано на: 11.04.2014]

Имајќи го предвид сето ова, може да се каже дека ветувањето: „Инвеститори за туристички објекти“ е исполнето.

Линкови:

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција